Ревизија: Владата плаќала цела армија хонорарци за прес активности

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Два договори во вредност од 1,6 милиони евра се склучени без јавна набавка, а Владата е тужена дури во 99 судски спорови во вкупна вредност од 21,9 милиони евра, утврди државниот ревизор

Владата анагжирала лица со авторски договори преку агенција за интелектуална сопственост, иако работите и работните задачи не подразбираат креирање на авторско дело согласно законската регулатива, не е склучен договор со Службата за општи и заеднички рбаоти (СОЗР) за определување на видот, обемот, квалитетот, висината на надоместокот, рокот и начинот за извршување на услугите кои Владата ги користи во текот на годината, за градежниот објект во кој Владата ги извршува тековните активности, не е обезбеден документ за правото на користење, се дел од забелешките што ги наведува Државниот завод за ревизија во извештајот за ревизијата на финансиските извештаи за 2021 година на Владата на РСМ.

Меѓу другото, ревизорите утврдиле дека кај дел од постапките за јавни набавки има недоследности во начинот на планирање, спроведување и реализација, поради што за дел од истите се започнати постапки пред надлежни органи.

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири за кого се води судска постапка за склучен договор за консултантски услуги без јавна набавка, беше „детектиран“ и од страна на Државниот завод за ревизија кој исто така утврди дека два договори во вредност од 1,6 милиони евра се склучени без јавна набавка.

Едниот договор се однесува на длабинско снимање на работењето на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост. Според договорот тоа подразбира физибилити студија, проценка на вредноста на системот на акционерското друштво, со идејно решение на системот за контрола, а вредноста на договорот е 795.000 евра.

Другиот договор е за консултантски услуги за поддршка на Владата во процесот на потенцијална приватизација на „Железници на Република Северна Македонија – Транспорт“, и овој договор е 772.400 евра.

„Од извршениот увид во приложената документација, ревизијата ги констатира следниве состојби: одговорното лице на Генералниот секретаријат ги склучил договорите без да спроведе постапка за набавка согласно Законот за јавните набавки; во текот на 2021 година по двата договори исплатени се 1,3 милиони евра. (…) За наведените договори поведена е истражна постапка„, пишува во ревизорскиот извештај.

Во однос на постапката, како што велат од ДЗР, нивното мислење не е квалификувано за исходот. Но оттаму потенцираат, дека Владата се јавува како тужител во 16 постапки во вкупна вредност од 16,7 милиони евра и дека таа е тужена дури во 99 судски спорови во вкупна вредност од 21,9 милиони евра.

„Обрнуваме внимание на постоење на неизвесност во однос на исходот од судски постапки кои се во тек, во кои Владата е тужител или тужена страна, чиј исход може да има влијание на финансиските извештаи на Владата во идниот период“, пишува Државниот ревизор.

Што се однесува до владината Програма Мерки за справување со ковид-19 кризата, утврдено е дека се исплатени 6.097.000 илјади денари без утврдени критериуми во однос на избор на институции и износот на одобрените неповратни финансиски средства, при што 33% од примателите на средствата немаат доставено извештај за реализираните активности до Владата.

Исто така, утврдена е недоволна кадровска екипираност на внатрешната ревизија, што влијае врз бројот на извршени ревизии во текот на годината, акциите во Еурокомпозит не се дел од евиденцијата во Владата.

Во однос на исплаќањето авторски хонорари, Генералниот секретаријат во 2021 година исплатил средства за ангажирање на 77 лица врз основа на авторски договори во текот на целата година, во вкупен износ од 22.807 илјади денари. Притоа е утврдено дека лицата се ангажирани врз основа на добиена согласност од МФ, при што само за 6 лица добиена е согласност за ангажирање на лица со авторски договори, додека за останатите 71 лице согласноста за обезбедени средства од МФ се однесува на ангажирање на лица со договор на дело, а 31 лице се ангажирани за реализација на прес активности, медиа мониторинг, фотографирање на настани, монтажа на видеозаписи, графички дизајн, изработка и објавување содржини и информативни видеоматеријали на социјални медиуми и како техничко лице за тон и видео за техниката во Владата, кои активности согласно член 12 став 2 од Законот за авторското право и сродните права се сметаат за авторско дело. За овие лица во текот на 2021 година исплатен е надоместок во износ од 11.321 илјади денари.

Од останатите 46 лица 27 лица биле ангажирани за изработка на разни видови на анализи на информации и податоци за потребите на Генералниот секретаријат и Владата и за нив се исплатени 7.391 илјади денари, 7 лица се ангажирани за превод од македонски на албански јазик и обратно, иако според Законот нивните службени преводи не се сметаат како авторско дело. За овие лица исплатени се 1.883 илјади денари. Четири лица биле ангажирани за изработка на компјутерска апликација за сервис, одржување и конфигурирање на информатички системи за потребите на Владата и 1 лице за кибернетска апликација за администрирање на информатичките технологии со консултации.

Генералниот секретаријат во 2021 година има склучено два договори за користење на правни услуги во вкупен износ од 850.000 евра, а и тие биле без јавна набавка. Склучен е Договор за изработка длабинска правна анализа на законската регулатива и целокупната документација во врска со оправданоста на можно инвестиционо вложување во странство во износ од 350.000 евра, како и Договор за правни услуги во врска со развивање на Проект за доделување на концесија за користење на вода со основање на компанија за заедничко вложување во кое ќе учествува Владата и приватен инвеститор, во износ од 500.000 евра.

„Од извршениот увид на документацијата на овие договори, ревизијата констатира дека истите се склучени без да се спроведе постапка за набавка и покрај тоа што правните услуги согласно член 23 од Законот за јавните набавки не преставуваат исклучоци за кои одредбите на овој закон не се применуваат“, дециден е ревизорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот