Решение за Универзална сала сѐ уште нема, се распаѓа и тоа што беше реконструирано

Фото: Слободен печат

Руинираната Универзална сала, оградена со лимени огради, претставува тажна слика на она што некогаш беше – култен објект каде што се случуваа сите културни настани и концерти битни за скопското живеење. Разрушениот објект на салата е оставен без никакви градежни активности речиси две години, а нема никаква најава дали и кога ќе продолжи нејзината реконструкција. Досега сите најави, договарања и преговарања, кои се случија уште минатата есен, немаа некаква завршница.

Цели осум години Универзалната сала, еден од симболите на Скопје, е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата, откако почнаа да паѓаат делови од таванот и се увиде дека ѝ е неопходна целосна реконструкција. Обновата започна на крајот од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, а запре кога раководството со градската администрација го презема Данела Арсовска, поради тоа што, како што рече, проект имал грешки и не бил безбеден.

Оттогаш досега работите не се мрднати од „мртва“ точка. Иако Од Град Скопје имаше најави дека се направени измени во проектот, градоначалничката на неодамнешниот брифинг со новинарите посочи дека измените сега се прават според забелешките на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Арсовска објасни што се случувало со проектот, кој му беше дониран на Град Скопје и кој го одобрил Советот за реализација, а таа подоцна не го потпиша сметајќи дека е небезбеден.

Советот на Град Скопје го изгласал проектот, спроведен е тендер, избран изведувач, кој излегол на терен и почнал да гради. На првиот состанок што го имаат, во јуни, јули, надзорниот орган увидува дека проектот не соодветствува со фактичката состојба на терен. Проектот е работен врз основа на снимка и архивски материјал за Универзална сала при изградбата. Снимката била само површинска, архивскиот материјал нецелосен, не дошле на лице место со геодет да измерат. И на еден од првите состаноци увидуваат дека има цела трафостаница што пречи на градбата, значи не можат да градат врз неа и на едно место каде што сметале дека има база, нема ни база ни темели. Потоа истото го констатираат на секој состанок. ИЗИИС не можел да гарантира за стабилноста на објектот, затоа што планираната тешка купола не може да стои на шест столба и го поништиле претходно даденото позитивно мислење. Потоа даваат ново позитивно мислење дека може да се прави куполата, ако има осум столба наместо шест – објасни Арсовска, посочувајќи дека не можела да потпише за да продолжи изградбата и во наредните години да стравува дали некој може да настрада.

За да продолжи изградбата според градоначалничката имало две решенија, кои таа им ги презентирала на советниците, чија обврска е на седница да изгласаат како понатаму ќе течат активностите околу салата.

Едното решение е да се измени проектната документација и тие повторно да ја гласаат, а второто е Министерството за култура да го доврши инвестициски објектот и да го врати на градот. Советниците не го прифатија второто решение и на седница на Совет гласаа против иницијативата поднесена од СДСМ да се предадат привремено ингеренциите на Владата за да го доврши објектот. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ таквата постапка ја сметаа за пораз на Градот, а од Левица истакнаа дека не е во ред година дена до парламентарни избори салата да се предаде на, според нив, делегитимирана Влада.

И така, Универзална сала си стои како руина и секојдневно пропаѓа и тоа што донекаде беше реконструирано. Арсовска вели дека проектантот го менува проектот според насоките на ИЗИИС, но од друга страна во однос на прашањето колку време би требало да се заврши објектот вели „од моментот кога ќе се најде решение за три четири месеци може да се заврши надворешно, а потоа ентериерот да се работи“, што значи дека решение сѐ уште нема.

Владата за реконструкција на Универзална сала на наменска сметка на Градот обезбеди два милиони евра. Според Арсовска ентериерот ќе чини уште околу пет милиони евра, кои Градот ги нема. Тие пари исто така ќе треба да ги обезбеди државата, па затоа е сосема нејасно зошто советниците не дозволија објектот да го доврши Министерството за култура, кога Град Скопје не може да обезбеди толку пари за еден проект.

Инаку, во Универзална сала како институција моментално се вработени 26 луѓе, кои изминативе години се сместени во простории на градската библиотека и работат на проекти и организираат настани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот