Рецептот на д-р Вучи ги лечеше сите „рани“

А да баталиш баскет и да почнеш да си пешачиш, беше родителскиот, грижлив совет додека го третираше мојот помодрен скочен зглоб, како последица од рекреативно играње баскет. Доктор Вучи, како што го викаше целиот спортски „свет“ од земјава и пошироко, беше секогаш и секаде тука! За сите. Ако треба, и на полноќ!

Завчера, на 87 години, почина проф. д-р Милош Вучидолов, основополжник на спортската медицина во Македонија. Добитник на многубројни признанија, на државната награда „8 Септември“ за животно дело и други. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1963 година, а докторираше во 1992 година на Факултетот за физичка култура, каде беше редовен професор до неговото пензионирање во 1998 година. Неговата експертиза, покрај спортската медицина, беше и спортската исхрана и допингот.

На доктор Вучи не му беше тешко во својот кабинет на Факултетот, на креветот за пациенти, покрај бирото каде што стоеја индексите на студентите, да третира не само спортисти, туку и пријатели, познаници и пријатели на пријатели. Неговото искуство од најголемите спортски натпреварувања беше непроценливо. Секогаш го имаше вистинскиот рецепт да залечи. Не само физички повреди, туку и оние другите – психичките „рани“, кои некогаш се потрауматски. Сознанието дека подолг период ќе се отсуствува од теренот е болно за секој спортист кого го очекува рехабилитација. Во таков момент, потребна е благост во утехата, но и авторитет да се верува во „рецептот“ на лекарот, кој гарантира дека спортистот ќе се врати уште посилен, доколку типот на повредата го дозволува тоа.

При секоја средба со него, ни раскажуваше анегдоти од неговото богато лекарско портфолио, почнувајќи како селски лекар, па до учествата на олимписки игри, од 1984 до 2004 година. Ги паметам приказните за „топењето на килограми“ во кратки временски отсечки во сауните. Бирањето категорија во која ќе настапи спортистот, во зависност од конкуренцијата, беше дел од тактиката на тренерите, која беше неспроведлива без доктор Вучи. Чудесното симнување на високата температура на екс-ју борачот во грчко-римски стил, Рефик Мемишевиќ, е дел од малку познатите детали од епизодите „како се создаваа олимписките злата“. Вистинска уметност беше да се извади и максимумот од нашиот повреден олимписки шампион Шабан Трстена, кога со повредено колено и речиси со една нога стаса до финалето и среброто на Игрите во Сеул 1988 година. Само непосредните актери во ковањето на тие медали знаат колкав бил придонесот на докторот во остварувањето на најголемите успеси на македонскиот спорт воопшто.

Tи никогаш нема да умреш, бидејќи твојата спортска историја ќе остане да живее засекогаш во мојата спортска душа, напиша спортистот на векот Шабан Трстена. Како и во душите на сите негови роднини, соработници, колеги… Во душата на армија спортисти. Вечна ти слава, докторе!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот