Разоткриен дополнителен имот на Груевски – станови препишани на мајката Надежда и на секретарката

Основното јавно обвинителство од утрови ги чешла становите кои како дополнителен имот се откриени во истрагата за плацевите на Водно на поранешниот премиер Никола Груевски кој речиси две ипол години е во бегство и живее во Будимпешта со унгарски азил. За новооткриените  недвижности постои основано сомнение дека се купени со пари на членството на ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за стан на име на една од неговите секретарки, чиј идентитет ОЈО не го открива, но оттаму само соопштија дека извесната госпоѓа не го поседува реално станот, туку е само потписник на сопственоста која само фиктивно ѝ припаѓа.
Досега е познато дека двата станови на Груевски на улицата „Бихаќка“ гласат на име на неговата мајка Надежда, а покрај нив, таа поседува и стан во Аеродром и стан во Капиштец.

Во рамки на истрагата за плацевите на Водно, купени со пари од членството на ВМРО-ДПМНЕ, екс премиерот Никола Груевски е првоосомничен, а купопродажбата на луксузните објекти е извршена преку фирмата на неговиот поранешен кум Ристо Новачевски кој е третоосомничен во овој случај. Истрагата за перење на пари ги товари и Сашо Мијалков и Орце Камчев како второ и четвртоосомничени, поради што пред две недели во притвор се најде и богатиот бизнисмен. Неговата мајка Ратка Камчева е исто така меѓу осомничените во случајот.

„Пари кои му биле доверени во работата како претседател на една политичка партија ги присвоил за себе или дел од тие пари со тоа што донации од физички и правни лица не ги пријавувал во извештаите и нели секоја партија мора да има список на донатори на физички и правни лица. Дел од физичките и правни лица вопшто не се во списокот на донатори,а донирале средства за партијата“, рече обвинителката Вилма Русковска кога пред повеќе од една година го презентираше случајот во јавноста.

Според наодите на обвинителството, Груевски успеа преку донациите за партијата да собере 1,3 милиони евра и тоа во периодот од 2006 до 2012 година. Потоа во периодот од октомври 2012 до септември 2013 со овие пари ги купил плацевите.

„Второосомничениот Сашо Мијалков, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање“, соопшти тогаш Основното јавно обвинителство.

Во Скопје била основана ќерка фирма чиј управител е Ристо Новачевски. Од таа сметка биле исплатени парите на сопствениците за земјиштето на Водно од 11 илјади метри квадратни. По објавувањето на „бомбите“ во 2015 година од страна на тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев и прислушуваниот разговор дека Груевски купил скапи плацеви, сопственоста е пренесена на фирма на која управител бил Орце Камчев, а сопственик неговата мајка.

За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот, тие донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785 м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста, плацевите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажна цена.

Претреси во станот на Миле Јанакиески во Прилеп и во станови на Груевски во Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот