Разобличување на антиродовите дезинформации: Да им дадеме глас на оние кои го немаат

Фото: „Слободен печат“

Во пресрет на 31 март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, во Јуроп хаус – Скопје денеска беше организирана дебата на тема „Разобличување на антиродовите дезинформации“.

Настанот, како што велат од Јуроп хаус, произлезе од стратешките определби на Делегацијата на ЕУ за зајакнување на локалните заедници во справувањето со штетното влијание на антиродовата дезинформациска кампања.

Воведно обраќање на настанот имаше евроамбасадорот Дејвид Гир кој истакна дека во свет на големи промени, економски и социјални несигурности, насилство и предизвици, во време на војна на европскиот континент разбирливо е дека треба да се организираат јавни настапи за тоа што значи да бидеш човек.

– Антитранс или антивоук движењата сега се глобален феномен, при што креираат тензии и ги напаѓаат ЛГБТ+ луѓето. Ретко се говори и за тинејџерите кои извршуваат самоубиство и оние кои живеат под притисок, бидејќи се чувствуваат поразлично. Не се адресираат ниту проблемите на оние кои се малтретирани на училиште или на работа. Не се споменуваат ниту трансродовите лица кои растат во трансфобично општество, не само во оваа земја, туку и во Европската Унија, изјави Гир.

Според него, потребно е да се организираат повеќе дебати, а луѓето треба да научат да комуницираат меѓусебно и да го слушнат другиот што има да каже.

– Треба да се слушаме меѓу себе, но и да им дадеме глас на оние кои го немаат, да градиме мостови и општество без предрасуди, порача тој.

Дебатата ја продолжија Мила Царовска, извршна директорка на ХЕРА, Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција Маргини и Мери Јордановска, истражувачка новинарка од новинаската агенција МЕТА.

По повод Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица денеска се организира и марш, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот