Разговор со Небојша Јовановиќ: Фестивалот „КинеНова“ има благородна и многу чувствителна мисија

Небојша Јовановиќ, директор на филмскиот фестивал „КинеНова“

Меѓународниот филмски фестивал „КинеНова“, чие осмо издание се одржува од 13 до 18 октомври во „Синеплекс“ во Скопје, предност за прикажување им дава на дебитантските филмови.

Филмските фестивали за публиката се можност да погледаат нови филмски остварувања и да откријат автори кои ги предизвикуваат нивните сетила. Најчесто публиката е фокусирана на програмата за време на одржувањето на фестивалот. Од другата страна се продуцентите кои во подготовката на фестивалот често размислуваат и работат во текот на целата година, а фестивалските денови се финална реализација на замисленото.

Во вторава ситуација веќе осум години се наоѓа Небојша Јовановиќ, директор на филмскиот фестивал „КинеНова“. Неговата мисија е уште посуптилна, имајќи го предвид програмскиот концепт на фестивалот.

Што е тоа што фестивалот „КинеНова“ го прави различен од другите филмски фестивали кај нас?

– Лично мислам дека „КинеНова“ се издвојува по многу нешта од мноштвото фестивали во Македонија и регионот. Ние не ги следиме продуцентско – дистрибутерските комбинаторики во однос на одбирањето на филмовите, ниту некакви лични ставови. Напротив, цврсто ги следиме поставените критериуми, да донесеме филмови кои носат посебен сензибилитет, имаат храбар пристап при обработката на темата и, секако, да се дебитанти. Многу се малку филмските настани каде централното место го имаат дебитантите, новите филмски создавачи. Ова е многу благородна и во исто време чувствителна мисија, затоа што се работи за млади автори на кои присуството и учеството на фестивалот неизмерно им значи. Така што не можете, а да не посветите максимално внимание за да не пропуштите некое добро дело или некој автор со голем потенцијал и талент.

Како краен одговор на вашето прашање за она по што „КинеНова“ е различен фестивал од другите би кажал дека тоа е константноста на давање предност и целосно внимание на новите автори од целиот свет, препознавањето во раните фази на потенцијалните филмски содавачи, кои ќе го менуваат и предводат светот на филмот како уметност.

Небојша Јовановиќ и српскиот актер Бранислав Лечиќ на отворањето на 8. „КинеНова“

Што е клучно за изборот на добитникот на фестивалската награда за особен придонес во филмската уметност?

– Има повеќе критериуми по кој фестивалскиот одбор ги разгледува предлозите за тоа кој може да ја добие оваа, веќе престижна награда. Еден од нив е филмскиот уметник да направил доволно филмски дела, кои опстануваат низ времето и кои оставаат трага на новите генерации филмски создавачи. Секако дека и еден од критериумите е дека овие филмски великани треба да имаат силна конекција со оние на кои им се обраќаат, а тоа е публиката. Па така, најчесто кога се работи за актери, тоа се филмски професионалци кои имаат особена харизма и кои со својот особен уметнички и човечки сензибилитет допреле длабоко до срцата на оние кои ја восприемаат филмската уметност кои тие ја создале.

Но, не е неминовно тоа да се актери. Секако дека нашата восхит и почит ја заслужуваат и друг вид на филмски создавачи, како што се режисерите. Затоа не случајно минатата година „КинеНова“ награди една од најзначајните европски филмски режисерки Илдико Ењеди, која изгради еден крајно невообичаен и само за неа препознатлив филмски ракопис.

Кои се основните критериуми за селекција на програмата, имајќи предвид дека станува збор за млади и речиси непознати филмски автори?

– Основно при одбирањето на филмовите е да имаат добра приказна која има своја доследна структура и доследен филмски јазик. Во овој случај со одбирањето на филмови за ваков тип на програма, составена од први или втори филмови, сепак, многу е важно и да имате деликатен пристап, а тоа значи да имате чувство и отвореност да го пронајдете или да го видите најдоброто во филмот и неговиот потенцијал, како и потенцијалот на режисерот. Значи, не е клучна продукциската вредност, туку напротив, приказната и нејзината оригиналност. Понекогаш дури треба да се занемарат одредени слабости, па дури и доследноста, доколку заради неискуство или со претпоставка за некакви комплицирани услови на продукција, резултатот во некои сегменти на филмот не е оптимален.

Оваа работа мене ми причинува особено задоволство, затоа што сметам дека е еден вид на визионерство. Да видите некаков квалитет дури и кога тој јавно и во пошироките кругови не е потврден. Не можам да опишам колкава чест ми претставува што за многу веќе етаблирани европски режисери, „КинеНова“ беше платформа за нивно и препознавање и промовирање во светот на филмот.

Веќе имаме автори кои беа „откриени“ и промовирани на „КинеНова“, ја добија својата прва награда на нашиот фестивал, а потоа со нивните нови филмови освојуваа најголеми награди на големите светски фестивали, како Карлови Вари, Локарно, Берлин и слично. Тоа се, на пример, храбриот руски режисер Кантемир Балагов, Шпанката Карла Симон, која минатата година ја освои наградата „Златна мечка“ за најдобар филм, потоа веќе прославениот бугарски тандем Кристина Грозева и Петар Валчанов и повеќе други автори.

Каков продуцентски предизвик е да се прави филмски фестивал кај нас, со оглед на ниската финансиска поддршка?

– Реализирање и градење на еден голем меѓународен филмски фестивал, како што е „КинеНова“, е неверојатен предизвик кој никако не може да се опише со зборови. Само страствен вљубеник во филмот како уметност може да ги издржи сите компликации и терети кои може да ги донесе реализацијата на еден ваков комплексен проект. Никогаш нема да можам да одолеам одново да го развиваме концептот на фестивалот и да ја збогатуваме неговата програма, а со тоа да придонесуваме за подобра филмска култура и индистрија во Македонија.

Искрено ја ценам соработката со домашните институции и морам да потенцирам дека во однос на фестивалот, ние имаме поддршка во секаква смисла од Агенцијата за филм, како и од сите традиционални поддржувачи, меѓу кои и странски фондации, амбасади, компании и слично. Моето искуство е навистина одлично и јас сум им благодарен. Она што во иднина треба да се направи е буџетите за филмските фестивали да се зголемат соодветно на зголемувањето на трошоците за живот, како што е тоа случај за филмските проекти.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 200, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот