Разговор со музичарот и продуцент Дориан Јовановиќ: Во основата на сѐ е желбата за свирење и за создавање музика

Групата „Стринг форсис“ го промовираше ремастерираниот материјал за албумот „Соголи ме“ на компакт-диск, а тој чин отвори можност за разговор со музичарот и продуцент Дориан Јовановиќ.

Музички продуцент на студиските албуми на групата „Стринг форсис“ е Дориан Јовановиќ, кој истовремено е и член на групата од самиот почеток и свири на повеќе инструменти. Периодот на намалени концертни активности поради пандемијата на коронавирусот Јовановиќ го искористил да преслуша стари снимени материјали и од тој негов ангажман во 2020 година се појавија пет албуми на групата снимени во живо, а беа објавени во дигитален формат.

Со албумот „Соголи ме“ процесот се одвивал во другата насока – албумот беше објавен во дигитален формат во 2017 година, а сега доби механички носач на звук, односно објавен е на компакт-диск.

Оваа седмица го промовиравте ремастерираниот материјал за албумот „Соголи ме“ на „Стринг форсис“ на компакт-диск. Имајќи предвид дека албумот дигитално беше објавен во 2017 година, од кои причини го направивте ремастерингот?

– На мене, како на музичар, секогаш ми е предизвик да се навратам на постар албум или материјал, од проста причина што секогаш времето го прави своето и истиот ќе го чуеш со нови уши и ќе имаш нови идеи. Оригинално, во 2017 година, кога го издадовме „Соголи ме“, тоа беше во пакет со поголема промоција, со концерт во МКЦ, со повеќе гости на сцена, и првпат решивме да направиме само дигитално издание, меѓу другото затоа што немавме финансии за механички носач на звук. Времињата се сменија, времето на механичките носачи си оди во историјата и музика на механички носач ќе стане одредена форма на езотерија (нешто што винилот веќе е), но носталгијата и опипливоста на форматот некако си има свое значење.

Но, тука е и другата страна на приказната, тоа што го спомнав погоре: можноста одново да се „посети“ материјалот и да се слуша со други уши, со растојание од три години. На почетокот идејата беше тоа да биде само ремастер, во смисла на нова глазура на постојниот материјал, за да биде посоодветен за цеде, но по пат тоа се претвори во потполно нов микс на материјалот. Затоа вистинскиот наслов на ова е цеде би требало да е „Соголи ме, повторно“ („Соголи ме, Revisited“) но, тоа мислам дека ќе беше премногу збунувачки за публиката, така што остана да биде „Соголи ме, ЦД-верзија“.

Како музичар секогаш ми е предизвик да се навратам на постар албум или материјал / Фотографија: Миладин Паповиќ

На еден од настаните што се одржаа по повод 30-годишнината од независноста на државата по подолго време групата имаше концертен настап во Куршумли-ан. Практично, на кој начин функционира и опстојува „Стринг форсис“?

– „Стринг форсес“ функционира како група, пред сѐ, но вонредната состојба во претходните година и пол имаше своја цена на групната работа. Ние бевме голема група, шест луѓе, и работата во студио стана комплицирана и некако премолчено сите оставивме времето да ни покаже кога ќе се вратиме на заедничкиот начин на работа. Во меѓувреме, јас го искористив тоа време да им посветам внимание на материјалите што низ годините сме ги снимиле на различни настапи, но никогаш немало време да им се посветиме и да видиме што точно има таму и дали вреди нешто да се направи со тоа. Оттаму произлезе серијата дигитални изданија на концертни снимки, кои што сега се достапни на нашиот бендкемп-канал (stringforces.bandcamp.com). Сега некако полека, меѓу другото поради настапот во Куршумли-ан, се враќаме на групната работа и најверојатно ќе следува нов материјал.

„Стринг форсес“ функционира како група, пред сѐ, но вонредната состојба во претходните година и пол имаше своја цена на групната работа / Фотографија: Петар Ивановски

Покрај тоа што се потпишувате зад продукцијата на петте студиски албуми на „Стринг форсис“, познато е дека сте мултиинструменталист, а покрај бас-гитарата и Чепмен-стикот свирите и на ут. Што е заедничко, а што е различно во начинот на свирење на овие жичени инструменти?

– Заедничко е што сите се жичени инструменти, „логиката“ е генерално иста, но инструментите се со многу различен карактер. Јас повеќе го доживувам тоа како промена на улога, при што глумецот е истиот. Би се спорел околу терминот „мултиинструменталист“, но тоа не е тема на овој разговор. Разликите, од друга страна, кои се најзабележливи на Чепмен-стикот, пред сѐ, во начинот на создавање на тонот се толку големи, што јас го доживувам како потполно различен инструмент, кој што нема никаква допирна точка со другите жичени инструменти, иако е жичен по природа.

Разликите во начинот на создавање на тонот на Чепмен-стикот се толку големи, што јас го доживувам како потполно различен инструмент / Фотографија: Александар Ников

На личен план неодамна ја добивте наградата „Војин Малиша Драшкоци“, која ќе ви биде врачена на 28 септември во Белград. За каков тип награда станува збор?

– Станува збор за награда за посебен придонес кон развојот на ворлд-музиката (world music) во регионот, посветена на нивниот познат музичар, контрабасист и едукатор, Војин Малиша Драшкоци. Востановена е во 2013 година, со цел да го инспирира, развива и популаризира полижанрот „музика на светот“, односно музичкото творештво и уметниците кои што посветено создаваат музика инспирирана од и во духот на традиционалната музика. Меѓу другите добитници на истата награда тука се и за нас познатите Влатко Стефановски и Васил Хаџиманов.

Добрила и Дориан дуо / Фотографија: Дина Дума

Некако паралелно со работата со „Стринг форсис“, пред извесно време Скопје џез-фестивал го објави албумот „Апокриф“ на Добрила и Дориан дуо, а сте дел и од бендот „Чалгија саунд систем“. Од каде ја црпите енергијата и со какви желба и ентузијазам пристапувате во работата со сите овие состави?

– Во основа е желбата за свирење, желбата за создавање музика, на настап или на проба или кога вежбаш… Ентузијазмот е неверојатно издржлив, пред сѐ, затоа што она што се враќа те прави неизмерно задоволен, но никогаш доволно од тоа. Од друга страна, не е ни статично, постојано се менува перцепцијата, можностите, начинот… и така самото на себе си дава сила, нешто како перпетуум мобиле.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Видео на денот