Разговор со Ана Костадиновска, професорка по пеење и придружен вокал: Загубив важни личности за кратко време, изгледот вешто ја прикрива тагата
Ана Костадиновска, професорка по пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, за само три години ги загуби своите најблиски личности. Во февруари во 2022 година почина нејзиниот сопруг Бобан, по само неколку месеци тешко боледување. Нешто повеќе од една година потоа, во јули во 2023 година таа го загуби татка си, легендарниот композитор Кире Костов, кој почина на 75 години. На 16 март годинава, Ана остана без својата втора сестра, професорката по пијано Сара Пројковска, со која долги години ја делеа сцената како придружни вокали, а приватно беа како семејство. Свое второ семејство, Ана секогаш ги нарекува членовите на групата „ДНК“, кои загинаа во трагичниот пожар во Кочани. Владимир Блажев-Панчо, кој таа го нарекуваше „братче“, почина на 14 октомври, по седуммесечно лекување во болница. Тешко беше враќањето на сцената за Костадиновска, а еден од најемотивните концерти за неа беше токму оној, посветен на нејзиниот татко Кире Костов, „Летај галебе“, кој се одржа на 11 ноември во Скопје.
Препорачано
– Концертот за мене беше, со еден збор, магија. Совршен спој на знаење, љубов и енергија, изведени од врвни музичари и отпеани беспрекорно. Музичката магија совршено ја надополни сценариото на Маја Бабиќ, раскажано од Живкица Каленикова и Огнен Јанески, тонската слика на Миодраг Нечак, убавината што на сцена ја донесе „ДВД 5“ и сето тоа допрено со волшебното стапче на Дејан Пројковски – вели Ана за „Слободен печат“, која за татко ѝ има најубави и најнежни спомени.
– Татко ми беше неверојатно топол човек. Ширеше посебна енергија и спокој, уживање ми беше секој миг поминат покрај него. Приказни имам многу, беше човек што секое слободно време го минуваше со нас. Нема да ги заборавам нашите одмори, долги прошетки и анализи што траеја до бесконечност. Секојдневно му благодарам на Бог што растев покрај таков човек – раскажува Ана.

Концертот го иницираше нејзината мајка Кармен Костова, пензионирана професорка по пијано која ги избра најважните песни од својот сопруг и со многу љубов ги избра пејачите што ќе ги пеат. Кармен Костова е издавач и на монографијата „Летај Галебе“ посветена на Кире Костов, од авторите Снежана Чадиковска-Анастасова и Марко Коловски.
– Моите родители сѐ до денес ми се синоним на искрена, длабока и чиста љубов. Онаква каква што среќаваме само во приказните. Уживав да ги гледам еден покрај друг, како се претопуваат еден во друг небаре се една душа во две тела – вели Костадиновска.
Освен мајка ѝ, нејзината голема поддршка се и ќерка ѝ Марта, сестра ѝ Нина која е пијанистка и професорка, внуката Елена и нејзините ученици.
– Да, вистина е дека загубив многу за мене значајни личности во релативно кус временски период. Но, сакам да верувам дека сум била почестена и привилегирана, макар накратко да ги имам покрај себе. Да, знам што е вистинска љубов, прекрасен родител и сестринско другарство. Свесна сум колку е значајно, но и убаво да искусиш токму ваква убавина. Ова се зборовите што често ѝ ги кажувам на мојата ќерка, сакајќи да ја научам да не се задоволува со ништо помалку во иднина – ни рече Ана.

Без тандемот Сара и Ана, или Ана и Сара, не можеше да помине речиси ниту еден концерт или поважна манифестација кај нас. Ана со тага во срцето, гордо продолжи да пее без својата втора половина. Првиот настап ѝ беше со Каролина Гочева на концерт во Валандово. Нејзиниот и микрофонот на Каролина беа блиску еден до друг, без да се направи голема разлика помеѓу главен и придружен вокал, што беше еден од најемотивните моменти на тој концерт.
– Сара беше прекрасна личност, жена-светлина. Секој миг поминат со неа ми ја грее душата. Тука е и секогаш ќе биде, сѐ додека дишам и постојам. Пеењето секогаш ми било единствен лек за секоја душевна болка. Но, секако не беше лесно враќањето на сцена. Среќна сум дека се случи покрај Каролина, која беше можеби единствениот човек покрај кој беше можно да запеам во тој момент. Таа е моја и на Сара долгогодишна пријателка, со која имаме навистина посебна врска – вели Костадиновска.
– Другарите од „ДНК“ се моето второ семејство и ќе бидат засекогаш. Нашата приказна беше најубава во секој сегмент од нашето заедничко делување – се сеќава Ана на членовите на „ДНК“.

Кога се договаравме за интервјуто, таа замоли да зборува онолку колку што има сила и да не се навраќа на ноќта на пожарот.
Животот на Ана сега е нејзината ќерка, нејзиниот миленик што често го објавува на социјалните мрежи, семејството, пријателите и учениците што многу ги сака.
– Ана кога не пее е мајка на Марта, личност што ужива покрај своите ученици и социјалниот живот. Многу си ја сакам работата. И многу си ги сакам учениците. На час сакам да ги научам, пред сѐ, да веруваат во себе, да знаат колку вредат и да уживаат во професијата што ја одбрале. Прекрасни се сите до еден. Сакам да ја поздравам иницијативата на училиштето да се воведе предметот „Џез и популарна музика“ и воедно да најавам еден куп проекти од мене и моите ученици во иднина.
Ана освен што е квалитетен вокал, е духовита и забавна личност, популарна кај своите колеги и пријатели. Со вежбање и здрава храна ја одржува линијата, а на комплиментот дека одлично изгледа, таа кусо одговара: „Изгледот вешто ја прикрива тагата и ме радува ако е така“.


