„Разбистри се“: Без добри процедури, инспекторите џабе ги ловат загадувачите

Нискиот степен на процесуирани случаи на загадувачи во правосудниот систем е поврзан со неусогласеност на актите и процедурите помеѓу Инспекторатот за животна средина и актите на државната управа. Предложениот нов закон за инспекција во животната средина треба да предвиди стандардни оперативни процедури и листи на проверка, според светски искуства, бидејќи без тоа нема ефикасен инспекциски надзор во животната средина, ниту пак судски епилог за загадувачите, сметаат од Граѓанскиот Инспекциски совет, неформално тело за мониторирање на работите во областа на заштитата на животната средина, формирано во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри Се“ на ИКС.

Направената студија открила некоординираност на инспекцискиот надзор и слаба соработка помеѓу инспекторите за животна средина на централно и на локално ниво кои се причина за слабата казнивост на загадувачите и на другите прекршители на законите од областите на заштитата на животната средина и слабата транспарентност и отчетност на инспекторите.

– Поради ова, досега многу малку загадувачи биле казнети, а обвинителството ги отфрла предметите за големите загадувачи, застанувајќи така во заштита на крупниот капитал. Ако тоа не се предвиди во овој предлог закон, таа пракса ќе продолжи и секогаш ќе има изговори зошто не се процесуираат загадувачите на животната средина. Ваквото законско решение нема ниту вградени механизми на соработка со државните органи со цел детектирање на потенцијална корупција за која сме свесни дека постои, но треба да се докаже, вели Кирил Ристовски од „Флорозон“, член на Граѓанскиот Инспекциски совет.

– Предложеното законско решение ги претвора инспекторите во бирократи, администратори, од нив се бара да водат политики, да пишуваат стратегии, иако нивната најважна работа е онаа на терен, да ги ловат загадувачите, вели Лилјана Поповска, од Зелен Институт.

Според Поповска, неопходен е активен граѓански контролен механизам и тие предлагаат веќе формираниот Граѓански Инспекциски совет да стане постојан орган со кој јавноста ќе ја контролира работата на инспекцијата за животна средина.

– Предложениот закон не предвидува средства за техничко доопремување без кое нема напредок во инспектирањето во животната средина ниту контролни механизми над работата на инспекторите во насока на контрола на корупцијата, рече Жарко Хаџизафиров, правен експерт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот