Радијаторите „течат“ доколку не се одржуваат редовно

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Неколку десетици згради секојдневно се исклучени од системот за централно греење поради некој дефект во внатрешната инсталација. Најчесто станува збор за течење од радијаторите или за проблеми со потстаницата, дефекти чие отстранување е обврска на сопствениците на станови и на заедниците на станари. Од „Балкан енерџи груп“ велат дека дефектите се случуваат независно дали станува збор за стара или за нова зграда, односно дека може да се случат во кој било објект што е приклучен на системот за централно греење во кој не се одржува грејната инсталација.

Навременото и редовно одржување  на внатрешната грејна инсталација може значително  да го намали ризикот од дефект. Во таа насока неопходна е редовна проверка на внатрешната грејна инсталација. Според законските одредби потрошувачите се одговорни за одржувањето на внатрешната грејна инсталација. Потрошувачите се грижат за функционалноста и исправноста на внатрешната грејна инсталација самостојно или со ангажирање на компании или стручни лица кои се занимаваат со одржување системи за греење – објаснуваат од БЕГ.

Радијаторите во становите треба редовно да се проверуваат, а по одреден број години и да се заменат. Од БЕГ тврдат дека нивната трајност зависи пред сѐ од условите на одржување.

Доколку потрошувачот ја одржува техничката и функционалната исправност на грејната инсталација, таа може да трае минимум 10 години, во зависност од производителот, како и од условите на одржување – нагласуваат од „Балкан енерџи“.

Честопати во колективните згради во кои има многу станови се случува станарите со денови да останат без греење, затоа што сопственикот на станот каде што се појавил дефектот не се брза да го отстрани, најчесто затоа што не живее во него. Во таков случај, обврската да се реши проблемот е на Заедницата на станари, затоа што во колективните згради важат и одредени правила на заедничко живеење.

Согласно со Законот за домување, одржувањето на внатрешната грејна инсталација е обврска на потрошувачите. Доколку кај некој корисник се јави течење, а не може да се изолира, треба да се затвори топлинската станица и да се испразни водата од инсталацијата за да се спречи поголема штета. Внатрешната инсталација е заедничка за сите или за дел од потрошувачите (таму каде што има повеќе топлински станици) во еден објект. Радијаторите се поврзани преку систем на цевководи со топлинската станица и затоа кога таа е затворена, ниту еден потрошувач нема греење – велат од БЕГ.

Оттаму додаваат дека доколку Заедницата на станари обезбеди пристап, може да побара техничка помош од „Мој сервис“ во БЕГ, кој нуди сервисни услуги и решавање проблеми со внатрешната грејна инсталација. Секако граѓаните можат да се обратат и до други сервиси што работат на отстранување на ваквите дефекти.

Доколку една зграда подолг период е исклучена од системот за греење, потрошувачите што парното го плаќаат на 12 рати, нема да добијат пониски сметки следниот месец, туку порамнувањето на сметките ќе се изврши во мај, јуни и јули наредната година во согласност со разликата од авансираниот и реално потрошениот износ.

Колективните станбени објекти во топлинската станица имаат уред за мерење на потрошената топлинска енергија (калориметар) каде што се регистрира потрошувачката на топлинската енергија. Кога системот е исклучен, на мерилото не се регистрира енергија. Потрошувачите кај кои фактурирањето се врши во 12 месечни фактури, добиваат авансни фактури за периодот од август до април следната година. За месеците мај, јуни и јули 2021-та, овие потрошувачи ќе добијат фактури во кои е извршено порамнување (порамнителни фактури) – велат од БЕГ.

Висината на порамнителните фактури е различна за секој објект и зависи од карактеристиките и од енергетската ефикасност на објектот што се грее и од количината на испорачана топлинска енергија регистрирана на мерилото.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот