Работат на минус десет степени на Шара, а 10 години им доцнат плати и се без здравствено осигурување, генерален штрајк на тетовски комуналци

Фото: Слободен печат

Вработените од секцијата „Водовод и канализација“ при „ЈКП Тетово“, утринава стапија во генерален штрајк, откако како што велат, од надлежните во неколку наврати добиле ветувања дека ќе им се исплатат заостанатите плати.

Вработените кои се со договор на дело не зеле плата три ипол, а тие со решение два ипол месеци.

Доцнењето на платите е стар проблем една деценија, а за овој период здравствено осигурување ни плаќаат само неколку дена од месецот. Добро е што Господ не чува, велат вработените.

„Осигурување имаме 5 дена на крајот од месецот. Ние нема да излеземе на терен додека не ги земеме платите наши што ни следуваат, не бараме покачување, не бараме плус тоа што не може да се реализира, туку бараме тоа што ни следува. Доста е веќе со лажење, ќе има овој месец ќе има тој месец. Господ ни помага без здравствено осигурување, десет години сме без здравствено. Не дај боже да се случи некој голем дефект на водоводот, знае и градоначалникот на – 10 степени сме работале на Шар Планина за овој народ, за овој град да има вода, вели вработен во секцијата „Водовод и канализација“ при „ЈКП Тетово“.

Фото: Слободен печат

 

Генералниот штрајк го подржуваат сите вработени на секцијата „Вододовод и канализација“ при „ЈКП Тетово“. Има над 80 вработени. Утринава добиле ветување дека од вторник ќе им се исплати една плата.

Градската водоводна мрежа е стара 70 години, има стотици дефекти годишно, но и да се случи хаварија на новиот водоводен систем на Шар Планина, што е честа појава во зимскиот период, нема да излеземе да го санираме, категорични се вработените.

„Водата е стратешки ресурс и ова се стратешки работници, затоа не треба да има вакви проблеми со доцнење на плати. Дополнително и системот едвај го одржуваме, се соочуваме со големи тешкотии, не излегуваме на терен па макар и да се појави дефект на новиот водовод, на тој став ќе останеме додека не ни се исполнат ветувањата, кои досега безброј пати сме ги добивале од надлежните“, додаде друг вработен на секцијата „Водовод и канализација“ при „ЈКП Тетово“.

Од раководството на секцијата „Водовод и канализација“ ни изјавија дека вработените кои се со договори ќе ги добијат сите заостанати плати од општинскиот буџет, но моментално настанале некои технички проблеми со жиро- сметката на општината.

„Ние сме во процес на исплата на платите, самата одлука на Советот на Општина Тетово за исплата на 25 милиони денари за обврски кон вработените со договор на дело, нас ќе ни олесни во делот на исплата на работниците кои се со решенија. Ние сме во добра насока на решавање на тој проблем и се надеваме дека за месец до два ќе го решиме тој проблем. Постепно се исплаќаат договорците. Вие знаете дека со жиро-сметката на општинатa имаме проблем и имаме проблем со трезорот кој сега поради празниците не работеше и тука се јавува еден мал проблем, тоа се институционално – технички проблеми, кои ќе се надминат, велу Љулзим Шаќири раководител на секцијата „Водовод и канализација“ при „ЈКП Тетово“.

Фото: Слободен печат

Тој додаде дека со поделбата на „ЈКП Тетово“ процес кој веќе е започнат и поминат на Седница на советот, ќе се решат горливите финансиски проблеми на претпријатието. Од „ЈКП Тетово“ ќе се одвојат два правни субјекти, „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“ ,а Одделот за православни гробишта, „Паркови и зеленило“ и „Градски пазар“ ќе останат во склоп на старото претпријатие „ЈКП Тетово.“

„Стопанисувањето со одвоени правни субјекти ќе биде многу поедноставно, а со тоа и финансиското менаџирање ќе биде попрактично“, рече Шаќири.

Инаку вработените од секцијата „Комунална хигиена“ при „ЈКП Тетово“ пред еден месец во кругот на ЈКП Тетово преку штрајк го изразија револтот поради неисплатените плати. Некои како што рекоа не зеле плати за три, некои за четири месеци, а поради тоа се и без здравствено осигурување.

По протестот уште дента градоначалникот на Тетово Биљал Касами изјави дека неисплатените хонорари за оние со договор на дело ќе ги плати Општината. Тоа како што посочи ќе биде согласно одлуката од вонредната седница на Советот во ноември, кога беше донесена одлука со 400 илјади евра од општинскиот буџет да се исплатат заостанати хонорари.

За вработените со редовен работен однос ЈКП Тетово треба најде начин да ги исплати неисплатените плати, додаде тој.

Но, само една плата добија договорците од комунална хигиена, а нивните колеги од Водовод и канализација преку штрајкови од денеска ќе ги бараат платите за изминативе три месеци.

Штрајк на тетовските комуналци поради неисплатено здравствено осигурување: Работник останал без два прста, мора приватно да се лекува

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот