Првпат партиите ќе се борат за гласови, а не за права на Албанците

Вработувањето во државна администрација, правичната распределба на капиталните инвестиции и ветингот во образованието ќе бидат главните столбови на кои ќе се темели кампањата на албанските политички партии во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април следната година. Политичките аналитичари објаснуваат дека прашањата за двојазичноста и за употребата на националните симболи, веќе се апсорбирани и истрошени теми што нема да носат гласови. Според експертите, од лидерите на албанските партии овој пат се очекува да излезат со конкретни проекти, а не се исклучува можноста фокусот на нивната кампања да бидат нападите за криминал и корупција. Разни комбинаторики за евентуални коалиции деновиве постојано се прават во албанскиот опозициски блок, но засега, како што може да се заклучи од многубројните меѓусебни препукувања, лидерите на албанските партии се далеку од моментот на подавање рака.

Нов фокус

 

Поранешниот пратеник Насер Зибери посочува дека албанските партии во наредниот период најмногу ќе се фокусираат на образованието, но и на квалитетот на застапеноста на Албанците во јавниот сектор.

– Во однос на двојазичноста веќе не постои простор за маневрирање, бидејќи и владејачките и опозициските партии веќе гласаа за Законот за употреба на јазиците. Можно е да се отвори дебата единствено околу фамозниот извештај на Венецијанската комисија, но главниот фокус сепак ќе биде ставен на некои други теми. Најважно прашање ќе биде какво образование добиваат учениците Албанци, но и каков кадар предава во високообразовните установи. Тема ќе биде и начинот на кој се трошат државните пари, како и дали има рамномерен регионален развој, односно дали се инвестира еднакво во сите делови на Македонија. Потоа, сигурно ќе се зборува и за квалитетот на застапеноста на Албанците во јавниот сектор и тука е неизбежна ќе биде партизираноста на тој сектор. Секако, во кампањата на албанските партии ќе влезе и судството, но не со некој етнички предзнак, туку само за тоа како функционира правната држава и владеењето на законите – објаснува Зибери.

Аналитичарот Џелал Незири во интервју за Алсат-М вели дека двојазичноста во земјава веќе претставува потрошено средство за собирање гласови.

– Што се однесува до вработувањето на Албанците, мислам дека тоа е главно прашање што треба да биде во фокусот на политичките партии, не само како фразеологија, како реторика, туку со конкретни проекти – изјави Незири.

Вработувањето, правичната распределба на капиталот и ветингот во образованието, според Незири, се столбовите каде треба да се фокусира кампањата на политичките партии на Албанците.

– Да сносат одговорност за правичната застапеност на сите етникуми, вклучително и албанскиот, во сите институции, но и правичната распределба на државните финансии на регионална основа. Знаеме дека врз основа на регионалниот развој, капиталните инвестиции ги заобиколуваат регионите со мнозинство Албанци и тоа нормално ќе биде точка каде политичките партии ќе ветуваат дека ќе ја исправат оваа грешка. Покрај тоа, постои уште едно многу важно прашање поврзано со ветингот во образование. Имаме проблем со кадрите што ги произведува овој образовен систем, со луѓе вклучени во истиот образовен систем – истакна Незири.

Препукувања наместо примирје

 

Наместо да се постигне посакуваното примирје што го бараат одредени албански партии, сепак на терен продолжуваат да се случуваат секојдневни препукувања. Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, на пример, бара довчерашниот сопартиец, а сегашен лидер на Алтернатива, Африм Гаши, да се покае што ја напуштил партијата. Како што вели Касами, само во тој случај би можел да биде во иста коалиција со Гаши.

– Јас немам ништо лично со Гаши или со некој друг, но во моментот кога тој ќе сфати и кога ќе покаже жалење поради тоа што излезе од Движењето, ние ќе бидеме подготвени за соработка – рече Касами.

Од Алтернатива не беа достапни за да одговорат на прашањето дали нивниот лидер јавно ќе зажали за напуштањето на Беса, но како што посочуваат политичките аналитичари, токму ваквата остра реторика на Касами може да значи трајно закопување на надежта за евентуално обединување на албанската опозиција.

Единствена надеж засега дава само изјавата на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој рече дека е подготвен да коалицира и со Гаши и со Касами, но секако, оставајќи им простор на двајцата да се договорат за меѓусебната соработка.

Според политичките аналитичари, промени во албанскиот блок ќе се случат единствено ако опозицијата се обедини. Во спротивно, велат тие, сè ќе си остане по старо.

Поранешниот пратеник од НДП, Исмет Рамадани, предупредува и дека излезноста на албанскиот електорат ќе биде многу ниска ако биде поделена албанската опозиција.

– Сметам дека опозициските партии треба да излезат заедно на избори, бидејќи ако немаат подобра понуда од онаа на владејачките партии, тогаш Албанците тешко дека ќе излезат на гласање. Ако и на избори отидат вака поделени, нема да постигнат мобилизација на гласачите – вели Рамадани.

Владејачката СДСМ, според него, ќе ги задржи гласачите Албанци кои во 2016 година гласаа за оваа партија.

– СДСМ ќе ја има таа бројка, тие Албанци кои гласаа за нив веруваа во концептот што го понуди партијата, а кој гласеше „Едно општество за сите“ – објаснува Рамадани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот