Прва средба на Заев и Гаши, партиските ограни ќе ја носат конечната одлука

заев гаши
Средба Заев-Гаши / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Разговорите за влез на Алтернатива во Владата викендов се префрлаат на внатрепартиско ниво – во СДСМ, Алтернатива и останатите коалициони партнери, откако премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши по вчерашната неколкучасовната средба во Клубот на пратениците рекоа дека конечните одлуки ќе ги донесат во органите на двете партии, и оти разговорите продолжуваат наредната седмица.

Заев, по синоќешната средбата со Гаши, рече дека ќе побара од органите на партијата во вторник да биде свикан Централниот и Извршниот одбор за да се констатира неговата оставка и да почне постапката за избор на нов лидер.

Идниот лидер на СДСМ, според Заев, би требало да биде и идниот мандатар кој ќе ја состави новата влада.

За средбата со Гаши, Заев рече дека им биле соопштени условите под кои понатаму би продолжиле разговорите, и дека останува за време на викендот да размислат и во СДСМ и во Алтернатива, но и кај партнерите од владината коалиција.

– Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни. Продолжуваат разговорите следната седмица. Како нешто ќе утврдиме, така и ќе ја информираме јавноста, рече Заев.

За поделеноста на Алтернатива дали да се влезе во Владата или не, Заев, смета дека е логична, со оглед дека пред само недела дена беа во офанзива или определба да се собори владата.

– Но дефинитивно одговорноста пред државата ги исправува да бидат отворени дебатите и во органите и во телата на Алтерантива за идното нивно вклучување или опстојување како опозиција. Од тој аспект и СДСМ, а и сите други наши партнери ќе треба да ги разгледаме тие важни аспекти за коишто денеска разговаравме, кажа Заев.

Одлуката на Алтернатива, нагласи, на крајот може да биде да влезат, а може и да биде да на влезат.

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, по средбата со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, рече дека имале отворена дискусија за тоа како мнозинството ја гледа Алтернатива, но дека за двете опции кои се пред нив – поканата за членство во Влада или да остана опозиција, ќе дискутираат на органите на партијата врз основа на аргументи.

– Имавме отворена дискусија и јас сум убеден дека ќе ја донесеме најдобрата одлука за сите нас, изјави Гаши.

Алтернатива, нагласи Гаши, имајќи ја предвид сериозноста на политичката ситуацијата во земјата, има обврска да го види концептот на Заев на кој начин може да се надмине оваа криза и како мнозинствотото гледа на Алтернатива.

– Како претседател на Алтернатива, јас имам обврска да ги разгледам двете опции. Првата опција е приклучување на парламентарното мнозинство, а втората опција е да продолжиме со опозицијата. Двете опции ќе ги дискутираме на органите на партијата врз основа на аргументи, што е подобро за интересот на земјата, граѓаните, Албанците и секако на Алтернатива, изјави Гаши.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во вчерашното гостување на „Утрински брифинг” рече дека Зоран Заев и СДСМ во моментот немаат парламентарно мнозинство.

– Владата во моментот ја поддржуваат 59 пратеници. 60 се тие кои што не ја поддржуваат и еден имаме кој што не знаеме, е лево – десно, со срцето бил ваму, со главата бил таму. Во суштина мислам дека е сериозно заседнат во некоја фотелја или на Бихаќка или во Мала Речица, изјави Мицкоски.

Со господинот Африм Гаши, Мицкоски рече дека се во постојана комуникација и дека, според него, имаат коректен однос.

– Така што, немам никаква дилема. Другото е до него и неговиот избор. Сепак, тој е претседател на политичка партија, има своја структура и свои соработници и тие ќе одлучат понатаму како да ја градат својата политичка иднина, истакна Мицкоски.

Извор: МИА