Протече снимка од приватни состаноци во СЗО: Што се тоа „мрачни лаборатории за проучување на вирусот“?

Светската здравствена организација (СЗО) оваа недела одржува годишен состанок во чиј пресрет наиде на бројни критики затоа што не презела посилна и погласна улога во решавање на пандемијата на што укажува и снимка што излезе во јавност од еден од приватните состаноци.

До материјалот дојде „Асошиејтед Прес“ кој направи транскрипт од разговорите меѓу челниците на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, Мајкл Рајан и Марија ван Керхове кои на приватни состаноци, меѓу себе, во првите денови на вирусот отворено говореле на реалната слика на терен.

Па така од СЗО на тие состаноци биле опишани пристапите на поедини држави како „мрачни лаборатории за проучување на вирусот“ и „морничав“ обид да се види кои мерки успеваат. Откриена е, исто така, и воздржаност на организацијата да прозива некои од земјите и нивниот пристап кон епидемијата.

Токму таквата воздржаност почна со Кина од каде и почна да се шири вирусот. Но, и покрај јануарскиот состанок на Гебрејесус со кинескиот претседател Си Џинпинг, информации за епидемијата беа „давани на лажичка“ во текот на цел февруари.

Тогаш Марија ван Керхове, техничка водителка на СЗО за коронавирус, изјави дека „СЗО нема доволно докази да каже што успеало, а што не“.

Но, набрзо потоа, Гебрејесус на прес-конференција рече дека „Кина прави многу добри работи кои го забавуваат вирусот за што фактите говорат сами по себе“.

Научниците на СЗО во февруари беа загрижени и за Јапонија. Патник кој се симна од крузерот „Дајмонд Принцес“ во Хонг Конг беше позитивен на коронавирусот. На наредната станица на бродот, во Јокохама, беа потврдени уште случаи, па властите ставија 3.711 луѓе во карантин на бродот.

Рајан, тогаш пред новинарите, рече дека е потребно да се биде внимателен и оти не сака да претерува, но бројот на случаи преку ноќ се дуплира.

– Тоа не чуди со оглед на начинот на кој се води истрагата. Ако бројот на случаи на бројот се дуплира за еден ден, тогаш нешто не е во ред, рекол Рајан на интерен состанок, додавајќи дека само мал број на епидемиолози бил испратен да се занимава со тој случај.

Неколку дена подоцна на крузерот се качи и јапонскиот епидемиолог, Кентаро Ивата кој затекнатата ситуација ја нарече „тотално хаотична“. Набрзо потоа, СЗО објави дека повеќе од пола од светските познатите случаи на коронавирус се наоѓаат надвор од Кина, на бродот „Дајмонд Принцес“.

– Беше сосема очигледно дека работите на крузерот тргнаа во многу лош правец и дека СЗО требаше да каже нешто. Кога нешто што прават земјите е погрешно, тогаш во такви случаи ни е потребна СЗО да го каже тоа, вели Лоренс Гостин од Универзитетот Џорџтаун.

Веќе во февруари и во март, вирусот се прошири и во други земји како Јужна Кореја, Сингапур, Иран и останатите, а подоцна ја зафати и Европа каде првенствено Италија ги претрпе најголемите жртви.

– Еден од најголемите предизвици со кој се соочуваме е дека премногу погодени држави сè уште не ги споделуваат своите податоци со нас, рече Гебрејесус на 26 февруари, иако СЗО и дотогаш не беше конкретна.

Официјалните претставници на СЗО на интерните состаноци изразуваа незадоволство и загриженост поради недостигот на информации од европските држави. Меѓутоа на 8 март на Твитер, Гебрејесус објави дека „Владата и народот на Италија преземаат храбри чекори што се насочени на забавување на ширењето на вирусот и заштита на нивната земја и на светот“.

Три дена подоцна тој прогласи пандемија на коронавирусот, велејќи дека го сторил тоа дел поради „алармантното ниво на неактивност“ на одредени земји што не ги именува.

Претставниците на СЗО на интерните состаноци се жалеле и од западните земји кои трупале скромни залихи на неопходни производи.

– Вчера имавме ужасна ситуација со заштитна опрема при што сите залихи отидоа во Франција и загубивме пристап, им рекол Рајан на колегите и додал дека СЗО треба да изврши притисок на земјите и на компаниите за избегнување на слични ситуации.

На тој интерен состанок, челниците разговарале на бројни теми, меѓу кои биле и оние за усвоените мерки за физичка дистанца. Тогаш Рајан рекол дека, речиси, сите европски држави ги откажаа собирите, но не и Велика Британија.

– Не постои ниту еден спортски настан во Европа, а натпреварите во Премиер лигата во Велика Британија продолжуваат нормално, рекол Рајан пред своите колеги.

На состанокот, меѓу другото, се разговарало и за колективен имунитет, односно „имунитет на стадо“. Притоа е јасно дека СЗО зборува на една од прес-конференциите за државите да го следат примерот на Шведска поврзан за колективниот имунитет, а која од почеток беше либерална по тоа прашање, што на некој начин е замајување судејќи според нивните интерни изјави.

– За да се случи тоа, ќе се заразат стотици и илјадници и ќе има многу починати. Милиони ќе бидат заразени, рекол Рајан пред колегите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот