Продавачите и раководителите на маркетите стасаа до професорска плата!

Фото: Твитер

Во моментот на македонскиот пазар на трудот се бараат речиси 500 продавачи, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за вработување. Еден од најголемите трговски синџири исплаќа и К-15 во вредност од 37.400 денари, сума што е четири пати повисока од онаа која за првпат ќе ја примат дел од административците

Да се биде продавач станува престиж, а оваа професија според светските статистики ќе биде една од најбараните и во 2024 година! Како расте нивната цена, така се менува и називот и тие сега се нарекуваат услужен персонал или асистенти за продажба. Во моментот на македонскиот пазар на трудот се бараат речиси 500 продавачи, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за вработување, а бидејќи секојдневно се зголемува бројот на нови трговски центри и ретаил паркови, јасно е дека во догледно време нема да има зима за трговците. Уште еден податок ја потврдува оваа констатација – просечната плата исплатена во дејноста и на големо и на мало за септември се движи од 40.500 до 30.566 денари. Споредбено, дел од продавачите и раководителите на маркетите ги надминаа наставниците почетници (30.000 денари), а се доближија до професорските примања од над 41.000 денари.

Трговските синџири речиси целата оваа година не запреа со огласите, со примамливи бонуси, бенефиции, а еден од најголемите трговски синџири исплаќа и К-15 во вредност од 37.400 денари, сума која е четири пати повисока од онаа која за првпат ќе ја примат дел од административците (9.000 денари)! Дел од порталите што нудат огласи за вработување, за „Слободен печат“ велат дека благодарение на високата побарувачка за работна сила во трговијата во втората половина од годинава, вкупниот број објавени огласи за вработување ги надминал бројките од рекордната, претпандемиска 2019 година.

Синдикатот на полиција во Македонија во март годинава, ги спореди платите на своите униформирани членови со дел од објавените плати во трговијата. Оттаму преку соопштение ги запознаа сите вработени во МВР дека во тек се вработувања кај еден голем трговец со почетна нето плата од 26.500 денари, па нагоре и задолжителен регрес од над 30.000 денари.

„Ова е одлична можност да аплицираме од причина што нашето Министерство платата ја прикажува во бруто износ од мизерни 26.422 денари, а со тоа сака да манипулира со вистинскиот износ на нето платата, а регрес тоа веќе со години го нема“, објавија пролетоска од овој синдикат.

Во моментов продавачи се бараат не само за во бутиците на познатите брендови, туку и за во пекарници, продавници за долна облека, цвеќарници, бела техника, играчки, во јувелирници, бижутерии, слаткарници… Во огласите веќе подолг период е избришана графата „со искуство“, а газдите сфатија дека тој недостиг се надоместува со обука. Се поретки се и огласите на определено време, а нема ограничување и во образованието. Инаку, сите се согласуваат дека најтешко им е на работниците во дисконтите, каде што се работи за тројца – се прима и реди стока, се услужува и се наплаќа. Затоа и има најголеми флуктуации и постојани селидби од еден во друг маркет, бутик или месарница.

– Во изминатите години, најголемиот дел од трговците веруваа дека може да заштедат на своите продавачи, а тоа резултираше со постојани проблеми со вработените. Особен проблем беше превозот, бидејќи платата не им дозволува да користат такси доколку останат по завршувањето на ноќната смена. Затоа и во новите огласи се нагласува дека превозот е платен – објаснуваат искусните трговци.

 Трговците не штрајкувале уште од бившата ЈУ!

Ретки се македонските граѓани што ги паметат повеќемесечните штрајкови во некогашните трговски гиганти „Славија“, „Центро“, „Земпромет“ итн. што беа организирани за да се покаже дека нивните стечаи или ликвидации се случија поради криминално работење. Освен ова во архивите нема податоци дека во поново време продавачите во земјава се организирале на протест за нивните работнички права, услови и ниски плати, велат синдикални извори за „Слободен печат“.

– Актуелно, прилично е мала бројката на членови Синдикатот на работниците од трговијата. Вработените во овој сектор, иако се во голем број, или не слушнале или не сакаат да се зачленат, а тоа влијае и врз нивната организирани, иако некои од нив се членови во алтернативните синдикати – брифираат дел од трговците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот