Пресудата не го одложува градењето

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Некои велат дека со овој договор, кој може да достигне и милијарда долари, ние си ја плаќаме досегашната или купуваме идна поддршка на Вашингтон во нашиот спор со Бугарија. А тоа, колку што на прв поглед изгледа логично, толку е наивно и неточно

Владата и собраниското мнозинство решија да ги игнорираат добронамерните предупредувања од Антикорупциската комисија, од невладиниот сектор и од дел од јавноста, дека стратешкиот закон за градење патишта без тендер е спорен, неуставен и носи ризик од корупција. Крадешкум, по брза постапка (толку брза што го „претрка“ и мислењето од Антикорупциската комисија за овој закон испратено до пратениците), со минимум дискусија во четвртокот го „протнаа“ низ Собранието, со 51 глас „за“, а без ниту еден глас против!? Опозицијата кажала нешто, колку да се рече – дека законот има дупки, дека требало повеќе време, а потоа не гласала никако. Овој млак отпор е сомнителен, ако се знае дека, кога сакаат, пратениците на Мицковски знаат да гребат со нокти, да пискаат и блокираат, ако нешто навистина не им е по волја. Но, овде изгледа тоа од некои причини не им оди во прилог.

Претседателот Стево Пендаровски „послушнички“, како што велевме и за неговиот претходник Ѓорѓе Иванов, си  го потпиша указот, наспроти повиците на Антикорупциска да не го потпишува. А тој, сведоци сме, знае да крене „рачна“, како на пример за дивоградбите, но овој пат тоа не беше случај. Онака, бирократски, ја упати антикорупциска комисија „да си тужи“ пред Уставен суд, ако гледа нешто спорно. Тој не гледа или не сака да гледа.

Ова поведение на Пендаровски можеше да ни се види чудно, да не ја слушнавме неговата изјава веднаш по второто бугарско вето во Луксембург, кога очигледно разочаран и лут, препорача да се „свртиме“ кон нашиот стратешки партнер САД, индиректно порачувајќи дека од ЕУ ништо не бива. Изгледа дека според него овој стратешки закон е дел од тоа стратешко свртување. Тоа што се крши Уставот и се суспендира домашното законодавство во случајов, не му пречи. Најпосле, „владението на правото“ е дел од пакетот услови за влез во ЕУ, а не за стратешкото партнерство со САД! Изгледа, токму спротивното – колку „владението“ е полабаво, толку партнерството е поцврсто!

Некои велат дека со овој договор, кој може да достигне милијарда долари, ние си ја плаќаме досегашната, или купуваме идна поддршка на Вашингтон во нашиот спор со Бугарија. А тоа колку што на прв поглед изгледа логично, толку е наивно и неточно. И своевремено имаше такви кои веруваа дека, за да ги омекнеме Грците, треба да им дадеме што повеќе багателни, а лукративни зделки од нашата транзициска економија. Тие, фала богу, не се бунеа, си зедоа сè што им се понуди на тацна, од ОКТА, „Житолукс“, „Стопанска банка“, и што уште не, ама некакво особено „омекнување“ не видовме. Тоа е така зашто едни луѓе (бизнисмени) ги земаат нашите пари (и компании), а сосема други ги носат државните политики и одлуки. Оти во големата политика улога играат многу поголеми фактори од некоја милијардичка што успеала да ја скрпи Македонија за рушвет. Така беше со Грција, така ќе биде сега и со САД. Вашингтон ќе нè поддржува толку колку што ќе процени Стејт департментот дека му одговара, со или без директниот договор за „Бехтел и Енка“. Само лобисти со големи проценти на нашите (гео)политичари им ја продаваат приказната дека „патиштата без тендер“ го отвораат нашиот пат кон ЕУ. Напротив, уверен сум дека во Брисел ова го гледаат како провокација од висок ранг. И во склад со тоа ќе се однесуваат. Зарем нема германски или француски компании што сакаат да градат со „карт-бланш“ кога е во прашање цената, роковите, домашното законодавство? Или Европа само треба да ги даде парите (или кредитите), преку Берлинскиот процес, да речеме, а тие да завршат во туѓи џебови? Големи се шансите, само тешко е да се измерат и докажат, дека токму овој наш стратешки „потег“ ни носи стратешка штета. Ама добро, штетите и зијаните за нас се нешто како судбина „донирана“ од трите наречници.

На Антикорупциската комисија сега не ѝ преостанува ништо друго туку да го послуша советот на Пендаровски и да го обжали контроверзниот закон пред Уставниот суд. А тој кутриот Уставен, не е ниту екипиран, допрва треба да се избираат барем тројца од девет судии. Потребно е само да се изберат такви, или предвреме да се подучат дека, кога се во прашање стратешки закони како овој, не треба да се држат до Уставот „како пијан за плот“ и нема да има проблем – инцијативата ќе падне, а патиштата ќе се градат. А и да не падне, можеби во законот има клаузула (или може да се додаде) во која се вели дека патиштата ќе се градат дури и ако договорот падне на Уставен суд? Зошто да не, има таков член за експропријацијата на земјиштето, на пример. Овде можело да се додаде дека „пресудата на Уставниот суд не го одложува градењето“. И после ќе тропаме на вратата на ЕУ и ќе велиме дека „ние ги исполниме сите услови, а особено тие за владеењето на правото, ама вие не се држите до вашите ветувања“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот