Албанија преку цевковод ќе го снабдува со вода регионот Пуља во Италија

Старата италијанска идеја за изградба на водовод што ќе ги поврзе водните извори на југот на Албанија со регионот на Пуља, се чини дека наскоро ќе стане реалност, пренесуваат албанските медиуми повикувајќи се на Corriere.it.

Весникот се повикува на изјавата на претседателот на регионот на Пуља, Микеле Емилијано, кој изјавил дека албанската влада и дала зелено светло на Италија за проектот за водоводниот цевковод што ќе го поврзе Ѓирокастро со Галуњано, во Саленто.

Идејата што некогаш му беше предложена на поранешниот премиер Фатос Нано да ја донесе водата со цевковод од изворот на „Синото око“ во Делвина до југот на Италија, сега доби форма на проект и се очекува неговата реализација да чини 1 милијарда евра.

-Албанската влада не овласти да започнеме со планирање на водоводот што ќе ја поврзува Албанија со Италија. Во Албанија голема количина вода се испушта во морето и очигледно има интерес да наплати за тоа. Ние сме заинтересирани да ја земеме затоа што за нас водата значи да му дадеме нов модел на земјоделството, да го унапредиме туризмот и да им дадеме иднина на сите жители на Пуља“, изјавил претседателот на регионот Емилијано на прес-конференција во Бари за инвестициите во водоснабдувачкиот систем.

За изградба на потребната инфраструктура ќе бидат потребни 4 години а проектот се очекува да се финансира од ЕИБ, ЕБОР, италијанската држава и регионот на водоводната корпорација Апулија.

Според Corriere.it целта е секоја година да се транспортираат 150 милиони кубни метри вода во Пуља, што за регионот ќе биде стратешка инфраструктура, со оглед на сушата присутна во последните години. Според италијанската страна, Албанија би имала економски бенефит бидејќи би се отвориле околу 8.000 нови директни и индиректни работни места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот