Прекината седницата на собраниската Комисија за образование поради несогласувања за процедурални излагања

Фото: МИА

Продолжението на 11. седница на собраниската Комисија за образование и наука беше прекината на самиот почеток кога претседателката Жаклина Лазаревска побара од пратениците да се откажат од процедуралните излагања, како што рече, во интерес на образованието и науката.

– Досега постапувавте недемократски и не се држите на Деловникот кога барате процедурални, им рече Лазаревска на опозициските членови на Комисијата по нивното барање за процедурално излагање пред таа да го утврди дневниот ред на денешната седница.

Тоа предизвика бурни реакции од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои извикуваа дека таквиот начин на работа е диктатура зашто секогаш им се дава процедурално кога пратениците го бараат тоа.

На дневен ред на 11. седница на оваа Комисија е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за иновациска дејност во прво читање.

Комисијата за подоцна денеска има закажано продолжение и на осмата седница на која на дневен ред е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта во прво читање, кој е подолго време заглавен поради несогласувања на членовите на Комисијата и прекини на седниците.

На дневен ред на осмата седница на матичната Комисија е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието, во прво читање.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот