Прекалени колумбиски ветерани на печалба на фронтот во Украина

Колумбијците уште од почетокот на војната ѝ изразија поддршка на Украина - Фотографија Profimedia

По повеќе од 10.000 колумбиски војници заминуваат во пензија секоја година. Стотици од нив заминуваат на печалба во Украина, каде што заработуваат четири еквадорски плати, па и повеќе

На фронтовите низ Украина се вкрстуваат интересите на Киев и на еквадорските ветерани прекалени во судирите со наркокартели. Наместо во пензија, искусните еквадорски војници претпочитаат да заработат повеќе, нудејќи ја вештината што ја надградувале со децении. Киев, пак, ги зацврстува своите позиции без да спроведува мобилизација.

Неколку илјади ветерани одговорија на повикот од претседателот Володимир Зеленски да се придружат на украинска страна на фронтот против руските агресори. Тие се меѓу најценетите странци, бидејќи поминале многу повеќе од обука.

Со 250.000 припадници, колумбиската армија е втората според големина во Латинска Америка, по онаа на Бразил. По повеќе од 10.000 војници заминуваат во пензија секоја година. Стотици од нив заминуваат на печалба во Украина, каде што заработуваат четири еквадорски пензии, па и повеќе.

– Колумбија има голема армија со добро обучени војници, но тие не се добро платени, кога ќе ги споредите со другите оружени сили – објаснува за Асошиетед прес Андрес Масијас од приватниот универзитет Екстернадо во Богота.

Првиот бран искусни колумбиски војници на почетокот на овој век заминале во САД за да бидат ангажирани во приватни армии што обезбедувале стратегиски објекти и инсталации при воените и цивилните мисии во Ирак или Авганистан. Пензионирани ветерани биле ангажирани како офицери за обука во Обединетите Арапски Емирати, а многумина им се придружиле на јеменските сили во граѓанската војна против бунтовничките хути.

Други, пак, завршиле меѓу паравоени одреди, слични на оние против кои војувале во Колумбија. Двајца биле убиени и уште 18 биле уапсени од групата што учествуваше во атентатот врз хаитскиот претседател Жовенел Моисе.

Колумбиските војници се обучени во борба, но слабо се платени – Фотографија ЕПА, Карлос Ортега

По воената интервенција на Русија, во Украина пристигнале неколку стотици. Во почетокот на 2022 година, кога почна војната, во Украина имало околу 20.000 борци од 52 земји. Поради чувствителноста на информацијата, не се објавува колку сега има странски доброволци и платеници и колкумина од нив се од Колумбија.

– Во првиот бран пристигнаа луѓе од поранешните советски републики и од земји од англиското говорно подрачје. Говореа руски или англиски, што им помогна да се интегрираат во украинските редови – вели Олександр Шахури, офицер од Одделението за координација на странци во Оружените сили.

Но, од лани има и одделенија за регрути, инструктори и оперативци чиј мајчин јазик е шпанскиот.
Болничкиот специјалист Хектор Бернал вели дека во својот центар за тактичка медицина кај Богота во изминатите осум месеци обучил повеќе од 20 Колумбијци што заминале на фронтот во Украина.

– Тие се како и сите латиноамерикански мигранти што заминуваат кон САД во потрага по подобра иднина. Тие не се доброволци што заминале да бранат знаме на нечија туѓа земја. Тие едноставно се мотивирани да заработат – објаснува Бернал.

Активни генерали во Колумбија заработуваат по околу 6.000 долари месечно, заедно со бонусите, колку што добиваат и владини министри. Но, пониските чинови се многу послабо платени. Искусните капетани заработуваат до 900 долари, основната плата за водниците е 400 долари, а минималната е 330. Во Украина, секој припадник на воените сили, без оглед на државјанството добива по околу 3.300 долари, во зависност од чинот, родот и искуството. Ранетите добиваат компензација од 28.660 долари, во зависност од природата на раните, а на семејствата на загинатите во борба им се исплаќаат по 400.000 долари.
Ветеранот Чеко пристигнал во Киев во септември, заедно со уште стотина искусни војници од Колумбија.

– Нѐ нема многу, но даваме сѐ од себе – вели ветеранот.

Луѓето од првите бранови поттикнале нови, споделувајќи ги своите искуства на социјалните мрежи. Но, има и семејства што со месеци чекаат пораки од своите најблиски на фронтот. Украина нема своја амбасада во Богота. Информациите пристигнуваат преку украинската амбасада во Перу и колумбискиот конзулат во Полска.

Чеко, по тринеделен третман во болница, очекувал да се врати на фронтот, заедно со уште педесетина сонародници.

– Ситуацијата е тешка. Постојано нѐ бомбардираат, но ќе продолжиме да се бориме – вели колумбискиот печалбар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот