Пред банкарските профити и властите молчат!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Законот за данок на солидарност требаше да се донесе до крајот на февруари. Ако некој е одличен кандидат за овој закон, тоа се банките. Но како да платат солидарен данок кога никаде го нема законот.

Со најава за бруто-дивиденда од 18,5 милиони евра што Комерцијална банка ќе ја подели на 4 мај, банкарите почнаа да ги отвoраат картите за нивните големи заработки. Ќе се делат и огромни пари меѓу членови на надзорните одбори како награда за постигнатите успеси. Колачот од минатогодишниот успех е дефинитивно прелеан со дебел шербет, а за сè тоа ќе плати, како и досега, народот.

Дефинитивно, никој никого не тера да земе кредит, но според закон секој што заработува мора да има трансакциска сметка. Секако, секој мора да плаќа и сметки. Некои не знаат, но некои уште како знаат да ги користат системите за директни плаќања за комунални сметки што носат банкарски провизии. Некои имаат електронско банкарство, некои не. И да не се знаат најновите дигитални банкарски алатки е легитимно. И да се нема паметен телефон е дозволено, па и да се нема компјутер, исто така.  Но, сето тоа потоа „дебело“ се плаќа преку разни провизии за користење на банкарските услуги.  Дека во овој сектор сè е напумпано, покажуваат големите профити што ги остваруваат банките. Каде одат тие профити? Дел можеби во инвестиции, останатото се распределува како добивка меѓу акционерите.

Банкарскиот систем е перфектно дизајниран за нивните добивки. Граѓани и фирми вложуваат пари, за тоа добиваат камата повеќекратно помала од каматите по кои банкарите даваат кредити. Тука се и акционерите – стари и новопечени што купуваат акции и од тој едноставен и истовремено сложен систем „млатат“ пари.

Комерцијална ќе подели 18,5 милиони евра, а притоа, според тврдењата на порталот Фактор.мк, 2,5 милиони евра ќе отидат кај Ванчо Чиглиганец, преку неговата фирма „Адора“. Последните информации за НЛБ покажуваат дека банката во јуни минатата година исплатила дивиденда поголема од 10 милиони евра. Информациите за тоа која банка колкава дивиденда ќе распределува допрва се очекуваат. Наскоро Народната банка ќе објави и колкава е нето-добивката во целиот банкарски сектор за 2022 година. Засега се знае дека во 2021 година поминаа одлично. И експертите со кои разговараше „Слободен печат“ потврдуваат дека 2022 година ќе биде уште подобра во однос на добивките од 2021 година кога банкарскиот сектор реализираше профит од 150 милиони евра.

Последните податоци од Народната банка велат и дека во декември 2022 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити оствари месечно зголемување од 0,03 процентни поени и изнесува 4,44 проценти. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,86 проценти и бележи раст на месечна основа од 0,09 процентни поени. Затегнувањето на монетарната политика со зголемување на основната каматна стапка, која треба да ги поскапи и кредитите и депозитите, по правило се одразува на новоодобрените и новопримените пари. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во декември е зголемена за 0,34 процентни поени на месечно ниво и изнесува 4,83 проценти. Во декември, просечната каматна стапка на новопримените депозити забележа месечен раст од 0,07 процентни поени и изнесува 1,34 проценти. Епилогот на бројкиве е што постои огромна разлика меѓу каматата што се дава и што се зема, независно дали се новопримени и стари кредити.

Банкарите сè повеќе за собирање пари користат и дополнителни начини – надомести, провизии, камати. Како резултат на тоа, во последниве година-две се смени структурата на нивните добивки. Ако порано износот на нето-надоместоци и провизии беа една третина од износот на нето-каматите, сега достигнува, па и надминува 50 отсто. Така, додека на големо се зборува за тоа колкава е некоја камата, се протнуваат низа разбрани и неразбрани давачки.

Во собраниска процедура се наоѓа Предлог-законот за данок на солидарност. Тој, според она што го пишува во него, веќе и требаше да се донесе, затоа што подзаконските акти требаше да се донесат најдоцна до крајот на февруари. Даночниот обврзник, пак, данокот треба да го плати најдоцна до 1 април. Ако некој е одличен кандидат за овој закон, тоа се банките. Но, како да платат солидарен данок кога никаде го нема законот. Важно беше да се крене голема бучава!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот