Сашко Коцев / Фото: Приватна архива

Празнично интервју со Сашко Коцев: Новата година ме потсетува на детството, сцената и храброста да се направи чекор повеќе

Еден од најпознатите и најпочитувани македонски актери, Сашко Коцев, влезе во 2026 година со препознатливата комбинација од искреност, хумор и животна мудрост.

Во разговор за „Слободен печат“ на тема новогодишните и божиќните празници, тој се наврати на детските спомени кои и денес му будат насмевка, ги сумираше лекциите научени во 2025 година и откри што за него значат успехот, семејството и инспирацијата.

Иако зад себе има богата актерска кариера, Коцев признава дека празниците секогаш го враќаат во детството во оние мали, хаотични и топли моменти што остануваат врежани засекогаш.

Кога ќе почне новогодишната еуфорија вклучувајќи ги божиќните празници, која традиција од детството прва ти те потсетува на овој период?

– Секогаш 31 декември навечер. Ѕвонче на врата – „динг донг“, па: „Здравооо, ајдеее влезете … ааа, па не требаше …“ бакнувања со тетин и тетката, викање низ станот: „Затворете ја вратата, се излади собата“, „не со жижиците тука“ и некаде во целата таа врева – „Сашко, Сашкооо!“.

По „Среќна Нова година“, јас заспивам меѓу јакните и капутите во ладната соба, додека возрасните уште вреват во дневната (ха, ха, ха).

Која е највредната лекција што ти ја донесе 2025 година?

– Да застанеш и да изброиш до 10.

Кој момент од минатата година го доживуваш како лична или професионална пресвртница?

– Имаше повеќе. Снимав три различни серии во Белград, што беше голем професионален предизвик. Сопругата стана доцент на Медицинскиот факултет, нешто со што сум бескрајно горд. А ќерка ми свиреше клавир на настап… таму не издржав, се расплакав додека ја гледав.

Сашко Коцев со сопругата / Фото: Приватна архива

Со што сакаш да се разделиш од 2025, а што сигурно го носиш со себе во 2026?

– Често зборуваме за тоа што сме го направиле, но уште почесто за она што сме го мислеле, а не сме се осмелиле да го направиме. Би сакал оваа 2026 да има повеќе храброст токму за тие, ненаправените работи.

Што те инспирираше најмногу во изминатата година?

– Сцената на Македонскиот народен театар.

Како изгледаше твојот дочек на Новата година?

– Малку доцна накитивме дома, ама со стандардните божиќни песни што почнуваат да се вртат на радио уште од 25 ноември. Дочекот беше домашна журка, а јас бев диџејот. Искрено, топ бев до четвртата песна.

ФОТО | Сашко Коцев се врати на сцената на „Златна бубамара“: Јас извадив пасош со фората „Само да прашам“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот