Празничен рецепт на Стефанија Несторовска: Чоколаден портокал браунис

Фото: Приватна архива

Велигденските колачи и колачите што ги красат празничните трпези можат да бидат традиционални, но и иновативни. Најчесто се подготвуваат погачи, плетенки, кифлички, штрудли и слични деликатеси. Некои од колачите што традиционално се подготвуваат за Велигден се орасница, куглоф, штрудла со афион, ситни колачи…

Доколку барате идеи што да ставите на трпезата за Велигден, инвентивната Стефанија Несторовска која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, ви носи рецепт за десерт во кој ќе уживате со сите сетила и вие и вашите гости.

Состојки:

За чоко-портокал браунис:

– 210 г (1 + 1/2 филџан) индиски ореви, киснети во вода минимум 2 часа*
– 150 г (1 + 1/2 филџан) ореви, киснети во вода минимум 2 часа*
– 3 лажици путер од јаткасти плодови (јас користев од лешник, но може каков било)
– 340 г (1 + 1/2 филџан) урми
– 40 г (1/3 филџан) какао во прав
– 2 лажици кокосово брашно (не снегулки туку брашно)*
– сок од еден портокал
– кора од 2 портокали*

– Може да користите само индиски ореви или само ореви во количина од 360 гр (3 фиџани). Може и да го прескокнете чекорот каде што се киснат во вода, но текстурата ќе биде значително поразлична и нема да го добиете тоа кремасто чувство.

– Кокосовото брашно го додадов зошто смесата ми излезе малку потечна. Може и да немате потреба од тоа, ќе видите при правењето. Може слободно да замените со какво било друго брашно, како на пример: овесно брашно, мелени бадеми па дури и кокосови снегулки. Го додаваме чисто да ја згусне смесата.

– Пробав со кора од еден портокал, но ми изгледаше малку. Јас го сакам ептен вкусот на кората од портокал па кора од 2 портокали ми изгледаше уште подобро. Ако не ви се ренда уште еден портокал, слободно користете само еден.

За чоколаден прелив:

– 30 г (1/4 филџан) какао
– 54 г (1/4 филџан) кокосово масло, стопено
– 2 лажици агаве или друг течен засладувач

или

– 1 црно чоколадо
– 1 лажичка кокосово масло

Начин на подготовка:

Се подготвува тава што ќе ни служи како калап. Овие браунис не се печат, па може да користите каков било калап. Се поставува хартија за печење за при вадење на колачот да ни ја олесни постапката. Јас користев тава за печење леб, но да бидам искрена – кога наредниот пат би користела поголема тава, бидејќи излегува доста смеса и браунисот ми беа многу „масивни“. Идеално би користела коцкеста тава со димензии 20×20.

Индиските и другите ореви се одмиваат од водата во која се киснат и се премиваат со ладна, чиста вода. Се процедуваат и се додаваат во сечко или блендер. Идеално би било да користите сечко, кујнски робот или доста силен блендер, бидејќи излегува доста смеса што е тешка за мелење. Јас користев блендер со ниска моќ и се измачив. Смесата излезе преубава но морав се да мелам одделно зошто не ми собираше, па потоа по делови да мелам се додека не се соедини. Значи возможно е, но да знаете дека можеби ќе биде потребно да одите со овој екстра чекор.

Се додаваат и сите други состојки и повторно се блендира сè додека не се добие соединета, изедначена и доста кремаста смеса. Зависно од блендерот што го користите можеби смесата ќе има мали грутчиња, но сепак ќе бидат вкусни и кремасти.

Смесата што ќе ја добиете треба да биде доста густа и леплива. Ако не е – додајте уште некоја лажица брашно.

Додајте ја смесата во претходно подготвената тава и со шпатула убаво и рамномерно израмнете ја. Зошто смесата е доста густа и леплива, ќе помогне доколку шпатулата ја намачкате со малку масло за полесно да се моделира.

За чоколадниот прелив, само измешајте ги сите состојки во мал сад и додајте го на браунисот како втор слој. Ако користите чоколадо како прелив, стопете го во мало тенџерче на ниска температура заедно со кокосовото масло и додадете го врз браунисот. Тука опционално може да додадете топинзи по желба. Јас додадов парчиња сушен портокал, но може слободно да бидете креативни и да додадете нешто по желба.
Оставете да се зацврсти неколку часа во ладилник (идеално преку ноќ) пред да исечете на барчиња.
Овие барчиња може да стојат во ладилник 5-6 дена или во замрзнувач до два месеца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот