Правниците ја ставија графата „националност“ на полиграф

Одлуката на Уставниот суд за бришењето на графата „националност“, нема да направи проблеми при уписи, вработувања или остварување кои било малцински права, зашто во институциите каде што има квоти што треба да ги пополнат припадниците на малцинствата и онака не се врши проверка, туку се верува на напишаното во пријавата на кандидатот, сметаат експерти

Министерството за правда реагира дека Уставниот суд прекршува уставни одредби со укинувањето на графата „националност“ од матичните книги и смета дека со оваа одлука Уставниот суд им оневозможува на граѓаните слободно да ја изразуваат националната припадност според членот 8 од Уставот.

Од друга страна, Уставниот суд соопшти дека барањето на овој податок од граѓаните при впишувањето во матичните книги на родените, на умрените и на венчаните, е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување национална припадност, предвидена со член 8, став 1, алинеја 2 од Уставот.

Иако двете институции различно го толкуваат овој член од Уставот, јасно е дека отсега ниту во матичните книги, ниту во изводите нема да биде запишувана националната припадност на граѓаните на Македонија, па тоа дали некој се чувствува како Македонец, Албанец, Турчин или која и да е друга националност, ќе биде исклучиво приватна работа. Според експертите, одлуката на Уставниот суд нема да направи проблеми при уписи, вработувања или остварување кои било малцински права, затоа што во институциите каде што има квоти што треба да ги пополнат припадниците на малцинствата, и онака не се врши проверка дали некој навистина е Србин, Ром или Бошњак…, туку се верува на напишаното во пријавата на кандидатот.

Цаца-Николовска: Податок што не треба да биде презентиран јавно

Судијката Маргарита Цаца-Николовска, поранешна судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, вели дека ја прифаќа одлуката на Уставниот суд и дека националната припадност е приватно чувство.

– Тоа е основно човеково право и секој може слободно да ја изрази својата национална припадност како што се чувствува. Ова е податок што не треба да биде презентиран јавно – вели Цаца Николовска за „Слободен печат“.

Според професорката по уставно право Тања Каракамишева, пак, Уставниот суд не е во право.

– Во државата се нема основно познавање за многу работи. Загрижувачко е колку надлежни институции, високи функционери, судии, правници не знаат основни правнополитички поими и со тоа свое незнаење свесно или несвесно го девалвираат системот, ги збунуваат граѓаните. Уставниот суд наместо да дејствува едукативно и да ги подучи граѓаните дека е погрешно да се толкува националната припадност како етничка припадност, да им објасни и на политичарите дека националната припадност е припадност на нацијата што е еквивалент на државата, тој одлучи да влезе во материјална расправа и да поништи графа на национална припадност како неуставна?! Наместо да ги исправи политичарите и институциите што погрешно ја толкуваат националната припадност, тие ја бришат?! Во Република Македонија сите мора да имаме македонска национална припадност! Во графите на изводите тоа не смее да се брише! Етничката припадност се запишува во посебна графа и таа припадност е нешто сосема друго! – смета Каракамишева.

Левица: Спречена етнизација на државата

Директорот на Управата за водење матични книги Емир Сулејмани вели дека сè уште не ја добиле одлуката на Уставниот суд, а штом ја добијат, веднаш ќе ја спроведат.

– Уставниот суд е највисок суд, а ние сме извршен орган и ќе постапуваме според одлуката – вели Сулејмани за „Слободен печат“.

До укинувањето на националноста дојде откако лани министерот за правда Кренар Лога донесе упатство, според кое и во изводите од матичните книги ќе се запишува националноста, а со цел да не се злоупотребува балансерот при вработувањето во јавната администрација, откако имаше неколку случаи кога Македонци се изјасниле како Албанци или Турци за да се вработат како припадници на малцинствата. Уставниот суд го сопре ова решение по сопствена иницијатива, а потоа партијата Левица го оспори пред Судот Законот за матична евиденција, конкретно деловите каде што се предвидува графа националност во матичните книги на родените, на умрените и на венчаните.

„Чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред сè поради фактот што слободата на изразување на националната припадност, го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување графа за националноста во изводот од матичните книги, како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство“, објасни партијата Левица при поднесувањето на иницијативата до Уставниот суд.

Судот го прифати ова и го укина поимот „националност“ на сите места во Законот каде што се споменуваше, односно во три члена, затоа што оцени дека е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување национална припадност.

– Член 8 од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право да не се изјасни по ова прашање, вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше можно со деловите од одредбите што сега се укинати. Судот ја донесе одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните. Дополнително, преку членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот. Со оглед одлуката, повеќе не постои правна основа во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста – соопшти Судот.

Од Левица соопштија дека на нивно барање е „укината етничката графа во изводите и е спречена етнизација на државата“.

Министерството за правда најавува законски измени

Од Министерството за правда велат дека одлуката е донесена „со надгласување на другите заедници“ и најавуваат законски измени со кои ќе се овозможи факултативно изјаснување на националната припадност.

– Укинувањето отвора пат за законски измени со кои ќе се обезбеди факултативно изразување на националната припадност, а со што ќе се обезбеди почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати со меѓународното право и утврдени со уставниот поредок, а особено со Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за човекови права. Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е слободното изразување на националната припадност. Притоа, утврдено е дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло – соопшти Министерството за правда.

Министерството посочува дека Уставниот суд е пример за непочитување на уставните одредби од членот 32, каде што е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, затоа што при објавување на јавните огласи за вработување, не го почитува Амандманот 6 на Уставот, каде што е утврдена соодветна и правична застапеност на граѓаните што им припаѓаат на другите заедници во органите на државната власт.

– Уставниот суд воопшто не ја почитува соодветната и правична застапеност како еден од критериумите со кои се обезбедуваат еднакви можности за вработување и на граѓаните што им припаѓаат на заедниците што не се мнозинство – велат од Министерството за правда.

Неодамна, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска рече дека според неа балансерот е неуставна категорија и дека се неуставни и незаконски сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност.

– Кој е најдобар на огласот, тој ќе биде вработен. Сметам дека во секоја институција начинот на вработување треба да е таков. Ако добиеме иницијатива од граѓаните во Уставниот суд, ќе се произнесеме конкретно за ова, ќе биде интересен наводот. Поднесете иницијатива, ќе ја разгледаме – рече Кацарска пред два месеца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот