„Последно предупредување“: Научниците алармираат дека климатските промени се блиску до точката од која нема враќање

Климатски промени/ Фото AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Науката издаде „последно предупредување“ за климатската криза, бидејќи зголемените емисии на стакленички гасови го туркаат светот на работ на непоправлива штета што само брза и драстична акција може да ја спречи.

Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), составен од водечките светски научници за климата, денеска го објави последниот дел од својот шести Извештај за климатските промени. За овој сеопфатен преглед на човековото знаење за климатската криза, на стотици научници им требаа осум години и тој е долг илјадници страници. Но, сѐ се сведува на една порака – дејствувајте сега или ќе биде предоцна.

-Овој извештај е јасен повик за масовно забрзување на климатските напори од секоја земја, и секој сектор и во секоја временска рамка. На нашиот свет му треба климатска акција на сите фронтови – „сѐ, секаде, одеднаш“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На разбирлив јазик, ИПЦЦ го претстави уништувањето што веќе им е нанесено на големи делови од светот. Екстремните временски услови предизвикани од климатските нерправилноти доведоа до зголемени смртни случаи, засилени топлотни бранови, милиони изгубени животи и домови уништени во суши и поплави, милиони луѓе кои се соочуваат со глад и сѐ повеќе неповратни загуби во виталните екосистеми.

Последниот дел од документот, наречен „Извештај на синтезата“ е последната ваква проценка додека светот сѐ уште има шанса да го ограничи порастот на светските температури, засега на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Сѐ над тој праг, според наводите, е климатска штета што брзо станува неповратна.

-Овој извештај е дефинитивно последното предупредување за оние 1,5 степени. Ако владите се држат до нивните сегашни политики, преостанатиот пресметан јаглерод ќе се потроши пред следниот Извештај на ИПЦЦ (во 2030 година, б.п.), рече Каиса Коснен, стручњак за клима во „Гринпис интернејшнл“.

Повеќе од три милијарди луѓе веќе живеат во областите кои се „многу ранливи“ на климатските промени, откри ИПЦЦ. А, половина од светското население се соочува со сериозен недостиг на вода барем дел од годината. Во многу подрачја, предупредува Извештајот, веќе ја достигнуваме границата до каде може да се прилагодиме на таквите тешки промени, при што временските екстреми „сѐ повеќе го поттикнуваат раселувањето“ на луѓето во Африка, Азија, Северна, Средна и Јужна Америка, како и во јужниот Пацифик.

Сепак, сѐ уште постои надеж дека надминувањето ќе остане во рамките на 1,5 Целзиусови степени, според извештајот.

– Овој Извештај на синтезата ја нагласува итноста за преземање поамбициозни активности и покажува дека ако дејствуваме сега, сѐ уште може да обезбедиме одржлива иднина за живот за сите, изјави Хоесунг Ли, претседавач на ИПЦЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот