Посилно ли е бугарското „не“ од европското „да“?

Врвот на македонската влада вчера, во мала онлајн дипломатска офанзива, им пренесе на високите претставници на Европската Унија дека Македонија очекува во декември да биде одржана првата меѓувладина конференција, со која ќе почнат преговорите за членство со нашата земја.

Со тоа, Европа ќе им испрати позитивен сигнал на земјите од Западен Балкан дека се од геостратешки интерес за Унијата. Но, додека Македонија ја добива очекуваната поддршка од речиси сите членки, Бугарија завчера му навестила на Брисел дека ќе каже „не“ за почетокот на преговорите, поради, како што објави „Политико“, „антибугарската идеологија која е поддржана од власта“.

На домашната сцена, пак, расте притисокот врз Министерството за надворешни работи да биде пратена протестна нота до Бугарија, а Владата да реагира во НАТО по заканите од бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов дека со војска ќе ги урива македонските споменици.

Заев бара поддршка од ЕУ

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера одржаа онлајн средби со високиот претставник за надворешна политика и за безбедност и потпретседател на ЕК, Жосеп Борел, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, и со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархељ. На средбата било констатирано дека почетокот на преговорите ќе биде поттик за побрзи домашни реформи.

– Вложено е многу од двете страни и исто толку многу е остварено што нѐ прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја, за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда – рекол Заев на средбата со Мишел.

Во разговорите со Борел, премиерот Заев истакнал дека земјата ќе продолжи да ги негува добрососедските односи со континуирана имплементација на договорите со Грција и со Бугарија кои го обновиле интензитетот за проширување на ЕУ и дека институциите се посветени на постигнување резултати од владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Дали оваа дипломатска активност ќе вроди со плод или не, ќе се знае најдоцна до 10 ноември, кога Заев треба да се сретне со бугарскиот колега Бојко Борисов во Софија и кога ќе се одржи министерскиот состанок на Европскиот совет за општи работи, на кој треба да биде усвоена преговарачката рамка за Македонија, за што Бугарија поставува услови.

Завчера, во Брисел за првпат амбасадорите на земјите членки разговарале за преговарачката рамка за Македонија, а според порталот „Политико“, Бугарија најавила дека ќе стави вето на официјалниот почеток на преговорите ако не се земат предвид прашањата за јазикот и историјата. Порталот пишува и дека бугарската влада испратила циркуларно писмо до земјите членки на ЕУ, во кое се објаснува дека главната причина за резервираноста на Бугарија е „антибугарската идеологија во Македонија која е поддржана од власта, која не сторила доволно за да ги подобри меѓусоседските односи и да го спречи говорот на омраза кон соседот“. Сепак, дипломатите изразиле надеж дека сѐ уште има шанси да се избегне пропаѓањето на процесот и дека се планирани повеќе разговори пред претстојниот самит на т.н. Берлинскиот процес во Софија.

МНР да прати протестна нота до Бугарија

Додека траат дипломатските напори, се засилува и домашниот притисок врз македонската влада да реагира на провокациите на Каракачанов. Претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани, вели дека меѓу сојузници во НАТО такви изјави се неприфатливи.

– Изјавата на Каракачанов е сериозна, но и апсурдна. Бидејќи изјавата доаѓа кога и тие и ние сме членки на НАТО, има некои правила меѓу сојузниците кога вакви изјави не се прифатливи. Очекувам да реагираат и од седиштето на НАТО, па дури и генералниот секретар. Би требало да има реакција, затоа што ако упатиш ваква закана кон земја сојузник, тоа веќе ги надминува сите граници на однесување помеѓу членките на НАТО. Ваквите изјави на Каракачанов му се за внатрешна употреба, бидејќи според анкетите, тој нема да успее да влезе во Владата, односно нема да биде никаков фактор – смета Рамадани. Според него, одговорот на министерката Радмила Шекеринска за несериозноста на Каракачанов е на ниво, но министерката и премиерот тоа треба да го разговараат и со НАТО.

Демократскиот сојуз вчера жестоко ја осуди изјавата на Каракачанов како скандалозна и непримерна за министер за одбрана на членка на НАТО.

„Република Бугарија и РС Македонија се сојузници во НАТО-алијансата, во која безбедноста, мирот, добрососедската соработка се основни вредности и принципи, а изјавите за испраќање воени единици ги будат мрачните духови на минатото. Ставовите на Каракачанов, како и на европратеникот од владејачката партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, во кои се доведува во прашање прославата на 11 Октомври, Денот на востанието против фашистичкиот окупатор, како услов за поддршка на официјална Софија за нашето евроинтегрирање, се навреда за македонскиот народ, кој ја извојува својата национална слобода во Втората светска војна во борбата против фашизмот. Бугарија треба да се соочи со историската вистина дека во текот на Втората светска војна, монархистичкиот режим на бугарскиот цар Борис бил сојузник на фашистичка Германија, го потпиша Тројниот пакт, а за возврат од фирерот Хитлер доби награда да ги окупира териториите на Вардарска Македонија, Беломорска Тракија и Егејска Македонија“, реагира ДС.

Партијата смета дека најмалку што треба да направи министерот Османи е да го повика на разговор амбасадорот на Бугарија и да му врачи протестна нота, а очекува и премиерот Борисов да се огради од изјавите на Каракачанов.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот