Почнува првото судење за воено злосторство во Украина

Масакрот во Буча/ Фото EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Судењето на 21-годишниот војник Вадим Шишимарин, осомничен за убиство на цивил во украинското село Чупакивка, денеска би требало да почне, со што првпат од почетокот на војната во Украина, припадник на руските сили ќе биде гонет за воено злосторство.

Тој се обвинува дека пукал во главата на 62-годишно лице во селото, што се наоѓа во североисточна Украина. Може да добие доживотна казна затвор.

Адвокатот на Шипимарин, Виктор Овсјаников призна дека Обвинителството изградило цврст случај против неговиот клиент. Но, според него, конечната пресуда ќе ја донесе судот во Киев. Шишимарин сè уште се нема одлучено како ќе се изјасни за обвинението.

Главниот украински обвинител спроведува сè поголем број истраги поради наводно убивање, злоставување и мачење на цивили во Украина од страна на руски војници.

Се истражуваат над 10.700 потенцијални воени злосторства, во кои се вклучени повеќе од 600 осомничени.

Володимир Јаворкиј, координатор во Центарот за граѓански слободи во Киев, изјави дека активисти ќе го следат судењето, со цел да обезбедат заштита на неговите законски права.

– Може да биде тешко да се одржи неутралноста на судските постапки за време на војната. Почитувањето на правилата и на нормите ќе одреди како во иднина ќе се решаваат слични случаи, појасни Јаворкиј.

Минатата недела на социјалните мрежи, од Обвинителството беа објавени одредени детали. Руски војници виделе човек кој разговара на мобилен телефон, па Шишимарин добил наредба да го убие, со цел да не ги пријави на украинските воени власти. Шишимарин, низ отворен прозорец на возило, пукал со калашников и го погодил човекот во главата.

Имаше објавено и куса снимка, каде Шишимарин признава дека пукал во жртвата.

– Наредено ми беше да пукам. Пукав во човекот, тој падна, а ние продолживме понатаму, раскажува Шишимарин на снимката.

Нема детали за тоа кој му дал таква наредба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот