Почина големиот Енио Мориконе, за него Охрид беше посебен град (ФОТО+ВИДЕО)
Во 2009 година кога настапуваше во Македонија, големиот композитор изјави дека е воодушевен од Охрид: „Избегнувам да давам премногу комплименти, но ова е еден посебен град, посебно место и тоа сакам да го нагласам во оваа прилика“.
Светски познатиот италијански композитор Енио Мориконе (Ennio Morricone) добитник на престижната филмска награда Оскар и Медал за заслуги за Македонија, почина на 91-годишна возраст, објавија медиумите ширум светот.
Според италијанската новинска агенција АНСА, Мориконе починал во клиника во Рим како последица на пад минатата недела, кога скршил бутна коска.
Композиторот во својата плодна животна кариера стои зад музиката за преку 500 филмови за некои од најбитните режисери на 20. век како Бертолучи, Серџо Леоне, Пазолиини, Оливер Стоун, Алмодовар, Брајан Де Палма, Бери Левинсон, Терек Малик и многу други.
Енио Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година. Познат по своите бројни филмски музички теми, од кои 30 напишал за вестерн филмовите, по кои ќе стане препознатлив. Неговиот карактеристичен и мошне имитиран стил на компонирање за овој жанр на филмови може да се долови преку музиката за филмот „Добриот, лошиот и грдиот“ на режисерот Серџо Леоне, со кого Енио Мориконе имал долга и плодна соработка.
Ја добива својата прва награда Сребрена лента (Nastro d’Argento) во 1965 год. (година во која започнал да работи како предавач по компонирање во престижниот Конзерваториум Личинио Рефиче во Фрозиноне, во чие основање самиот зел активно учество) благодарение на музиката за филмот „Metti, una sera a cena“, и втората награда веднаш следната година за филмот „Sacco e Vanzetti“.
Првата номинација за наградата Оскар пристигнала во 1979 год. за музиката за филмот „Денови на Рајот“ (Days of Heaven), по што следи и онаа во 1986 год. за филмот „Мисија“ (The Mission) кој сепак ќе ја освои наградата од Британската академија за филм и телевизиска уметност (БАФТА) како и Златен глобус, потоа во 1987 год. за филмот „Недопирливи“ (The Untouchables), кој ќе добие Сребрена лента, Награда од Британската академија, Златен глобус и Греми во 1992 год. за филмот „Багзи“ (Bugsy) и во 2001 год. за филмот Малена (Malèna).
На 25 февруари 2007 год. по пет ненаградени номинации, му е доделена со долгоминутни овации од многубројната публика, наградата Оскар за животно дело, „за неговите извонредни и разни придонеси во полето на уметноста на филмската музика“.
Наградата Оскар му ја додели глумецот Клинт Иствуд, икона на вестерн филмовите од Серџо Леоне.
Селин Дион, во чест на композиторот, за време на доделувањето на наградата Оскар ја испеа песната „Знаев дека те сакам“ (I Knew I Loved You) која е дел од дискот и која е инспирирана од музиката од филмот Беше еднаш во Америка.
Во 2009 година, македонската јавност имаше можност да го проследи големиот композитор во Охрид, кога Мориконе настапи на сцената на Античкиот театар. Со неговиот концерт се отвори годинешното 49-то „Охридско лето”.
Во Античкиот театар беше изведена музиката која Мориконе специјално ја компонираше за светските филмски хитови „За грст долари”, „Добриот, лошиот и грдиот”, „Беше еднаш на дивиот Запад” и други.
Триилјадната публика во Античкиот театар дури трипати го враќаше 81 годишниот Мориконе на сцена, а тој на тоа како вистински уметник знаеше да отпоздрави со уште неколку изведби на своите дела.
Во знак на сеќавање на неговото гостување во Охрид организаторите на Мориконе му врачи охридска резба со ликот на Патронот на градот – Свети Климент Охридски.
Во таа прилика, големиот композитор изјави дека е воодушевен од Охрид: „Избегнувам да давам премногу комплименти, но ова е еден посебен град, посебно место и тоа сакам да го нагласам во оваа прилика“.