„По риба“ со жените риболовци Виолета Умленска и Рената Христовска: Рибарењето не е само машка работа!

Жените почетнички во риболовот, за почеток, треба да се запознаат со риболовот, на какви мамки рибата загризува, каков е теренот. Потребни се неколку тапи со различна големина, оловца со различни големини и јадички кои треба да знаат да ги врзат доколку се сами.

Жените одамна ги урнаа стереотипити за фудбалот како машки спорт, облекоа боксерски ракавици и кимона за карате, влегоа во спортски автомобили, но сепак, сè уште постојат спортови во кои многу ретко може да ги видиме. Риболовот е еден од тие спортови.

Различните предрасуди се изгледа виновни за тоа што во Македонија жени риболовци има колку да ги избориш на прстите од едната рака. За жените да „не одат по риба“, веројатно придонесуваат и традиционалните размислувања на самите жени дека викендот треба да го поминат во чистење на куќата, грижата за децата, готвење и слични домашни обврски, наместо во заслужена релаксација по стресната работна недела. А рибарењето е од оние релаксации што нудат уживање во природа и заборавање на секојдневните проблеми кои нè притискаат. Но вистинската суштина на риболовот не е во риболовот, туку во предвизвикот, страста и уживањето. Победата е безвредна, борбата е важна зашто што подолго трае, повеќе ќе уживате. Целта не е да се стигне, туку да се патува. Целта не е да се фати риба, туку да се лови. А такво единствено чувство нема да почувствувате сè додека самите не се фатите за трската. Како што тоа го направиле, е-хее уште одамна, денес искусните жени риболовци Виолета Умленска и Рената Христовска.

Виолета Умленска: Рибарењето е најевтин психијатар

Виолета Умленска од Скопје почнала да се занимава со риболов пред дванаесет години. Вели дека зела трска од шега, но кога се фатило првото рипче, веќе немало престанување.

Тешко е да се најде жена во Македонија која е страсен риболовец, што го прави риболовот рекреација за мажи? Познавате ли вие жени риболовци, се дружите ли, ловите ли риба заедно?

– Не би рекла дека риболовот е само рекреација за мажи, ама кај нас жените не се дрзнуваат да фатат трска или да ловат риба од различни причини. Предрасудите се огромни, а и менталитетот, ако жена како жена сама е „по риба“ веднаш се менува мислењето за домаќинка. Не познавам ниту една жена риболовец, тоа се жени кои одат со мажите на риболов за да им прават друштво, и по некоја салата, може и некоја од нив да се обиде во риболовот.

Како жена рибар почитувана сум од мажите рибари, ми помагаат секогаш кога треба помош за сè во врска со риболовот, не верувам дека ме гледаат како објект, иако има ретки исклучоци во сите овие години.

За жените кои сакаат да почнат со риболов, каква опрема им треба, освен трска, и треба ли трската да биде соодветна за почетник?

– Трска си е трска, јас почнав со една грда трска и орша што ми ја даде еден другар, беше некоја југословенска. Ама трската не фаќа риби, туку личноста. Жените почетнички за почеток треба да се запознаат со риболовот, на какви мамки рибата загризува, каков е теренот. Потребни се неколку тапи со различна големина, оловца исто така со различни големини и јадички кои треба да знаат да ги врзат доколку се сами.

Скапа ли е риболовната опрема, со колку од прилика пари можеме да почнеме со нашата риболовна рекреација?

– Дискутабилно прашање, но не е евтино, секое задоволство се плаќа. Не би знаела да кажам со колку пари може да се почне, ама понатаму, како што рибариш, се надоградуваш со опрема, а богами требаат и пари.

Каде ни се најдобри шансите да уловиме нешто што за почеток ќе ни биде добра стимулација? Како да го одбереме најсоодветното место за риболов?

– За почеток на езеро, реките се тешки за почетници. Според мене, за жена е најдобро да лови риба на езеро.

Каква храна за мамка ни е потребна за почеток?

– Бела пченица и „шеќерац“, по некој црвен црв, но зависи од теренот.

Која е убавината и задоволството од риболовот? Дали пред сè станува збор за спокојство и активност во природа?

– Иако многумина не можат да разберат кое е задоволството, за мене тоа е мир и рекреација, мозокот е „пуштен на пасење“, а пред сè уживањето во природа.    Рибарењето е најевтин психијатар.

Рената Христовска: Гледаш во тапата и забораваш на сè!

Рената од Скопје со риболов се занимава осумнаесет години. Нејзиниот сопруг е рибар од дете, па тој ја убедил да оди „по риба“. Убаво го помни тој августовски ден во Ташмаруништа, кога се разбудила во четири часот наутро и за првпат тргнала „по риба“, поспана и не баш со голема страст. Ама прво па машко. Почетничката среќа ѝ донела голема риба, караш од еден килограм и двесте грама, но рибата се откачила, а Рената останала до пладне со надеж дека пак ќе ја улови. Следното утро сама се разбудила пред изгрејсонце и тогаш почнува нејзиното страсно рибарско патешествие.

Вели дека мали риби не лови зашто се лесен плен за неа. Не сака ни мрежи, смета дека спортски риболовец е оној што лови со трска. Годинава уловила крап од четири и пол килограми, завршила во езеро влечејќи го, зашто големиот крап ја повлекол силно трската, а таа инстинктивно скокнала по трската и се разбира, по крапот. Мисијата била успешна.

Кај риболовците не е чувството само во тоа да ја фатиш рибата и да ја однесеш дома, туку рибарењето само по себе е посебно чувство. Ми се случува да фатам риба и да ја пуштам, ако рибата е помала и знам дека ќе расте.

На прашањето дали риболовот е резервиран кај нас само за мажи и зошто нема жени риболовци, таа ни одговара:

– Никако само за мажи! А зошто кај нас сè уште жените не се активни во риболов, веројатно се должи на тоа што жената смета дека треба да чисти дома, да направи ручек, наместо да се рекреира. Риболовот е одлична антистрес терапија, а жените имаат прилично стресен живот, полн со обврски, па рибарењето одлично би дошло на секоја жена да не мисли на проблемите, барем додека лови риба, и одлично да се релаксира. Гледаш во водата, гледаш во една точка, гледаш во тапата и забораваш на сè.

За жените кои сакаат да почнат со рибарење, Рената советува да посетат некоја од продавниците за риболов, да си купат трска, која може да чини од илјада денари до илјада евра, но се разбира, не им е потребна скапа трска туку најосновна, и да почнат со ловење, на пример, на плашки.

– Плашката е многу лесна за ловење, а ако се грозат со прсти да фаќаат црви, можат да ловат со бело лепче. Инаку, и црвите можат да се купат во продавниците каде што се продава рибарска опрема, а белите црвчиња се одлични за ловење плашки. Накусо, опремата за почетник не би требала да чини повеќе од педесетина евра. Од сезоните пак, најидеални за почеток се пролетта и летото – забележува Рената.

Македонија изобилува со прекрасни места за риболов, а оние кои живеат во Скопје, за време на викендот можат да риболоват на блиските дестинации – Велешко Езеро, Тиквешко Езеро, реката Вардар накај Велес каде што е чиста, а Козјак изобилува со многу риба.

– Кај риболовците не е чувството само во тоа да ја фатиш рибата и да ја однесеш дома, туку рибарењето само по себе е посебно чувство. Ми се случува да фатам риба и да ја пуштам, ако рибата е помала и знам дека ќе расте поголема – вели Рената.

Рената не лови риби во реките, а најчесто ќе ја најдете во Ташмаруниште, Струшко. Ловат заедно со сопругот, а нему пак, задоволство му е што заедно го минуваат викендот во риболов.

– Мислам дека е предност што заедно ловиме, и воопшто не му пречи моето друштво, напротив. Нема „кај си, што правеше…“, како што се случува да прашуваат сопругите на рибарите – се смее таа.

За жал, во Македонија нема натпревари по риболов за жени од причина што нема доволно жени риболовци, вкупно се на прсти да се избројат. И за разлика од мажите, кои знаат да се групираат и да одат „по риба“, жените немаат таква пракса, па нема да сретнете групичка од жени кои риболоват заедно.

Дека жени риболовки сме имале и поодамна, иако многу ретки, потврдува тоа што и вујна ѝ на Рената ловела цели четириесет години. Чувството на непријатност да се биде жена риболовец меѓу триесетина мажи на езерото може да се појави само кај почетник, а потоа бргу се надминува. И седумнаесетгодишната ќерка на Рената, Теа, веќе почнала да рибари, а нема сомнеж дека и четиригодишниот син Петар, кој засега фрла камчиња во езерото и со тоа ги брка рибите, ќе биде иден риболовец.

А на крајот, кога ќе стигнеме до дегустациите на уловените риби, не заборавајте дека „се почнува со риба и се заврува со риба“. Плашката „оди“ со пиво и со бело вино, сомот со црвено вино, јагулата бидејќи е тешка и мрсна исто така „оди“ со црвено вино, а во крапот, пастрмката и белвицата уживајте со чаша  бело вино.

Занимливост: Првата книга за риболов ја напишала жена

Малку е познато дека првата книга за риболов, која претставува темел за модерната теорија на спортскиот риболов е напишана од жена. Станува збор за книгата „Дискусија за лов на риба со јадица“, чиј автор е жената – старешина на манастирот Сопвел во Англија. Била објавена во 1496 година во Сент Олбанс, како додаток на Книгата од Сент Олбанс. Во делот каде што за првпат се зборува за риболовот се опишани одредени видови и техники. Така, оваа жена, која ги задолжила идните спортски риболовци од целиот свет, го поделила риболовот на спорт за господа и благородници, риболов на дното, риболов со пливање, риболов без пловка, риболов на пастрмки и на други риби. Во книгата се опишани и мамките, јадиците, опремата за риболов, времето на мрестење, како и чуварите на риба, па дури и како дошло до првите забрани за риболов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот