По хорор-крштевањето во Романија: Црквата не се чувствува виновна

epa02361727 A Georgian orthodox priest baptizes a baby during a mass baptism of some 700 babies into the Georgian orthodox church in Tbilisi, Georgia, 28 September 2010. In a drive to promote the demographic growth of members of the Georgian Orthodox church, heads of the faith have promised that the third child of any family will be baptized by the head patriarch, Ilia II. EPA/ZURAB KURTSIKIDZE

Свештеникот целосно го потопи шестнеделното бебе трипати во водата од крстилницата. Отпрвин тоа врескаше, потоа стануваше сѐ потивко и имаше сини усни. Загрижените родители повикаа брза помош, а потоа тоа е пренесено на одделот за интензивна нега во болница. Таму почина следниот ден. Обдукцијата откри 100 милилитри вода во белите дробови на бебето, изјави надлежниот лекар.

Трагедија во Романија: Новороденче почина по крштевањето, го потопиле трипати во вода

Ова хорор-крштевање се случи во последната сабота на јануари во северниот романски град Сучеава и заврши ужасно. Оттогаш очајните родители беа интервјуирани од бројни медиуми. Полицијата сега спроведува истрага против свештеникот кој ја изврши церемонијата на крштевање за убиство без умисла.

Случајот е доволно ужасен за да предизвика големо медиумско внимание. Но, романската јавност смета дека хорор-крштевањето во Сучеава е повеќе од само шокантен индивидуален случај. Смртта на бебето при крштевањето предизвика жестока дебата во земјата за начинот на кој се изведуваат церемониите за крштевање. Меѓу другото, над 60.000 луѓе потпишаа петиција во која повикуваат на укинување на потопувањето на бебињата во крстилниците.

Традиционална црковна побожност

Но, случајот доведе и до општа дискусија за често контроверзната улога на Романската православна црква (РПЦ) во општеството. „Во трагедијата на бебето од Сучеава“, пишува добро познатата новинарка од Букурешт Јоана Ене Догиоиу, „не станува збор само за свештеник и ритуалите на црквата, туку и за општеството воопшто“.

Во Романија, скоро сите етнички романски жители се православни христијани . Повеќето од нив не се гледаат себеси како строго религиозни. Но, тие честопати се заробени од христијанско-традиционалистички начин на размислување, особено во руралните области. Таму зборот на свештеникот е често најважен. Но, дури и во градовите, многу луѓе често совесно се придржуваат до бројните христијански ритуали – од годишен благослов на куќата до крштевки и слави.

Црковната побожност во Романија има сложена заднина. Меѓу другото, никогаш немало историско раздвојување на црквата и државата, какво што искусија земјите од Западна Европа од почетокот на модерното време.

Во романскиот устав од 1923 година, православната црква беше еден вид државна црква со приоритет пред сите други цркви. Севкупно, влијанието на православната црква во земјата е сè уште големо и денес. Во рангирањето на институциите кои уживаат најголема доверба, таа со децении секогаш зазема една од највисоките позиции.

Скандалозниот надбискуп Теодосие

Од своја страна, Романската православна црква до денес во многу социјално-политички области полага право на мислење, па дури и своевидна надлежност, особено во семејната и образовната политика. Често застапува антилиберални, христијанско-фундаменталистички и антимодернистички позиции. И честопати поларизира со тоа.

Така и во сегашниот случај на бебето кое почина преку крштевање. Најгласен беше Теодосие, надбискуп на епархијата Томис во југоисточна Романија и еден од најконзервативните црковни водачи во земјата. Тој го привлече вниманието на јавноста со многу афери. За него се вели дека некогаш бил доушник на комунистичката тајна служба Секуритате. Му се судеше за корупција, лажни изјави и измама, но секогаш беше ослободуван од обвиненијата.

Крштевање само во ладна вода

Теодосие ги отфрла барањата да се дозволи бебињата само да се прскаат или да се полеваат со вода наместо да се потопуваат три пати за време на крштевањето. На десничарската националистичка телевизиска станица Антена3, архиепископот рече дека потопувањето се практикува два милениума и оти ќе остане така и во следните илјада години. Тој лично крштева бебиња во ладна вода, затоа што, како што вели, тие така духовно се „сензибилизираат“ и згора на тоа подоцна нема да настинуваат.

Теодосиј индиректно ги обвини и родителите за смртта на бебето. Тоа при краткото потопување, воопшто не можело да проголта вода, туку неговите родители можеби го „пренајале“, и тоа се задушило на мајчиното млеко, рече свештеникот.

Теодосие со години наназад произведува наслови во медиумите со вознемирувачки изјави. Тој се смета за водач на тврдокорните во црквата и православните фундаменталисти. Официјалната позиција на црквата во случајот на мртвото бебе е малку понијансирана. Под одредени околности дозволено е бебе целосно да не се потопува при крштевањето, рече портпаролот на РПЦ, Василе Бенеску. Крштевањето исто така може да се одложи во случај на проблематично здравје.

Интелектуалците со критики кон црквата

Како и во овој случај, црковното раководство под патријархот Даниел честопати не се изјаснува за чувствителни прашања или избира помалку контроверзни зборови. Сè на сè, таа сè уште се залага за христијанско-фундаменталистички и антимодернистички курс. Во 2018 година црквата организираше хомофобичен „Референдум за семејството“.

На крајот тој беше неважечки поради недоволна излезност која изнесуваше помалку од 30 проценти, меѓутоа најмалку три и пол милиони луѓе гласаа за иницијативата. Со децении, црковното раководство го толерираше и дел од свештенството кое го величаше христијанско-православното фашистичко легионерско движење од меѓувоениот период. Тоа беше одговорно за многу грозоморни антисемитски злосторства.

Заради поларизирачките позиции и постапки на православната црква, во последниве години меѓу дел од романските креатори на јавното мислење се етаблираше дискурс критички настроен кон црквата, што претходно беше незамисливо. Коментаторите и интелектуалците, на пример, се осврнуваат на врските помеѓу државата и црквата, корупциските афери на свештениците или на недостатокот на социјален ангажман на романското православие. А во случајот на починатото бебе, неколку познати публицисти побараа православната црква конечно да влезе во 21 век.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот