По експлозијата во Бејрут 80.000 деца се бездомници
Проценките се дека и до 80.000 деца се раселени во Либан откако нивните домови се оштетени во експлозијата во вторникот во Бејрут, објави УНИЦЕФ.
Спасувачките тимови и натаму ги пребаруваат урнатините на пристаништето во Бејрут по телата на настраданите, речиси три дена по страшната експлозија која уби најмалку 154 лица, а илјадници се повредени. Десетици сè уште се сметаат за исчезнати, а бројот на ранети вчера беше над 5.000.
Околу 300.000 луѓе – повеќе од 12 % од жителите на Бејрут – не можат да се вратат во своите домови поради последиците од експлозијата. Силниот удар ги искрши прозорците и вратите ширум градот и многу згради ги остави празни. За повеќе од четвртина лица кои мораа да си заминат од своите домови се верува дека се деца.
Вчера УНИЦЕФ изрази загриженост поради тоа што многу деца претрпеа трауми и се во состојба на шок. Вајолет Спик – Варнери, заменичка претставник на организацијата во Либан, рече: „Во текот на изминатите 48 часа УНИЦЕФ продолжи тесно да се координира со властите и партнерите на терен за да одговори на итните потреби на погодените семејства, и да се концентрираме на здравјето, водата и доброто на децата“.
Оваа организација вчера додаде дека постојат бројни известувања за деца кои се одвоени од членовите на семејството, а некои се водат и за исчезнати, и дека детската болница во Бејрут, која имала специјализирана единица за лекување на критични новороденчиња, е уништени.
Од УНИЦЕФ рекоа дека заговараат повторно обединување на децата кои се одвоени од своите родители и се воспоставува телефонска линија со цел да се пружи психолошка поддршка за да можат децата полесно да се справат со стравот и траумата која ја преживеале.