Племињата креваат глас: Вратете ни ја земјата!

epaselect epa04176171 Shane Red Hawk of the Sicangu Lakota band of the Rosebud Sioux (C-R) waits with other tribal leaders with the 'Cowboy and Indian Alliance' to begin a horseback ride in protest of the Keystone XL Pipeline near the Capitol Reflecting Pool in Washington, DC, USA, 22 April 2014. The alliance of farmers, ranchers, and tribes has dubbed their week-long series of protests 'Reject and Protect.' EPA/JIM LO SCALZO

Масовните граѓански немири на маргинализираните групи во САД ги охрабруваат барањата на нативните племиња не само да им се подобри статусот и да бидат разбиени историските митови, туку и да им биде вратена одземената земја

Организаторите на веќе традиционалниот протестен марш во Плимут, Масачусетс, креваат глас против митот дека луѓето од „Мејфлауер“ ја „донеле цивилизацијата на Новиот свет“

Заложници сме на стереотипот дека сме ги пречекале колонизаторите од Плимут, сме поделиле вечера со нив, и по таа 1621 година повеќе не сме постоеле. Тоа не може да биде подалеку од вистината – вели Роберт Максим, припадник на народот Машпи Вампаноаг.

Секој четврти четврток во ноември, кога Американците традиционално се собираат на семејна трпеза за да го прослават Денот на благодарноста, домородните народи со тивки протести се сеќаваат на денот кога туѓинците пристигнале за да им ја одземат земјата.

Овој четврток, токму на 400-годишнината од прикотвувањето на бродот „Мејфлауер“ со англиски доселеници во Новиот свет, домородните американски народи по јубилеен 50-ти пат го одбележуваат Националниот ден на жалоста. Но, овој пат, масовните граѓански немири на маргинализираните групи во САД ги охрабруваат барањата на нативните племиња не само да им се подобри статусот и да бидат разбиени историските митови, туку и да им биде вратена одземената земја.

Организаторите на веќе традиционалниот протестен марш во Плимут, Масачусетс, креваат глас против митот дека луѓето од „Мејфлауер“ ја „донеле цивилизацијата на Новиот свет“.

– На овој ден многу луѓе се принудени да се соочат со митологијата на првите колонизатори, да се соочат со грдите епизоди на Америка и нејзиното минато – вели Киша Џејмс, внука на Вамсута, припадник на народот Вампаноаг и еден од идејните творци на Националниот дел на жалоста.

Племето што ги пречекало дојденците не е племе!

Племето Вампаноаг било тоа што ги пречекало англиските колонизатори во ноември 1620 година на брегот покрај нивната ловишта, на територијата на која дојденците ја основале Колонијата Плимут. Неподготвени за суровата зима, едвај една половина од дојденците преживеале до следниот ноември, кога првата есенска жетва решиле да ја прослават заедно со староседелците – тоа, според традиционалната историја на САД, бил првиот Ден на благодарноста. Денес, четири века подоцна, народот Машпи Вампаноаг сѐ уште се бори да ја добие својата земја, со чии плодови опстанале првите доселеници, но блокирано е зашто не е наведено меѓу „Индијанците“.

– Заложници сме на стереотипот дека сме ги пречекале колонизаторите од Плимут, сме поделиле вечера со нив, и по таа 1621 година повеќе не сме постоеле. Тоа не може да биде подалеку од вистината – вели Роберт Максим, припадник на народот Машпи Вампаноаг.

Во 2015 година федералните власти објавиле дека околу 120 хектари земја во Масачусетс ќе им остави на располагање на племето за да создаде резерват, во кој ќе има суверенитет и право да гради домови, училиште и полициска станица. Но, во 2018 година Министерството за внатрешни работи ја поништило одлуката, реагирајќи на тужба од граѓани дека Машпи Вампаноаг не е под федерална јурисдикција.

– Апсурдно е наследниците на племето што ги пречекало дојденците, за кое учат децата и за кое се зборува секој пат во овој период од годината, не е опфатено со дефиницијата на „племе“. Тоа е одлична илустрација колку е хаотичен системот и како политиката била насочена против домородните народи низ нашата историја – објаснува Максим.

Вијут повторно танцуваат на островот Дулуват

Племето Вијот илјадници години живеело на островот Дулуват во заливот Хамболд на северниот брег на Калифорнија. Во 1860 година група бели доселеници упаднала на годишната племенска церемонија и масакрирала многу жени, деца и старци. По злосторството, на островот било изградено пристаниште, кое до 1990 година останало пусто, со отпаден метал и отровни хемикалии. Племето Вијот лани го доби назад на управување речиси целиот остров, по неколкудецениски напори. Кога во 2000 година била дадени на продажба земја со површина од 6.000 квадратни метри, племето собрало 106.000 долари за да ја купи. Подоцна градот Јурека се согласил да им врати 16 хектари, а во 2015 година уште 80 хектари. Одлуката станала правосилна лани.

Островот Дулуват е првата територија во САД што безусловно му е вратена на домороден народ. Племето Вијот уште од првите 6.000 квадратни метри настојува да ја врати територијата во оригиналната состојба. Доброволци го чистат пристаништето од напуштени машини, акумулатори и шут, а заедно со партнери ја деконтаминираат почвата. Во 2014 година, племето Вијот конечно повторно танцувало на својот празник, век и пол по прославата прекината со масакр.

– Островот е само еден дел од нашиот пат. Другиот дел од патот е чекорењето по земјата, знаејќи дека таа се уште е света и дека треба да се грижиме за неа и да ја чуваме – вели Черил Сеиднер, поранешна поглаварка на племето.

Мисионерите по два века го одржале зборот

Во Охајо, Обединетата методистичка црква неодамна му врати дел од земјата на народот Вијандоти. Мисионерот Џон Стјуарт ги сретнал Вијандотите пред два века и на нивната земја изградил црква во која христијанизираните припадници на племето учеле со децении. Кога федералните власти ги присилиле припадниците на племето да се преселат подалеку на запад, Вијандотите побарале од методистите „да се грижат за нивната земја додека не се вратат“. На прославата на 200-годишнината од основањето на црквата учествувале и Вијандоти и било договорено да биде исполнето ветувањето старо два века.

– Ваквите чинови придонесуваат за заздравување на старите рани, направени од црквата кон нативните и домородните народи. Ова не се само зборови, туку конкретен акт на враќање на земјата, почитување на зборот даден кон Вијандотите – вели Томас Кемпер, поранешен секретар на црквата.

Поглаварот Били Френд вели дека Вијандотите планираат да ја обноват црквата и да ја претворат во историски споменик.

– Многу ретко се случува да ни го враќаат одземеното. Ми беше чест да видам луѓе што го направија вистинското нешто – вели Френд.

Не сакаат милијарда, туку Маунт Рашмор

Невладината организација НДН Колектив истакнува дека бара партнери меѓу граѓанските здруженија, како Црните животи се важни, за иницијативи за „колективно ослободување“. Меѓу првите иницијативи е барањето Националниот меморијален центар Маунт Рашмор, издлабен во карпите на Блек Хилс, да се затвори за посетители, а земјата да им се врати на староседелното племе Лакота. На 3 јули активисти од НДН Колектив организираа протести на приодните патишта кон Маунт Рашмор, кога таму требаше да пристигне и да говори претседателот Доналд Трамп. Додека повеќето групи протестираа поради расистичкото минато на претседателите чии ликови се издлабени во планината, домородните племиња бараа да им биде вратена планината.

Националниот парк Маунт Рошмор/ Фото: EPA-EFE/TANNEN MAURY

Блек Хилс, ридови што се света земја за Лакотите, им биле дадени на користење во 1868 година. Неполни десет години подоцна, федералните власи се откажале од договорот, откако во регионот биле откриени златни жили. Врховниот суд на САД во 1980 година пресудил дека земјата незаконски им била одземена на Лакотите, кои имаат право на отштета во висина над 1 милијарда долари. Лакотите никогаш не ја побарале сумата. Тие ги сакаат назад Блек Хилс.

– Поврзаноста со земјата е основата на сите домородни народи. Нивното барање е едноставно. Вратете ни ја земјата – објаснува Рендал Аки, професор по индијански студии на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот