Пет граѓани лани пријавиле кражба на криптовалути

Биткоин/ Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика бележи пријавувања на инциденти што директно или индиректно се поврзани со размена, продажба или кражба на криптовалути, ни изјавија од МВР.

Во Македонија во многу градови има менувачници на крипто-средства, има македонска платформа за тргување со криптовалути, а многумина се занимаваат и со „копање“ на крипто-средствата. Но, како и во целиот свет, така и во нашата држава веќе се појавуваат и кражби на криптовалути.

Според информацијата што ја добивме од МВР, лани 5 граѓани пријавиле дека им ги украле крипто-средствата.

– Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика бележи пријавувања на инциденти кои директно или индиректно се поврзани со размена, продажба или кражба на криптовалути. Во текот на 2021 година 5 лица имаат пријавено кражба на криптовалути. Поради тоа што комуникацијата со берзите за криптовалути се одвива отежнато, истрагите се сѐ уште во тек – велат од МВР.

Повеќе детали за тоа колку криптовалути им се украдени и на каков начин, не добивме.

Поседувањето криптовалути кај нас сѐ уште не е регулирано, но нема ни закон што ги забранува, па тие се третираат како која било стока и затоа е можно и да се пријави нивна кражба.

Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, се подготвува регулатива за регулирање на поседувањето и активностите со криптовалутите. За почеток тие ќе се регулираат во Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Нацрт-предлог на овој закон е веќе изготвен и е ставен на увид, а според него е предвидено задолжително регистрирање на крипто-менувачници, крипто-апарати, платформи за тргување со криптовалути. За нерегистрираните се предвидени казни и до 40.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот