Пендаровски, собраниска и владина делегација му оддадоа почит на Гоце Делчев по повод 152-годишнината од раѓањето

Претседателот на државата Стево Пендаровски утрово положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Пендаровски му оддаде почит на Делчев по повод 152-годишнината од раѓањето.

На вечното почивалиште на Гоце Делчев цвеќе положи и делегација на техничката Влада, предводена од првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во чиј состав се министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Цвеќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски. Во состав на делегацијата се Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Почит на Делчев му одадоа и поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.

Чествувањето почна со панихида со која чиноначалствуваше г.г. Стефан во сослужение на повеќемина свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољубци подготвени да ги бранат неговите аманети. Гоце и многубројните комити и борци се дадоа за слобода на татковината, а што даваме ние. Љубовта кон татковината се потврдува само со дела, крајно време е да видиме дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со свето име, истакна поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Поради безбедносни протоколи, поставени се два пункта за контрола од страна на МВР, едниот на крстосницата кај „Меморијалниот центар на холокаустот“ и другиот кај Мустафа-пашината џамија.

Делегации од Град Скопје и скопските јавни претпријатија предводени од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска положија свежо цвеќе на споменикот на великанот на македонската борба за слобода Гоце Делчев, по повод 152 годишнината од неговото раѓање.

И во Струмица денеска е одбележана 152-годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад се одржа пригодна свеченост на која за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Таков бесмртен лик на тлото по кое чекориме е најголемиот македонски син, стожерот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, кој се роди на денешен ден-4 февруари, во далечната 1872 година. Токму по тој повод, стоиме простум пред неговиот најмонументален споменик во земјава за да ја одбележиме 152-годишнината од неговото раѓање, но и да се потсетиме на најважните нешта кои го одбелажаа неговиот краток, но исклучително богат живот, исполнет со најзначајните жили од кореновиот систем на македонското револуционерно движење, рече Костадинов.

Ученици од ОУ „Гоце Делчев“ од селото Вељуса изведоа рецитал, а претставници на политички партии, институции, здруженија и граѓани положија цвеќе пред споменикот на Делчев.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот Владо Мисајловски, во состав од членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, претседателот на Правна Комисија Панче Тошковски и пратеничката Велика Стојкова Серафимовска денес положи свежо цвеќе на гробот на Македонскиот великан Гоце Делчев, по повод 152 години од неговото раѓање.

Делчев е апостолот на Македонското револуционерно движење, човек кој својот млад живот го положил на олтарот на татковината за слободата на Македонија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот