Пендаровски не открива дали ќе оди на втор мандат

Стево Пендаровски фото МИА

Шефот на државата Стево Пендаровски во овој момент воопшто не размислува дали на претседателските избори во 2024 година ќе се кандидира за втор претседателски мандат, велат за „Слободен печат“ од кабинетот на Пендаровски, откако премиерот Димитар Ковачевски од првата трибина од карванот „Силна и одлучна Македонија”, завчера од Битола за првпат најави дека СДСМ и коалицијата ќе го предложат и изберат претседателот на државата.

Премиерот повтори дека парламентарните избори ќе бидат во редовниот термин и дека ќе се оди на двојни избори.

– СДСМ повторно е на победничките патеки и е целосно консолидирана, почнавме преговори со ЕУ и повторувам со заштитен македонски идентитет и со затворени крупни политички прашања во државата. Изборите ќе бидат редовни во 2024 година, и како што кажав, во Маврово – Ростуше на почетокот на кампањата, јас на крајот од кампањата ќе дојдам во Маврово – Ростуше  и со кренати раце ќе ја славам победата на СДСМ. Сега ви кажувам дека во 2024 година ќе дојдам во Битола и со кренати раце ќе ја славам победата на СДСМ, тука од Битола. Затоа што на тие избори ќе се судрат два концепта, едниот предводен од мене, кој е поевропски концепт, кој значи членство во ЕУ со заштитен македонски идентитет, горди граѓани, со сигурна и побогата иднина. Вториот концепт, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Левица, кој значи враќање назад во неизвесност и во изолација. Јас сум решен и одлучен и ви велам дека ќе успееме, во 2024 година проевропската коалиција, предводена од СДСМ, ќе биде победничка коалиција за европска Македонија, која  ќе ги избере и веднаш ќе го предложи и идниот претседател на РСМ и ќе формира парламентарно мнозинство повторно во Парламентот – порача Ковачевски.

Ковачевски не излезе со детали дали СДСМ на двојните избори повторно ќе типува на актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, за негов втор мандат за шеф на државата, ниту пак, дали со владиниот партнер Али Ахмети ќе договара заеднички настап на претседателските избори, како неговиот претходник Зоран Заев.

Конкретни информации нема ниту од кабинетот на Пендаровски. Од Вила Водно за „Слободен печат“ велат дека Пендаровски во моментов воопшто не размислува на таа тема.

– Нема договор, ниту разговори меѓу претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски за втор мандат на шефот на државата – велат од кабинетот на Пендаровски.

И од ДУИ велат дека Ахмети и Ковачевски уште не разговарале на таа тема. Интересно е дека висок функционер од ДУИ за „Слободен печат” вели дека лично би го поддржал Пендаровски за втор мандат, но сепак за стратегијата за претседателските избори прво треба да разговараат Ахмети и Ковачевски и партијата да изгради став за настапот за избор на шеф на државата.

Ахмети, пак, пред една година во кампањата за локалните избори порача дека следното табу што треба да се урне е Албанец да биде претседател на државата. Ахмети тогаш во разговор за „Слободен печат”  рече дека Албанец претседател на државата треба да го избираат граѓаните на непосредни избори, откако невладиниот сектор ќе го подготви теренот за тоа. Според Ахмети, претседателската функција е последната бариера за уривање во меѓуетнички бариери во македонското општество.

– Ние го скршивме мразот кога на последните претседателски избори не излеговме со свој кандидат, туку застанавме за кандидатурата на Стево Пендаровски, и ДУИ и јас лично водевме кампања да победи – рече тогаш Ахмети.

Лидерот на ДУИ не прецизира дали на следните избори во 2024 година ќе ја турка идејата за Албанец – шеф  на државата или ќе почека невладиниот сектор да создаде погодна клима за тоа.

– Многу е важно да се урне и тоа табу, да се урне митот дека Албанец не може да биде претседател на државата. Треба граѓанскиот сектор, интелектуалци и општественици да ја отворат темата. Време е да почне да се зборува за тоа, а кога ќе се реализира, ќе видиме – изјави тогаш лидерот на ДУИ за „Слободен печат”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот