Пеколните горештини во Кина ја преполовија третата најдолга река во светот

Најголемата притока на Јангце, реката Јиалинг е речиси комплетно пресушена/Фотографија ЕПА, Стрингер

Суша – Делови од реката Јангце што е важна за кинеската економија се пресушени поради што е запрен речниот транспорт

Пеколните горештини и големата суша што летово ја зафатија Кина, предизвикаа пресушување на некои реки во земјата, вклучително и делови од третата најдолга река во светот Јангце, поради што е запрен речниот транспорт и ги принуди големите компании да ги затворат фабриките на одредено време.

Јангце е трета најголема река во светот, која снабдува со вода за пиење повеќе од 400 милиони Кинези ѝ е највиталниот воден пат за кинеската економија.

Реката е важна и за глобалниот синџир на снабдување, но летово нивото достигна рекордно ниско ниво, па цели делови и десетици нејзини притоки пресушија. Протокот на вода во главниот канал е за 50 отсто помал од петгодишниот просек што доведе до затворање на водните патишта во централните области на земјата.

Во градот Чонгкинг, нивото на водата се намали и откри претходно потопени будистички статуи, за кои се проценува дека се стари околу 600 години.

Кинеските власти уште во петокот издадоа предупредување за суша, бидејќи се предвидуваше дека продолжениот и силен топлотен бран посебно во југозападниот дел од земјата ќе продолжи и во септември.

Намалениот проток на вода предизвика големи проблеми во провинцијата Сечуан, која дури 80 отсто од електричната енергија ја добива од хидроцентралите.

Во неделата, владата на покраината прогласи највисок степен на тревога поради тешката ситуација, бидејќи протокот на вода низ хидроцентралите беше преполовен. Во меѓувреме, побарувачката на струја е зголемена за 25 отсто.

Минатата недела регионалните власти на Сечуан го ограничија снабдувањето со електрична енергија на илјадници фабрики и ја намалија јавната потрошувачка на енергија. Поради тоа, дел од големите компании како „Тојота“, „Фокскон“ и „Тесла“ привремено ги затворија своите погони, а плановите за рестартирање на производството се одложени на неодредено време.

Сушата зафати најмалку 2,46 милиони луѓе и 2,2 милиони хектари земјоделско земјиште во провинциите Сечуан, Хебеи, Хунан, Јиангкси, Анхуи и Чонгкинг.

Властите на погодените од суша региони побрзаа да обезбедат доволно количини вода и електрична енергија бидејќи се наближува сезоната на жетва на култури како оризот и сојата. Во неделата регионалната влада на Сечуан одлучи да испушти околу 980 милиони кубни метри вода од акумулацијата за да се обидат да го компензираат екстремно нискиот водостој.

Министерството за вонредни состојби објави дека поради сушите потребна е директна владина помош за повеќе од 780.000 луѓе.

Водата за пиење се доставува со цистерни до областите кои целосно пресушија. Високите температури само во јули предизвикаа директна економска штета околу 400 милиони долари, при што беа погодени околу 5,5 милиони луѓе. Топлотните бранови низ светот исто така предизвикуваат намалување на водостојот на реки како Рајна и Лоара во Европа и Колорадо во САД.

Според Пекинг, климатските промени и топлотните бранови се виновници за големата суша.

– Мораме да се соочиме со фактот дека слични топлотни бранови ќе се случуваат сè почесто во иднина и тоа ќе стане новото нормално за нас – вели Чен Лијуан, од кинескиот климатски центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот