Пари имало, и тоа многу, само треба умно да се искористат
Во 2019 година добивката на ЈП за државни патишта била речиси 47 милиони евра, а во 2020 година речиси 75 милиони евра
Околу 47 милијарди денари, или 768 милиони евра е акумулираната добивка на ЈП за државни патишта, заклучно со 31.12.2020 година, покажува независниот ревизорски извештај за финансиското работење на ова јавно претпријатие, објавен на нивната веб-страница.
Препорачано
Податоците покажуваат дека претпријатието секоја година остварува солидни добивки. Така, во 2019 година добивката му била речиси 47 милиони евра, во 2020 година, речиси 75 милиони евра. Финансиските извештаи покажуваат и дека од добивките, јавното претпријатие правело одредени реинвестирања, а исто така финансиските извештаи покажуваат дека ЈП за државни патишта зајмувало пари на други државни претпријатија и институции, какви што се Железница, Царинска управа…
ЈП за државни патишта се финансира од парите од патарините, во неговиот буџет се прелеваат дел од парите собрани од акцизите за нафтените деривати, од патната такса при регистрацијата на возила, од поставување на рекламни паноа… Ова претпријатие, пак, има трошоци за управување со државните патишта, нивен развој и контрола, инвестира во нив, а во доменот на неговите надлежности е и задолжувањето кај странските кредитори. На 31.12.2020 година состојбата со земените долгорочни кредити била речиси 700 милиони евра, односно слично колку што е и натрупаната добивка на ова јавно претпријатие. Од нив, во рок од една година достасале кредити во вредност од околу 57 милиони евра. Од друга страна, само во 2020 година за камати се платени околу 4 милиони евра, од кои најмногу за кинескиот кредит за патот Миладиновци – Штип, околу 3,4 милиони евра.
И покрај ваквите огромни бројки што се вртат во официјалните финансиски извештаи, квалитетот на патната инфраструктура е дежурна тема во јавноста. Покрај граѓаните, подобра инфраструктура бараат и стопанствениците.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески објави колумна, во која ја реафирмираше идејата за голем тунел кон Охрид место завои и огромен одлив на пари за зимско одржување на планинските патишта.
„Во недостиг на официјални податоци, за планинските превои може само да се претпостави колку средства се потребни. Сигурен сум дека во овие педесет години, потрошените пари за одржување на планинските превои во западна Македонија, ќе исфинансираа тунел на релација Скопје – Охрид. Да не зборувам за тешкотиите на камионџиите што ја превезуваат стоката во зимски услови, бидејќи нема пруга, како и за жртвите и опасностите што демнат на секој чекор“, истакнува претседателот на Комората.
Според Азески, бизнисот мора да бара чаре кога државата не ги решава инфраструктурните проблеми и природно е тој да се сврти кон Албанија и Грција зашто на тие правци нема „стражи“, „пресеки“ и „ѓавата“.


