Панонскиот морнар отплови кон вечноста!

Тагата по Балашевиќ е своевидна тага и по една земја, која остана во меморијата на нашите родители, кои беа последната генерација која ги уживаа благодатите на едноставниот живот.

Смртта на панонскиот морнар, новосадскиот пејач и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, како никогаш порано во тага го обедини сиот духовен/културолошки  простор на поранешната заедничка држава Југославија. Единствено прераната смрт на нашата најголема музичка легенда, најдоброто произлезено од постјугословенска Македонија, Тоше Проески, на сличен начин ги обедини граѓаните од Вардар до Триглав во заемна тага. Не треба да сте најдобар психолог или политиколог за да дадете логична аргументација на овие емотивни реакции на милиони луѓе. Едноставно е, луѓето од поранешна Југославија се врзуваат за една личност, која го о(д)бележала нивното време т.е. биле современици на еден свој музичко-уметнички идол. Балашевиќ ги владееше срцата на луѓето, бидејќи во него живееше и ресентиментот за таа идеализирана Југославија. Совршена држава за неговите генерации, кои се реализираа и лично и професионално во неа. Се потоа беше претворено во пепел и прав, односно беше урнисана до темел во крв, таа веќе романтизирана заедничка држава.

Југославија умре, југословенството пожив од кога било!

А зошто е тоа така?! Титова Југославија претставуваше држава која на луѓето им обезбедуваше социјален мир и стабилност во нивното егзистенцијално битисување, чест и гордост на надворешно-политички план, но и земја во која гледате и чувствувате проектирана иднина, односно не се грижите за неа, и за иднината на своите поколенија. Денеска е се обратно: во сите земји од постјугословенскиот простор, ајде, со исклучок на Словенија, владеат слични или исти општествено-политички карактеристики на рендген-сликата, односно ужасно низок животен стандард, сеприсутна и ендемска корупција, руинирани, т.е. до болка партизирани и непотизирани институции на системот, здравство налик на африканското, наместо на европското, квалитет на воздух полош од тој во Кина и Индија. Или, во превод, меланхолија, апатичност, гнев, разочараност, безилез и депопулација преку масовното иселување кое се брои во над 20 отсто од вкупните жители на постјугословенските земји. Тагата по Балашевиќ е своевидна тага и по една земја, која остана во меморијата на нашите родители, кои беа последната генерација која ги уживаа благодатите на едноставниот живот.

Вистина, Југославија не била совршена земја, далеку од тоа, имала и таа свои недостатоци, но продуцирала систем во кој се внимавало распределбата на националниот доход да биде во рамките на пристојноста за да нема невиден диспаритет од најбогатите кои акумулираат богатство во милиони, па и милијарди евра, до најсиромашните, кои буквално се прехрануваат по народните кујни во црквите. Како што е денеска во сите наши земји кои се или сакаат да бидат дел од најмоќните европски и евроатлански сојузи ЕУ и НАТО.

Во постјугословенските општества задоволни се само тие кои на „сомнителен“ начин, изигрувајќи ги и заобиколувајќи ги позитивните законски норми, стекнаа невиден капитал за неколку наредни поколенија, тие кои можеби свесно и ја растурија таа заедничка федерација (како јавна и „сокриена“ политичка номенклатура), притоа запоседнувајќи ги владејачките фотелји, промовирајќи се како нова политичка елита при создаден привид на плурална повеќепартиска демократија. Така е, без исклучок, јужно од Сава до Гевгелија, во изминатите три десетлетија, без минимални изгледи тоа да се промени на подобро и во наредните три децении.

Згасна душата на Југославија!

Ѓорѓе Балашевиќ, можеме слободно да констатираме, беше душата на Југославија или, како што загрепски „Јутарњи лист“ луцидно забележа: „Југославија се распадна пред 30 години, но денеска умре“. За жал, според биолошката природа на нештата, последните светилници на изворниот, чист и со ништо нерасипано југословенство еден по еден ќе заминуваат во вечноста. Новото време, согласно амбиенталните (не)прилики, веќе нема ни можност да изнедри нов Балашевиќ. Својот талент, креативност и творечка енергија личност која го поседува мора да има услови во кои ќе го реализира, односно ќе го покаже најдоброто од себе. Не случајно Никола Тесла стана најголемиот гениј на 20 век во САД, а не во рурална Хрватска, земја под владение на Австроунгарската Империја. Што значи, феноменот Балашевиќ е производ на симбиозата на државата Југославија и на поетско-уметничкиот дух на авторот. Новак Ѓоковиќ е исклучок од правилото. Да не се лажеме, Југославија, ниту ќе се врати физички ниту, пак, ќе се живее некогаш по тој „терк“.

Новото време, со нејзината „смрт“ на меѓународната карта, донесе и нови „вредности“, односно се срушија со децении градените братство и единство, солидарност и еднаквост. Денешната морална деградација на духот и културата е одлика на девастираните и дезавуираните општества, кои како зомби изникнаа токму од „гробот“ на Југославија, скитајќи низ времето и просторот без компас, идеја и желба што сакаат да постигнат или да направат сами од себе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот