Паниката позаразна од коронавирусот

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во продавниците „на ангро“ се купуваа намирници, брашно, масло, а во аптеките брзо ги снема заштитните маски и дезинфекциските средства. На социјалните мрежи, пак, врие од различни коментари и предлози за тоа како треба да се постапува.

Првиот официјален случај на коронавирус во Македонија предизвика навалица во продавниците каде што намирници какви што се брашно и масло се купуваа „на ангро“, а во аптеките брзо ги снема заштитните маски и дезинфекциските средства. На социјалните мрежи, пак, врие од различни коментари и предлози за тоа како треба да се постапува. Несоодветните реакции не стивнуваат, наспроти смирувачките тонови од надлежните институции дека паниката може да биде само контрапродуктивна и поопасна и од самиот вирус.

Владата вчера настапи со нова мерка за сите вработени во државните и локалните претпријатија, основните и средните училишта, факултетите, учениците и студентите што во последните две недели допатувале од регионите со каде што е регистриран коронавирусот, односно „ковид 19“. Тие задолжително треба да се јават на телефоните на Центрите за јавно здравје, да не одат на работа, училиште или факултет и да го информираат работодавачот за тоа. Станува збор за патниците што допатувале од областите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт, сите во Италија, како и на оние што дошле од Хонг Конг, Иран, Јапонија, Макау, Филипини, Јужна Кореја, Сингапур и Тајван. Овие граѓани не треба да доаѓаат директно на лекар и да се шетаат по болничките ходници, туку по јавувањето на телефонските броеви, доколку има потреба, медицинска екипа ќе дојде кај нив дома да ги прегледа.

Препораките од Светската здравствена организација се задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти, да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а кога се кашла или кива, устата и носот да се заштитуваат со марамче. Марамчињата потоа треба да се фрлаат во затворени канти, по кашлањето рацете да се мијат. При грижа за болни лица задолжително да се мијат рацете. Оние што работат на отворени пазари да носат ракавици, маски и мантили.

Филипче: Заболената пациентка е добро

Првата пациентка од Македонија кај која е констатиран „коронавирусот“ има педесет години и со комби допатувала од Италија за Скопје преку граничниот премин Табановце. Таа не одговорила на прашалникот на граничниот премин и затоа не било постапено на самото место. Министерот за здравство Венко Филипче апелираше граѓаните да одговараат на прашањата за симптомите на граничните премини совесно и да даваат точни и вистински податоци.

– Заболената пациентка е добро, се наоѓа во добра општа состојба на одделот за интензивна нега и изолација на Инфективната клиника. Има лесна форма на болеста, зафатено е само едното белодробно крило и не е потребна механичка вентилација или интензивна терапија – информираше министерот за здравство Венко Филипче.

– Сакам да упатам апел до граѓаните дека нема простор за паника. И порано и сега имало епидемии, нема потреба од залихи и снабдувања – истакна Филипче.

Д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје рече дека едно позитивно лице за нашата држава, коешто е сместено во соодветни институции, не е ризик за населението.

– Упатувам смирувачки тонови до населението, дека медицинските служби во секое време се спремни да одговорат на секоја потреба. Населението може да биде мирно, владееме со состојбата, ништо не нè изненадува. Подрачјето на Северна Италија има 14 милиони жители. СЗО забранува да се спречува трансферот на лица, луѓе, капитал стока и ниедна држава нема забрана – рече Караџовски.

Премиерот Оливер Спасовски рече дека е воспоставена контрола, системите се во целосна подготвеност и сите мерки што се преземени се врз основа на протоколи.

– Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат до препораките од Министерството. Институциите имаат и стручни кадри, опрема и капацитет. Добро е што на целиот ризик му пристапивме соодветно и воспоставивме систем за рана детекција. Многу е важно свеста кај секој граѓанин да биде на високо ниво и да се почитуваат препораките и во комуникацијата на социјалните мрежи и во медиумите – рече Спасовски.

Вчерашниот тест негативен

Вчера на Инфективната клиника во Скопје негативен беше тестот на уште една пациентка кај која постоеше сомнеж за „коронавирус“.

Новонастанатата состојба со вирусот предизвика нарушувања во туристичките аранжмани на агенциите за празникот на жената Осми март. Аранжманите за овој ден за Италија се откажани, а поради паника и страв има обиди за откажување и на аранжманите за другите региони, велат од Стопанската комора за туризам на Македонија. Ова им предизвика штети на туристичките компании.

– Стравот и паниката се преголеми кај патниците, но и компаниите се во слична ситуација. Затоа побаравме од Министерството за економија да излезат со став за менаџирање во ваква кризна ситуација во услови на виша сила. Досега немаме одговор – истакна директорката на Комората, Билјана Пејовска. Проблемот е во тоа што Рим не сака да ги врати веќе уплатените средства на граѓаните за хотелско сместување, што ги удира агенциите по џебот.

Дежурни телефони

Граѓаните што се вратиле од некоја од овие земји, задолжително да се јават на телефоните на Центрите за јавно здравје во Битола – 071/261-330, Велес – 071/219-278, Гевгелија – 078/545-444, Кочани – 071/373-913, Куманово – 070/215-851, Охрид – 070/723-029, Прилеп – 076/475-747, Скопје – 071/289-614, Струмица – 072/235-543, Тетово – 075/240-464, Гостивар – 076/365-161, Штип – 078/365-613, на телефонот на Институтот за јавно здравје – 078/387-194, како и на телефонот „Ало докторе“ – 02/15-123, апелираат од Владата.

Полициски надзор

Идентификувани се сите патници што патувале со заболената. Во комбето имало осум патници и еден возач, кои подоцна биле идентификувани во Скопје и во Струмица. Епидемиолози и полицајци отишле кај овие лица да ги анкетираат за да дознаат со кои лица комуницирале откако пристигнале во Македонија. Сите патници останале во домашна изолација под полициски надзор. На другите патници нема да им се направи тест веднаш и тоа е целта на изолацијата – да не се добие лажно негативен резултат. За нив мора да помине периодот на изолација од 14 дена, па ако пројават симптоми, да се почне со лекување. Министерот Филипче посочи дека најголем дел од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. На вчерашниот состанок требаше да се одлучи дали лицата ќе продолжат да бидат во домашна изолација или ќе бидат префрлени во инфективните одделенија одредени за изолација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот