Пандов предводеше протест за осудените за „27 април“ во Прилеп, од СДСМ велат: Срамно

Фото: принтскрин

Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт „Гоце Делчев“, основан од ВМРО-ДПМНЕ, пред затворот во Прилеп се обрати пред присутните на протестот за осудените за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Пандов прочита „Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија“ донесена од страна на Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт.

„Тргнувајќи од одредбите на Уставот на Република Македонија за сувереноста на државата и суверенитетот кој произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, потенцирајќи ги темелните вредности на уставниот поредок на Македонија како основните слободи и права на граѓаните, владеење на правото и еднаквоста на граѓаните, посочувајќи ја уставната преамбула и историските одлуки со кои граѓаните на Република Македонија ја конституираа Република Македонија како држава во која се воспостави и зацврсти владеењето на правото и ќе се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ донесе Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија“, појасни Пандов.

Пандов посочи дека констатирајќи ги дека јавно познатите политички обвиненија и лажни сведочења за настаните од 27-ми април 2017-та година на кои се темелат „драконски и неправедни судски пресуди“, Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт изјавуваат дека борбата за правда и слобода за неправедно осудените ќе продолжи се до исправање на нанесените неправди.

Пандов рече дека со Декларацијата се осудува „физичкото насилство извршено од неорганизирани поединци“, но таа ја отфрла квалификацијата на делото како тероризам. Судските процеси, според Пандов, биле политички, а осудените се “жигосани без докази за делото за кое се осудени, со цел да се сее страв меѓу граѓаните и да се остваруваат политички цели, а не правда и правдина“.

Сличен протест денеска се одржа и во Штип. Владејачкиот Социјалдемократски сојуз ја нарече поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за насилниците и насилството „срамна“.

„Протестите пред затворите во Прилеп и Штип, на петгодишнината од крвавиот четврток, покажуваат дека ВМРО ДПМНЕ не се променила. До денеска ВМРО-ДПМНЕ стои зад насилствата и насилниците од 27 април. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, наместо да се извинат пред јавноста, наместо да се покајат, тие осудените насилници ги нарекуваат херои и уставобранители и бараат нивно ослободување. Срамно е да се тврди дека тие биле осудени само затоа што биле Македонци, како што тврди првиот човек на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиновски, уште посрамно е да се тврди дека некој бранел Устав со насилен упад во Собрание вооружен со метални палки и огнено оружје. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата насилничка и режимска партија која е на браникот на криминалот. А насилници никогаш нема да бидат уставобранители“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот