Овошките ќе преживеат ако нема голем мраз

Скопје, 17 март 2021 - Фото: СП. / Михаило Донев

Во моментот не може да се претпостави какви ќе бидат штетите од пролетниот снег врз овошките, а се ќе зависи од тоа дали до крајот на неделата ќе има поголеми студови и мраз. Иако, надвор времето повеќе наликува како да почнува зимата, агрометеоролозите потсетуваат дека веќе трета година по ред на 22 и 23 март врне снег, а со дебела снежна покривка го дочекавме и ланскиот 10 април.

Ангелко Ангелевски од Управата за хидрометеоролошки работи за „Слободен печат“, вели дали ќе има поголеми штети кај овошките, ќе зависи од разведрувањето и колку време ќе се задржат минусните температури. Ангелевски појаснува дека овошките издржуваат до минус два степени.

-Ваква пролет е вообичаена во последниве години. Топлите денови на крајот на февруари и на почетокот на март, ги расцутеа овошките, кајсијата, праската и вишните, но не е исто дали снегот паѓа на отворен или затворен цвет. За среќа во Беровско и Охридско-преспанскиот регион, овошките подоцна цутат, па тие се позаштитени – објаснува Ангелевски, потсетувајќи дека и лани имаше пролетен снег, па имавме прилично добар род кај овошките. 

Од снегот оправдано се плашат и пчеларите, кои се загрижени дека пчелите ќе немаат доволно храна, а дополнително се чувствителни на студеното време. Последниве години, мед има се помалку, бидејќи во време кога по правило, пчелите излегуваат да си приберат дел од поленот, времето е многу студено.

-Овој снег е прилично влажен и ќе го надополни недостигот на влага во почвата за земјоделските посеви, особено кај житата. Вообичаено на почетокот на јануари, се врши прихранување на посевите, па овие снегови и дождови ќе помогнат да се растворат хранливите супстанци. Врнежите се добредојдени и за надополнување на акумулациите, кои беа речиси испразнети по есенската суша – објаснува агрометеорологот Ангелевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот