Отворен патот за попис во септември

Пописот наместо во април, ќе се одржи во септември, откако пратениците дадоа зелено светло. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севрна Македонија, 2021 година, по скратена постапка вчера помина на Законодавно-правната комисија, откако претходната вечер заврши општата и амандманска расправа на Комисијата за европски прашања.

Како што информира собраниската прес-служба, вчера попладне продолжи 38. седница на Собранието со две точки на дневниот ред, одложување на пописот што би се одржал од 5 до 30 септември, и измена на Изборниот законик со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.

Стотината амандмани на Законот за попис, поднесени од Коалицијата на Алијансата и Алтернатива, беа отфрлени со образложение дека не се уредно поднесени.

Одложувањето на пописот од 5 до 30 септември доаѓа по договорот на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, подржан од претседателот на ДУИ Али Ахмети. Опозициските партии на Албанците, сметаат дека одлуката е политичка и антиалбанска.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ги отфрли обвинувањата и вели дека епидемилошката состојба со коронавирусот е лоша за сите, без разлика на етничка припадност. Тој смета дека со неодложувањето на пописот во државата дополнително ќе се заболеа уште 50.000 граѓани.

– Сега слушаме дека пописот не е статистичка туку  политичка операција, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го тврдеше од првиот ден. Во држава како Македонија, каде што правата на граѓанинот не произлегуваат од индивидуалитетот, туку од тоа на која етничка заедница припаѓа, многу е битен процентот на тој народ во вкупното население. Очигледно, дел од албанските партии сакаа фалсификуван попис, без реални бројки. Алијанса и Алтернатива велат дека одложувањето на пописот е против Албанците, а од друга страна ги видовме Бујар Османи и Артан Груби како со државни пари шетаа по Албанија и Косово и ги повикуваа да се вмешат во внатрешните работи на Македонија. Како министри во владата на Заев не беа санкцинирани. Очигледно сакаа да направат политички попис. Без разлика на одложувањето на пописот, доколу видиме дека ќе продолжат во таа насока, ние жестоко ќе се спротивставиме. Нема да дозволиме  нереален попис. Јасно кажавме дека бројки кои не се соодветни на процедурата и методологијата на ЕУРОСТАТ нема да прифатиме и да ги признаеме – рече Николоски.

Премиерот Зоран Заев смета дека со пописот треба да се попишат сите наши граѓани, резидентни и нерезидентни, граѓани кои живеат овде, во земјава, или пак кои се отселиле и живеат повеќе од една година надвор од државата.

– Тоа е нашиот народ. Ние си го попишуваме целиот наш народ без разлика дали е дома или надвор. Се работи за операција која е емпириска, но истовремено и техничка. Може да се случат одредени технички грешки, но ако ги пријавиме, тие се отстрануваат и се решаваат. Апелирам до граѓаните за ваков или за друг сличен проблем веднаш да пријават во Заводот за статситика за да биде отстранет и за да си го исполнат своето граѓанско право и обврска – да се попишат, рече Заев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот