Орвеловите кошмари повторно меѓу нас

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Орвел констатира дека тоталитаризмот ја укинува мислата со динамика непозната во историјата. Тоталитаризмот цели да го контролира мислењето не само во негативна, туку и во позитивна смисла. Не само што го забранува изразувањето и замислувањето на одредени идеи, туку и диктира што и како да се мисли.

Во своите есеи Орвел често ги поврзувал во силна меѓузависност јазикот и политиката, значењето на зборовите и слободата, тоталитаризмот и човековата способност да мисли. На едно место тој пишува дека политичкиот хаос е директно поврзан со пропаѓањето на јазикот. Иако е ова напишано сред непроѕирниот чад на Втората светска војна, актуелноста на оваа виспрена согледба можеме да ја осетиме секој нов ден и, за жал, на се понедостоинствен начин.

Нашиот македонски јазик, за кој сме подготвени декларативно да гинеме, пропаѓа пред наши очи веќе со децении. Јавниот говор е значително посиромашен од оној што се говореше или пишуваше пред триесет или повеќе години. Говорниот македонски е денес парадоксално посиромашен од порано. Посиромашен е во речникот, во бројот на употребувани зборови, додека секојдневно се „збогатува“ со странски зборови напишани на кирилица, скоро без исклучок со искривени значења. Јазикот – не само говорот – во матни времиња станува сакат и граматички, а ова ги прави пораките се поплитки и посиромашни со смисла и значење.

 

Јазикот и политичките процеси

 

Примери за оваа јазикоскудност има во такво изобилство, што не морате воопшто да ги барате: тие ви упаѓаат в очи како саѓето од парните локомотиви, кога како деца вадевме глави од прозорите на возот што јури. Денес телевизиските презентери ви посакуваат да „имате добра вечер“, а оваа англиска конструкција – сосем неприлична за македонскот јазик – веќе станува непишана норма што го загадува говорот на целата заедница. Понатаму, веројатно најупотребувана придавка во политичките известија е ужасната, јазикозлобна „тензично“. Од сто ситуации во кои – најчесто на телевизиските медиуми – се известува за политички судири, општествени немири или други неизвесности, сите сто пати ќе чуеме дека „ситуацијата е тензична“ и нула пати, буквално ниту еднаш нема да се употреби ни еден од неколкуте поубави, посоодветни, помелодиозни, попрецизни и повистинити македонски зборови (не сакам да напишам „со истото значење“, зашто „тензично“ и нема значење) како што се: „напната“, „затегната“ или „напрегната“.

Но, темата на оваа орвеловска размисла требаше да оди во друга насока. Имено, релацијата помеѓу политиката и јазикот може на секој човек да му обезбеди подобар увид во политиката, зашто сите сме обдарени со исклучителна ментална говорна способност, заедно со моќна јазична и граматичка интуиција, додека за политиката сознаваме само од објавите и лагите што политичките пропагандни индустрии ги произведуваат во чудовишни количини. Во својот есеј „Политиката и англискиот јазик“ Орвел со божествена јаснотија ни ја опишува јазичната метода за разоткривање на политичкиот јазик: „Најголемиот непријател на чистиот јазик е неискреноста. Кога постои јаз помеѓу вистинските и декларираните цели, говорникот инстинктивно им се врти на долгите и големи зборови и изабените изрази, како сипа што испушта мастило. Во нашево време веќе не постои ништо што е настрана од политиката. Сите нешта се политички, а самата политика е маса од лаги, изврдувања, глупости, омраза, и шизофренија. Кога општата атмосфера е лоша, јазикот мора да страда“.

Ако поврзаноста помеѓу политичките состојби во општеството и јазикот е толку суштествена колку што укажува Орвеловиот гениј, тогаш – согласно ловечката метода за барање на ѕверовото дувло: „по трагата, но во спротивна насока“ – од болно очигледната урушувачка состојба на македонскиот јазик можеме да изведеме темни и тегобни заклучоци за целината на регресивните општествено-политички процеси во нашата домаја. Од долготрајноста и устојноста на пропаѓањето на нашиот јазик произлегува и корелативниот заклучок – дека историската удолнина не се случила само во деценијата на македонскиот фашизам, односно периодот на вмровската „заробена држава“, туку дека се работи за долг процес на идејна и морална атрофија на општеството, што почнал многу порано од појавата на налудничавото ВМРО на Груевски и, на мој ужас, трае тлеејќи и ден-денес.

Може дури да се рече дека десетте години што ги поминавме во калливиот ендек на партијата-држава на ВМРО и не се причината за нашата општа мизерија, колку што важи обратното: фашизоидната преродба и револуционерната кретенизација на народот што ја спроведе вемерето се последица на идејната и моралната празнина што стана општествена доблест и индивидуална опортуност во добата на нашата бандитско-капиталистичка транзиција. Како и секогаш, вмрото не е причинител за смртта туку последица на умирањето на македонското општество – само нејзиниот симптом, односно лик.

 

Динамична контрола на мислата

 

Но, орвеловската мисла оди еден чекор подалеку, додека врската помеѓу јазикот и политиката станува релација помеѓу тоталитарната политичка моќ и слободата на мислата. Орвел констатира дека тоталитаризмот ја укинува мислата со динамика непозната во историјата. Тоталитаризмот цели да го контролира мислењето не само во негативна, туку и во позитивна смисла. Не само што го забранува изразувањето и замислувањето на одредени идеи, туку и диктира што и како да се мисли.

И, тука Орвел ја развива најинтересната анализа на тоталитарната контрола: нејзината посебност е динамичната контрола на мислата, при што таа – тоталитарната контрола – не утврдува една света вистина, туку воспоставува општа зависност од догмите што власта ги менува непрекидно од ден во ден. Политичката моќ на овој начин воедно се прогласува за непогрешна, како единствен извор на вистината, и истовремено го уништува самиот концепт на објективната вистина.

Неверојатната сличност на Орвеловите дефиниции за тоталитарното уништување на критичката мисла, како и воспоставувањето на ментална зависност на човештвото од дневните промени на догмата – заедно со досега незамисливата контрола на центрите на моќта над интимата на секој поединец – со денешната планетарна зависност од ефемерните идејно празни и обесмислени објави што го плават светот на масмедиумите и социјалните мрежи, е навистина очебијна. Уште повеќе е загрижувачка аналогијата помеѓу неговиот увид во тоталитарната контрола од 1941 со плитката состојба на колективна свест на човештвото, што веќе не може самостојно да ја промислува вистината, туку ги следи нејзините анонимни и дисперзни објави во медиумите за општа комуникација и социјална хомогенизација.

Дали е тоа јасна индикација дека Орвеловиот тоталитаризам повторно завладеа со планетата, но сега во потполно друга – не милитаристичка, туку парична, фискална и дигитална – појавност? Пропаѓањето на јазикот, ужасното отсуство на политичка имагинација, како и сиромашењето и значењското тенчење на идејната содржина на пораките, како да укажува на потврдниот одговор. За жал.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот