Опозицијата побара да се симне од дневен ред точката за Јавно обвинителство, власта не го прифати предлогот

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

За Законот за Јавно обвинителство поднесени се два амандмани и тоа од Алијансата за повлекување на члeнот 110 од законот кој се однесува на користење на прислушуваните материјали како индиции, но не и како докази. Вториот амандман го поднесе независниот пратеник Панчо Минов и со него исто така се интервенира во членот 110.

ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за европски прашања, и покрај бројните забелешки, не поднесе ниту еден амандман и побара да се симне од дневен ред точката за Јавно обвинителство со образложение дека нема одлука на влада. Пратеникот Илија Димовски рече дека е свесен дека владејачкото мнозинство нема да го прифати овој предлог. но посочи дека треба да се почитува Уставот, бидејќи неговото нарушување во ваква постапка е негово грубо нарушување и пример за утре да може секој поединец да го злоупотреби.

– Претседателот на владата не може да има овластувања кои Уставот не му ги дава. Тој нема овластувања ниту да повлече предлог закон,  ниту да предложи предлог на постапка доколку за тоа нема одлука од Влада. Во конкретниот случај за вчерашната повлекување на законот, а потоа за доставување на нов, нема одлука на Влада – рече Димовски.

Министерката за правда, Рената Дескоска повторно појасни дека процедурата не е прекшрена, додавајќи дека тоа го потврдил и пратеникот од Илија Димовски.

-Текстот бил утврден на Влада, но поради брзање била пуштена стара верзија, што значи дека само се заменил текстот со оној кој беше утврден. Со ова се покажува дека опозицијата има само желба да го блокира носењето на Законот за јавно обвинителство – рече Дескоска.

Таа вели дека новина во Законот е тоа што се заострени критериумите за дисциплинска одговорност на обвинителите.

-Препораките кои беа дадени за судиите се пренесени и во рамките за овој Закон. Имаме процедура која оневозможува било кој по сопствена волја да разрешува или да покренува постапки за јавните обвинители. Во овој Закон е отстранета можноста и до недоглед да се оди со постапките за некој обвинител да не биде разрешен – додаде Дескоска.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање, на денешната прес-конференција нагласи дека кога ќе стигне законот на гласање, тогаш ќе се види дали го има потребното двотретинско мнозинство, односно 80 пратенички гласа.

Собранието доцна синоќа ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Сега расправата за овие закони преминува во собраниската Комисија за европски прашања и во Законодавно-правната комисија.

Од Комисијата за европски прашања доцна синоќа најавија дека за денеска е закажана седницата на која ќе се расправа за овие закони.

Донесувањето на одлуката по скратена постапка да се носат овие два закона помина во тензичка атмосфера и препукувања меѓу власта и опозицијата. Седницата првично беше закажана во 17 часот, но почна со задоцнување од околу четири часа. Владата го повлече текстот на законите поради технички грешки и по направените корекции повторно го врати во собраниска процедура.

Во меѓувреме опозицијата обвини за најгруб фалсификат и побара од претседателот на Собранието да ги врати законите до Владата бидејќи според нив предлозите се доставени неделовнички и нема одлука на Влада ниту за повлекување на материјалот, ниту за новиот предлог. А министерката за правда Дескоска објасни дека стручните службите направиле превид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот