Онкологија работи без реагенси за тумор-маркери
Се ближи денот кога Ане Димитриеска Апостолоска од Скопје ќе треба да оди на контрола за тумор-маркери. Таа за „Слободен печат“ вели дека уште од сега психолошки се спрема за гужвите, за неизвесноста од резултатите, но има и системски проблем кој ја вознемирува и ја мачи. На Клиниката за онкологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје повеќе од половина година нема реагенси за испитување на тумор-маркери. Пациентите со онколошки дијагнози се испраќани во други лаборатории, најчесто во Институтот за клиничка биохемија, каде што пак велат дека здравствената услуга им се наплаќа и до 450 денари иако се онколошки пациенти кои треба да се ослободени од партиципација.
Препорачано
-Сакам да ми кажат кога ќе добијат реагенси за испитување на тумор-маркери на Онкологија. Ова е крајно неблагодарно од страна на здравствениот систем, ние кои на секои 3 месеци треба да одиме на терапија и на контрола, треба самите да си ги носиме примероците на Клиничка биохемија и притоа да земеме бројче кое е на пример 252 или 335 и да чекаме ред да ни ја земат епруветата. А што е најапсурдно треба и да платиме за испитување на истите. Со должна почит ама имам чувство дека како намерно да се прави вака само да се има профит од најранливите пациенти, вели таа за „Слободен печат“.
Најчестата причина поради која онколошките пациенти плаќаат за тумор-маркери, е тоа што во упатот не е наведена шифрата која потврдува дека имаат карцином. Прво ги боцкаат на Онкологија, па заедно со упатот самите пациенти одат во лабораторијата на Клиничка биохемија.
-Има место каде да се остават епруветите, бидејќи се со име и презиме. Меѓутоа, мора да се земе бројче и да чекаш да те викнат за да платиш, нели. Ако го оставиш примерокот надвор на шалтер, нема да ти биде прегледан. Па викање, викање… Неиздржливо. Наплаќањето зависи од тоа колку маркери се прават, од 250 до 400 денари, ни рече Димитриеска Апостолоска.
Од Клиниката за онкологија раководството вели дека се работи на надминување на проблемот. Директорот на Клиниката, професор доктор Игор Стојковски за „Слободен печат“ вели дека имало проблем со тендерот.
-Следната недела се очекува да се надмине проблемот. Имаме нов апарат кој се монтираше и се поврзуваше со систем. Што се однесува до партиципација, на УКРО не наплаќаме партиципација иако имаше во минатото таква пракса, партиципацијата да биде воведена за испитување на тумор-маркери, поради различни толкувања на различните лаборатории. Во смисла, дали пациентот додека е во епизода на лекување треба да биде ослободен од партиципација или и подоцна, ни рече директорот Стојковски.
Онколошките пациенти јавно се жалат дека дневната болница на Клиниката за онкологија е полна.
-Само една сестра става инјекции, инфузија. Мора да чекаш да те викнат според бројчето во дневна болница. Па некој тој ден е на работа, некого го пуштаат само два часа од работа. Некого не го ни пуштаат па затоа мора да земе боледување. Ве молам, ако нешто треба да функционира, тогаш тоа треба да биде здравството. Не одам таму од што ми е досадно, туку здосадено ми е веќе од таму, вели пациентката.
Во декември на Клиниката за онкологија пропадна тендерот за реагенси за испитување тумор-маркери. Во меѓувреме пациентите се упатувани во околу 40 други лаборатории да ги прават анализите, честопати на своја сметка – од свој џеб. Според информации од Фондот за здравство, најмногу анализи за тумор-маркери лани се направиле на Институтот за клиничка биохемија, педесет илјади. Во ГОБ „8 Септември“ направени се 12 илјади анализи, а над 10 илјади анализи се прават во Куманово, Тетово и во други градови.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски на крајот на 2025 година кога ги рекапитулираше резултатите од работењето на Фондот, рече дека мора да има јасно насочување за пациентите која лабораторија во моментот не дава барани услуги за тие да не лутаат, но и да се рационализираат испитувањата за тумор-маркери.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека цените за различни тумор-маркери се различни и дека речиси 250.000 анализи чинат над два милиони евра во фактурирани услуги кон Фондот.


