Омикрон ли е, делта ли е?: Не треба да се штеди на секвенционирање на соевите

Ковид-амбуланта / Фото: МИА

Експерти забележуваат дека македонските здравствени власти немаат воспоставено квалитетен државен систем за секвенционирање на ковид-примероците за да се види кој од нив на кој сој му припаѓа. Во Македонија се секвенционирани само околу 150 примероци на омикрон.

Во државата сè уште има и делта и омикрон варијанта на коронавирусот. Ова е само претпоставка поради големиот број починати на дневна основа, иако се очекуваше при доминација на најновиот сој да падне и стапката на смртност.

Фактот што не е воведен систем за секвенционирање на поголем број примероци прави проблем да се одреди и националната здравствена политика, вели доктор Злате Мехмедовиќ, укажувајќи на важноста да се знае дали некој починал од ковид како резултат на делта или на омикрон сојот.

– Во светот смртноста не е намалена во однос на претходниот период. И од омикрон се умира. Смртните случаи во апсолутна бројка се високи, зашто има голем број заразени, меѓу нив и лица со коморбидитети и повозрасни. Болеста може да направи тешка форма на клиничка слика кај сите возрасти, вклучително и кај младите. Имаше и бебе што почина од ковид, беше на механичка вентилација – објаснува доктор Мехмедовиќ.

И други експерти забележуваат дека македонските здравствени власти немаат воспоставено квалитетен државен систем за секвенционирање на ковид-примероците за да се види кој од нив на кој сој му припаѓа. Во Македонија се секвенционирани само околу 150 примероци на омикрон.

Професорот на Медицинскиот факултет д-р Никола Пановски за „Слободен печат“ коментира дека очекува во наредниот период да се зарази околу 70 проценти од населението, по што, доколку не дојде до развој на нов, посериозен сој на коронавирусот, ковид ќе прерасне во ендемија.

– Ендемија значи дека вирусот ќе биде како настинка, како грип, нема да прави големи проблеми и нема да се шири како пожар, а ќе има помалку од 5 смртни случаи на ден – прогнозира д-р Пановски.

Инаку, откако е намалено времето на изолацијата за асимптоматските пациенти од 10 на седум дена, од системот „Мој термин“ како оздравени за само еден ден беа испишани повеќе од седум илјади пациенти. За ПЦР-тест во државната лабораторија на ИЈЗ се чека со денови, па граѓаните се одлучуваат на поевтината варијанта – да си купат тест од аптека и да не се пријавуваат како позитивни никаде. На таков начин одбегнуваат официјално решение за изолација. Ако се со полесна клиничка слика, избегнуваат боледувања и отсуства од работа, па вирусот се шири неконтролирано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот