Омикрон галопира, Комисијата ни за јота не реагира

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Иако се разгледуваше предлогот за намалување на изолацијата за асимптоматските пациенти од 10 на седум дена, Комисијата за заразни болести конечната одлука ќе ја донесе следните денови и не препорача построги мерки.

Рекордни речиси две илјади новозаразени со ковид-19 регистрираше Институтот за јавно здравје во својот дневен биланс, но за Комисијата за заразни болести и тоа не беше причина да препорача нови, построги мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Иако се разгледуваше предлогот за намалување на изолацијата за асимптоматските пациенти од 10 на седум дена, конечната одлука е најавена за следните денови.

На состанокот Комисијата за заразни болести ја разгледуваше и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од годината, но и за тоа ќе се решава непосредно пред почетокот на второто полугодие во зависност од тоа каква ќе биде епидемиолошката состојба.

Не можат да постигнат да ги прегледаат сите

Во амбулантите, матичните лекари не можат да постигнат да ги прегледаат сите пациенти што имаат температура, кашлица, течење на носот или изнемоштеност. Најчесто им се даваат витамини и им се препорачува одмор, а се прават и крвни анализи. Матичните велат дека пациенти сами се тестираат со брзи тестови и сами решаваат дали ќе останат дома или ќе се движат слободно како да немаат ковид-19.

– Лесните симптоми им овозможуваат да одат на работа, да седат во угостителски објекти и да пазаруваат во продавниците и така да го шират вирусот. Ова, заедно со масовните новогодишни прослави, се причините зошто бројот на новозаразени во земјава за една недела порасна за 50 проценти и сега активни се повеќе од 10.300 случаи – велат матични лекари.

Голем број граѓани ги игнорираат симптомите на сојот омикрон. Ниту се тестираат ниту се евидентирани во списокот заболени на Институтот за јавно здравје, движењето не им е контролирано и не им се знаат контактите.

– Во моментов имам ист или поголем број пациенти без ПЦР-тест отколку такви што имаат направено. Повеќето прават брз тест дома сами и сами си одредуваат колку и дали ќе бидат во изолација! Со закон ми е забрането и немам како да реагирам кога ги гледам по ресторани, си одат на работа, шетаат најнормално, дури има и заразени продавачи што одат по канцеларии – вели доктор Ненад Лазаров, матичен лекар од Скопје.

Омикрон присутен кај 68 отсто од примероците

Дека омикрон веќе не е спорадична варијанта, туку варијанта што доминира во земјава, освен високите бројки, покажува и анализата на Институтот за јавно здравје. Таму се секвенционирани 152 примерока на Сарс-Ков 2 и од нив кај 68 проценти е детектирана токму оваа варијанта. Заразени со омикрон има во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и во Битола. Загрижува и тоа што овој сој го заобиколува имунитетот стекнат од прележување – во периодот од 3 јануари до 9 јануари пријавени се дури 946 реинфекции, што претставува зголемување за седум пати, споредено со претходната недела.

Најмногу се разболуваат младите, оние од 20 до 30 и меѓу 30 и 40 години, а најмалку децата до девет години. Иако во болниците уште има слободни места, сепак почнуваат да се полнат со засилено темпо. Во моментов на територијата на целата држава се хоспитализирани 351 пациент, што е за 41 процент повеќе споредено со минатата недела.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов за „Слободен печат“ вели дека поголемиот дел од хоспитализираните педесетина пациенти во оваа болница не се вакцинирани. Целосно вакцинирани се околу 15 пациенти, но неговиот заклучок од набљудувањето на пациентите е дека вакцината иако не заштитува од заразување, заштитува од тешки последици и компликации.

– Доколку населението не беше воопшто имунизирано, состојбата ќе беше далеку полоша. Иако најголемиот број од пациентите не се за хоспитализација, амбулантските прегледи бележат драстичен пораст, особено во Скопје, каде што има и над 100 прегледи во поголемите ковид-амбуланти во клиничките болници – вели Костов.

Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптомите или добивањето позитивен резултат. Министерството за здравство апелира граѓаните што чувствуваат какви било симптоми да направат тест и да се изолираат како би спречиле ширење на вирусот.

Кунгуловски: Драстични разлики во резултатите од различните лаборатории

Доктор Горан Кунгуловски, биоинженер во Клиниката „Жан Митрев“, забележува дека има драстични разлики во резултатите од различните лаборатории што вршат тестирање за коронавирус во земјава. Тој вели дека последните девет дена, откога избувна сојот омикрон во Македонија, една група лаборатории, меѓу кои и онаа на ИЈЗ Вирусологија, имаат стапка на позитивни тестови од 22 до 35 проценти, додека други лаборатории само 0,5 до 3,5 проценти позитивни тестови.

Кунгуловски вели дека разликите се поради тоа што едната група лаборатории имаат посензитивни тестови, други не земаат брис соодветно за анализа, па се јавуваат лажно негативни резултати. Понатаму, некои лаборатории тестираат пациенти со симптоми или луѓе што биле во контакт со потврден ковид-позитивен, а други тестираат пациенти што патуваат во странство и немаат симптоми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот