ИНТЕРВЈУ | Оливера Балашевиќ со монодрамата „Презимето на розата“ гостува во МНТ: Чекајте ме, доаѓам со голема радост и задоволство!

Фото: Небојша Бабиќ

На 15 март во Македонскиот народен театар во Скопје, Оливера Балашевиќ премиерно пред македонската публика ќе ја изведе својата монодрама, или монобајка, како таа ја нарекува претставата „Презимето на розата“. Несомнено тоа ќе биде исклучителна можност во едно поинакво светло домашната публика да ја запознае музата на големиот поет, музичар и писател Ѓорѓе Балашевиќ.

Оливера Савиќ Балашевиќ не е ново и непознато лице за домашната јавност. Не само поради тоа што таа му била животна придружничка на Ѓорѓе Балашевиќ повеќе од четири децении, туку и поради нејзината јавна и општествена работа.

Ја паметиме како убавата Јула од култната ТВ-серија „Поп Ќира и поп Спира“, во која нејзиниот Ѓоле го толкуваше ликот на Шаца, а ја гледавме и во хумористичниот серијал „Специјална редакција“, во филмот „Како ран мраз“, кој го напиша и го режираше токму Балашевиќ.

Родена е во Зрењанин, а откако завршува средно училиште, запишува студии во Нови Сад. Некои ја паметат и како успешна гимнастичарка, а едно време беше и професорка по физичко воспитување во една новосадска гимназија.

Оливера беше и дел од организација на концертите на Ѓорѓе Балашевиќ, во делот на сценографијата, го продуцираше филмот „Како ран мраз“, а во 2019 година го објави романот „Планета Двориште“, кој досега достигна тираж од десет изданија. Несомнено, круна на нејзината досегашна работа е монодрамата „Презимето на розата“, која својата македонска премиера ќе ја има на 15 март во Македонскиот народен театар. Тие што ги следат случувањата во врска со театарот се уверени дека ова гостување веќе во најава е во конкуренција за театарски настан на сезоната.

Во ексклузивното интервју за „Слободен печат“, за првпат на македонската публика ѝ ги открива деталите врзани за актуелната монобајка, но и за многу други теми од нејзиниот живот и работа…

Монобајката „Презимето на розата“ не е ваше прво книжевно дело, но е прво ваше за театарската сцена. Од каде дојде Оливера во театарот?

– Од каде Алиса во земјата на чудата? Таа само падна во зајачката дупка и влезе во светот на фантазијата. Оливера во таа дупка пропадна уште на „Планета Двориште“ во Зрењанин и нема намера да излезе од неа, бидејќи како што со својот брилијантен ум го забележал тоа зетот на нашите соседи Мариќи од Кисачка улица: „Логиката ќе ве одведе од точка А до точка Б, а вашата фантазија ќе ве однесе каде и да сакате да одите“.

Секогаш имав верба во мечтата и во чудата. Така мојата фантазија ме доведе и до театарот. И не, не ми е првпат да влезам во него!

Оливера Балашевиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Кој се сеќава на серијата „Поп Ќира и поп Спира“ и на убавата Јула, знае со колкав успех ја толкувавте таа улога, на која ѝ се восхитуваше цела Југославија, нели?

– Вистина е дека првпат се најдов пред филмските камери и во улога на некој што не бев јас. За мене беше чест што Соја Јовановиќ, таа прва српска театарска и филмска режисерка, лично ме избра за таа улога. Освен тоа, и пред сè, јас бев Јула поради Шаца.

Колку успехот на Вашиот прв роман „Планета Двориште“, кој досега имаше десет изданија, дополнително придонесе за пишување на монодрамата, која ја нарекувате монобајка?

– Јас сум на мислење дека секој што пишува, со нетрпение очекува позитивна реакција од читателската публика и тешко ми е да помислам дека некој на тоа би бил рамнодушен. Книгата „Планета Двориште“ и монобајката „Презиме на розата“ имаат точка на преплетување, моменти на поврзување и блискост, но секоја од нив има свое независно постоење. Некаде во времето, како и во мојата имагинација, тие се сретнаа, си мавнаа една на друга, и продолжија, секоја по својот пат.

Оливера Балашевиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Колку 40-годишното живеење со Ѓорѓе Балашевиќ, бардот на пишаниот збор, ви помогна да го изострите сопственото перо?

– Секако дека беше привилегија да се живее до него, а тој беше сè што и сега е, а и понатаму ќе биде… Креаторот, уметникот, оној што ја почитувал личноста на другиот, но внимателно и ригорозно ги избираше луѓето околу себе, вклучувајќи ја и розата. Не си ласкам себеси, но знам дека не само што јас си избрав, туку и самата бев избрана. Сетете се на стиховите од „Доѓошка“: „Ал, зумбули су зумбули, а ружа је ружа…/Па да на крај света изникне…“

Дали „Презимето на розата“ е всушност Ваша автобиографија за театар?

– Човекот сè што работи го прави човек, и е дел од нашата автобиографија… Реална или посакувана.

Оливера Балашевиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Македонската јавност ќе биде пријатно изненадена од објавата дека на 15 март, под куполата на Македонскиот народен театар во Скопје, ќе ја раскажете вашата приказна на театарски јазик? Дали ја делите истата возбуда?

– Гостувањето го гледам како голема чест и привилегија, а возбудата е обострана. Се надевам дека љубовта меѓу мене и прекрасната македонска публика ќе биде заемна. Чекајте ме, доаѓам со голема радост и задоволство!

На што треба да бидат подготвени тие што ќе имаат привилегија да ве гледаат?

– Публиката треба да биде подготвена само за едно: никогаш нема да дозволам да има предрасуди што ќе се вмешаат во нивното доживување на мојата монобајка. Театарот е прослава на љубовта кон животот и хуманоста, и ги потиснува сите предрасуди.

Оливера Балашевиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Што е следно, дали работите на нов ракопис?

– По десет изданија на „Планета Двориште“ се чини дека беше неизбежно да се заразам со пишувањето. Само не знам дали работам на новиот ракопис или новиот ракопис работи на мене!?

„Провинцијалка“, „Малата Савиќка“, „Доѓошка“, „Оливера“, „Девојката со чардаш во нозете“… сето тоа сте Вие. Какво е чувството да се биде муза на големиот Ѓоле?

– Не, не ми посвети ниту една песна, барем не официјално. „Од тебе нема да ми остане песна со женско име, од тебе ќе ми останат децата“, беше клаузула од нашиот договор од 1979. Тој знаеше да каже дека можеби не се сите негови песни напишани за мене, но е сигурно дека се сите напишани поради мене. И денес не верувам во тоа, а можеби само се преправам дека не верувам, од чисто суеверие, па дури и кога станува збор за стихот: „Као шлајер пала недеља на лицидерски Нови Сад…Мала риѓа видра с Бегеја долутала у град…“ Постои цела низа чаршиски муабети за тоа, од оние дека Ѓоле ќе ги напишал истите тие песни за која било друга жена, до оние дека секој поет би напишал вакви песни на ваква жена, но тоа се хејтерски хипотези, бидејќи, ете, во некои песни, во „Провинцијалка“, на пример, и на најголемите злобници тоа не им оди од рака.

Оливера Балашевиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Вашите деца, ќерките Јована и Јелена и синот Алекса, исто така се многу успешни во тоа што го работат. Посипани со „ѕвездениот прав на посебноста“, во што личат на Вас, а во што на Ѓоле?

– Ако има „генетска лотарија“, тогаш со сигурност можам да кажам дека сите тројца ја наследиле чесноста, а над сè друго е нашата љубов, па не ни недостигаат искри на радоста кога станува збор за нивната индивидуалност и способност да се издигнат над бездната над која бевме тој февруари…

Се занимавате со мода, пишувате романи и сценарија, дизајнирате, бевте и професор во училиште, се занимававте со филмска продукција, а оние што ве познаваат велат дека одлично готвите, како и дека добро се снаоѓате во улогата на баба… Повеќе од 40 години сте столб на едно од најпознатите семејства во регионот – семејството Балашевиќ. Колку е тешко да се биде Оливера Савиќ Балашевиќ?

– Морам да Ве поправам во првата од наведените работи – јас не се занимавам со мода. Она што личи на мода (што по дефиниција е убаво, но минливо) е, всушност, мојата преокупација со односот помеѓу поезијата и создавањето облека што им пркоси на трендовите и на сезонските диктати, преку учење како овие две форми на креативност коегзистираат, како се испреплетуваат и се справуваат едни со други предизвиците пред кои нè поставува животот. Пишување, творење, спортување, настава и сè друго што направив и што го правам сега, се мои избори и мои љубови.

Се надевам дека повикот од вашата прекрасна земја следуваше затоа што препознавте нешто од мојата посветеност и креативност. И кога е тежок, и кога е лесен, животот е големо чудо. Никогаш не сум ја делела убавината од добрината. На прашањето колку е тешко да се биде Оливера Савиќ Балашевиќ, ќе одговорам со прашањето: Колку е тешко да се биде човек?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот