Олигархија, глобалниот систем на владеење

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Кога владејачите ја имаат моќта зашто се богати, вообичаено е тие да се малкумина или неколкумина (oligoi), но кога се сиромашните на власт, тие се многу, зашто само малкумина се богати, но сите се слободни (доколку се граѓани на полисот), па испаѓа дека богатството и слободата се единствените суштински критериуми за одредување на видот на владеењето на едните или другите.“

Крајот на дваесеттиот век, кој според Ерик Хобсбаум е најкусиот и најкрвавиот век во историјата (затоа што започнал во 1914-та, а завршил во 1991 година, и го обликувале Првата и Втората светска војна), го остави светот со само една посакувана економско-политичка опција: капиталистичката либерална демократија. Во истиот миг кога остана сама на историската сцена, капиталистичката либерална демократија ревносно се фрли да заврши три темелни задачи: да се прогласи себеси за финална форма на владеењето на земјата, воедно прогласувајќи го крајот на историјата; да врши сопствена ретроактивна сублимација, ангелизација и деификација, пишувајќи ја наново историјата во која таа сега веќе нема ниту капка крв на рацете; да се однесува како планетарен хегемон и – како што формулира Борис Буден – да уништува цели општества, да убива милиони, да ја зголемува нееднаквоста до фараонски величини, да го втерува светот во климатска катастрофа, и да го бутка човештвото во амбисот на нуклеарниот холокауст. А сето тоа, либерално капиталистичката демократија го прави како да е „трансисториска инстанца на апсолутната невиност“, со автоматска и по себе разбирлива неказнивост, „оправданост“ и безгрешност.
Во последните три децении и идејата за демократијата и самото значење на зборот претрпеа радикални промени во правец на нејзиното претворање во вонисториска сублимација што е испрана од сите масакри, покољи, поробувања и силувања, лаги, измами и неправди, со кои обично се раѓа и развива секоја форма на владеење во вистинската историја. Но, сведоци сме на повторното враќање на историјата во третата деценија од 21 век, во која капиталистичката либерална демократија безмалку перверзно ги злоупотребува и искривоколчува сопствените идејни темели, морални вредности и демократски институции.
Овој процес го следат вампирскиот неоколонијализам, растечката милитаризација на државите на „ангелскиот Запад“ со веќе нормализираната воена пропаганда, малоумните обиди за реиндустријализација на Европа и на Америка заради преоѓање во модусот на „воената економија“, како и бесрамното баталување на глобалните напори за справување со климатските промени што либералниот капитализам и демократија самите предоминантно ги предизвикаа. Сево ова на крајот се крунисува со најстрашниот процес на општото бабрење на фашизмот (кој е задолжителното и вообичаено „решение“ на кризите на либералната демократија) во својата досега најзбунувачка и најперверзна форма: како комбинација на хистеричниот милитаризам на ѓоа левицата составена од демократи, либерали и зелени, заедно со ултранационализмот и ѓоа патриотизмот на десничарските демохристијани, конзервативци и на традиционалните неонацисти и фашисти. Јад и чемер.

Атинската демократија

Но, „вистинската“ демократија, онаа историската, човечката, што е родена како и секој човек помеѓу говното и мочката – како што напишал Свети Августин (Inter faeces et urinam nascimur), никогаш не се остварила со денешното фотошопирано ангелско лице, а не постоела ниту со значењето на зборот со кој се родила пред две и пол илјади години. Атинската демократија ја „измислил“ Клистен, кој во 508 година пред нашата ера, во мугрите на грчката „златна доба“ вовел уставна реформа на системот на владеењето на атинската град-држава, во која се раскинува со родовско-племенското организирање на власта и се воведува територијалниот принцип на претставничка демократија, во која основната единица е „дема“, а власта ја врши собранието составено од четиристотемина или петстотемина граѓани.
Клистен системот на владеење го нарекол „изономија“, што значело еднаквост на политичките права, а не демократија, како потем упорно ја рекламираше најголемиот владејач-стратег на Атина и пропагатор на атинската демократија, Перикле. Историската стварност на атинската демократија, меѓутоа, била сè друго само не мирољубива држава во која владее еднаквоста помеѓу сите нејзини граѓани. Атина била милитаризирано општество, не толку како Спарта, во која сите живееле во касарни, но во кое сите граѓани и околните селани биле воедно и војници, застрашувачки хоплити, најценетите специјални единици во тоа време, чијашто должност како граѓани била – секогаш кога ќе затреба – да се борат против државите непријатели на Атина, а многумина заработувале и како високоценети војници, платеници во сите царства на стариот век (Вавилон, Персија и други).
Жестоката борбеност и воената суровост била основа за процутот на културата, уметноста, занаетчиството и трговијата на Атина и на грчките градови-држави во нејзиниот сојуз. Воената обврска Атињаните ја извршувале паралелно со своите цивилни животи, па познато е дека Платон бил лут борец, кој и името го добил како војнички прекар што значел „со широки плеќи“. Запаметено е, исто така, и дека неговиот учител Сократ, првиот „љубител на мудроста“ (што зборот „филозоф“ значел на старогрчки), во зрела возраст во бој му го спасил животот на младиот Алкибијад, последниот голем атински стратег од времето на самракот на владеењето на демократијата и златниот век. Атинската демократија се развила, но и исчезнала во бескрајните војни што ги водела со Спарта, со Персиското Царство и со непослушните сојузнички, вазални или независни градови-држави.
Така што, вистината за толку славената атинска демократија, всушност, е дека таа била сурова милитаристичка и робовладетелска патријархална држава, во која „демократијата“ важела само за 30 насто од населението, зашто робовите и жените не биле граѓани со политички права. А империјалистичката суштина на атинската демократија најсликовито ја опишал самиот Алкибијад, последниот голем стратег на Атина, со зборовите: „Ако не владееме со другите, другите ќе владеат со нас“. И уште: „Мораме да ја зголемиме моќта на Атина. На тој начин и го освоивме нашето царство. Дојдовме до дереџе кога мораме да планираме нови освојувања за да успееме да го задржиме она што го имаме“! Може слободно да се рече дека првата и најславната историска демократија во пракса била една агресивна милитаристичка робовладетелска држава во која „народот“ никогаш и не владеел, која во стварноста била или олигархија или аристократија или плутократија или тиранија, но никогаш демократија.

Дефиницијата на Аристотел

Аристотел – како и неговиот учител Платон – немал добро мислење за демократијата и бидејќи веќе бил нурнат во векот кога таа исчезнува од неговиот свет, пишувал за неа чисто теоретски коментари како за облик на владеење кој практично никогаш не бил остварен во нејзината вистинска смисла. Во неговата славна „Политика“, тој дури на четири места се занимава со суштинскиот опис и дефиниција на демократијата: „Дефинициите на демократијата и олигархијата што се темелат на условот дали многуте што се мнозинство или малкумината што се незначително малцинство ја имаат власта во свои раце е проблематична, доколку може да се претпостави дека е можно да се случи мнозинството во државата да се богати луѓе или малцинството да се сиромашни, но сепак да владеат. Всушност, дали мнозинството или малцинството ја има власта во државата е само несуштински и квантитативен фактор за одредување на видот и природата на власта. Вистинската разлика помеѓу демократијата и олигархијата е помеѓу сиромаштијата и богатството. Кои и да се владејачите, без оглед дали се малцинство или мнозинство, доколку моќта ја црпат од своето богатство – тоа е олигархија. А кога сиромашните владеат, тоа е демократија. Кога владејачите ја имаат моќта зашто се богати, вообичаено е тие да се малкумина или неколкумина (oligoi), но кога се сиромашните на власт, тие се многу, зашто само малкумина се богати, но сите се слободни (доколку се граѓани на полисот), па испаѓа дека богатството и слободата се единствените суштински критериуми за одредување на видот на владеењето на едните или другите.“
Не постои поедноставна, попрецизна и појасна дефиниција на демократијата и на олигархијата како видови на владеењето со држава, од горнава на земјакот Аристотел, а сепак, денешниов свет, особено земјите на развиената демократија на колективниот Запад, воопшто не ја користат. Зашто, да се примени оваа суштинска дефиниција на стагирецот на денешниов свет, но и на поновата историја, ќе се види дека ниту една земја од Европа, Америка и далекуисточните членки на развиениот демократски Запад, не се и никогаш не биле демократии. Кога ќе го чита човек „Првиот учител“ (како што Аристотел го нарекувале во научните кругови низ целиот среден век) му станува јасно она што цел живот го гледал околу себе, но никако не можел да го види. А тоа е дека земјите на капиталистичката либерална демократија, без оглед на степенот на кобожемската либералност или демократичност, секогаш беа и сè уште се чисти олигархии со демократска гардероба, накит и шминка. И дека социјализмот беше систем на владеење, кој е според Аристотела најблиску до демократијата од сите историски реализирани форми на власт, а пак олигархијата е, за жал, единствениот систем на владеење на планетава во 21 век.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот