ОЈО допрва ќе решава дали ќе има обвинение против Хусни Исмаили

Хусни Исмаили, Фото: Архива

Номинираниот кандидат од Алтернатива за потпретседател на Собранието е осомничен од Антикорупциска дека како поранешен министер за култура постапувал незаконски и создал обврски за Буџетот од 33 милиони денари

Обвинителството оформило предмет за пратеникот и иден потпретседател на Собранието, Хусни Исмаили, откако Антикорупциската комисија побара тој кривично да се гони за злоупотреба на службена должност во време кога тој беше министер за култура.

„Пријавата до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е пристигната кон крајот на минатата недела и веднаш е распределена кај надлежен обвинител“, велат за „Слободен печат“ од Обвинителството и додаваат дека допрва ќе решава дали ќе биде поднесено и обвинение.

Партијата Алтернатива викендов меѓу пратениците Скендер Реџепи и Хусни Исмаили одлучи токму Исмаили да го номинира за функцијата потпретседател на Собранието како дел од договорот помеѓу премиерот Зоран Заев и Африм Гаши за влез на Алтернатива во власта.

Антикорупциска потврди дека до ОЈО поднела иницијативата за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура, кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година, поради сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со договори и анекс-договори склучени во врска со годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес. Владимир Георгиев, член на Антикорупциската комисија, вели дека тогашниот министер постапувал незаконски и во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс-договори и со тоа создал обврски за Буџетот од над 33 милиони денари.

Исмаили на Фејсбук коментираше дека против него не се води кривична постапка, а иницијативата на ДКСК не значи и кривичен прогон. Како потврда дека против него нема поведено обвинение Исмаили на Фејсбук приложил уверение од Основниот суд Тетово издадено завчера. Според него, објавите се тенденциозни со цел да го дискредитираат. Иако стапивме во контакт со Исмаили, тој не сакаше дополнително да коментира ниту за кривичната, која веќе е во Обвинителството, ниту дали тоа ќе влијае врз неговата номинација за потпретседател на Собранието.

Освен можното обвинение за Исмаили, Алтернатива во пресрет на формалното влегување во новата влада ја тресат и внатрепартиски несогласувања. Како што веќе објави „Слободен печат“, членката на Централното претседателство Нафие Селмани поднесе оставка од партиското тело, револтирана дека партискиот лидер Африм Гаши не предложил ниту една жена за министер и за заменик-министер во новата влада. По ова, Селмани преку Фејсбук информира дека не само што поднела оставки од претседателството и од местото координатор на советничката група на Алтернатива во Чаир, туку и дека ја напушта партијата.

„Да се каже дека нема жени во Алтернатива и да се зборува за некаков потенцијал е непростлив срам“, напиша Селмани, која како причина за оставките ја наведува незастапеноста на жените во извршната власт.

Гаши: Исмаили е чист како солза, ако се утврди вина јас давам оставка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот