„Огнените“ ја добија првата битка, Ахмети ги прифати барањата: Смената на Груби клучна и за „војната“ во ДУИ

Фото: МИА

Коментарите во круговите блиски до Груби, пак, се дека Ахмети не попуштил, „огнените“ ништо не добиле, бидејќи не биле во право и дека не е важно кој ја добил битката, туку кој ќе ја добие војната

„Огнените“, предводени од Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и Садула Дураку, ја добија првата битка на средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тие во брифинг за „Слободен печат“ велат дека по добиената битка, се подготвуваат за втората рунда – формирање на Централното претседателство, закажано за 15 октомври, и смена на првиот вицепремиер Артан Груби, или, како што велат „на новиот Тачи не му е место во Владата“.

Коментарите на блиските до Груби, пак, се дека Ахмети не попуштил, „огнените“ ништо не добиле, бидејќи не биле во право и дека не е важно кој ја добил битката, туку војната.

Шестчасовната средба во Мала Речица била мачна и тешка, а најмногу отпор Ахмети давал кога станало збор за смена на Груби и на други министри, брифираат „огнените“. Лидерот на ДУИ бил лут, бидејќи инсистирањето за смена на Груби го доживува како ултиматум, дека не знае да менаџира со кадрите и дека „огнените“ партиските недоразбирања ги изнеле на јавна сцена. Тука и запнале разговорите, а половина од средбата потрошиле за смена на Груби и на други министри.

Потврда дека првата рунда ја добиле „огнените“ е изјавата на Ахмети по средбата – дека дебатата се вратила во партијата, што беше и едно од клучните барања на бунтовниците.

– Денеска имавме разговор со долгогодишните соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме и во суштина дебатата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание, каде што ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш, истиот ден, новото претседателство ќе се врати во седиштето на ДУИ каде што, меѓу другото, ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ – изјави Ахмети.

Формирање на партиските тела, односно Централното претседателство, како и отчет на министрите за сработеното, исто така беа барања на „огнените“, кои Ахмети ги прифати.

„Огнените“ велат дека битката не е завршена и дека сега се подготвуваат за второто полувреме, односно за смена на Груби. Тие велат дека му укажале на Ахмети оти сите одлуки треба да се носат во органите на партијата, а не индивидуално.

– Груби и другите министри не се страна во разговорите. Тие политички и организациски не одлучуваат, бидејќи немаат поддршка од базата. Професионално ќе одговараат, бидејќи се именувани на функциите без да поминат во партиските органи и немаат легитимитет. На Централното претседателство ќе дадат отчет за сработеното во изминативе најмалку две години. Ќе слушнеме што направиле, кои се грешките. Остануваме на барањето за смена на Груби. На новиот Тачи не му е место во Владата – велат „огнените“.

Според нив, „втората рунда“ ќе биде пожестока. Политичката тепачка со аргументи ќе продолжи и отчетот на министрите ако треба ќе трае и два дена, но мора да има одлука кој ќе остане на „Илинденска“.

Освен Централното претседателство, на 15 октомври очекуваат дека ќе бидат избрани и новите потпретседатели, како и организацискиот и генералниот секретар на партијата.

Од друга страна, и Ахмети и блиските до Груби ги амортизираат заклучоците од средбата со „огнените“. Ахмети оцени дека „немало оган“, ниту „огнена група“ и дека ќе продолжи партиската дебата.

– Нема оган, нема пламен, карактеристика на ДУИ е дека никогаш немало напори да се изгасне различното размислување, да се истисне или да се војува против различно размислување. Напротив, со почитување на тоа сме дошле до вистинските одлуки. Нема оган, нема ни да има – изјави Ахмети.

Меџити, пак, рече дека е задоволен од средбата, додека за побараната смена на вицепремиерот Груби кажа дека ќе продолжи дебатата за нивните барања.

– Дебатата ќе се врати во ДУИ, органите ќе одлучат за тоа што понатаму со нашите барања – рече Меџити.

Поради отсуството на одлука за смена на министри, круговите блиски до Груби велат дека „огнените“ ништо не добиле, иако главното барање им било смена на првиот вицепремиер.

– И пред да побараат „огнените“, Ахмети планираше избор на Централното претседателство. Тие повторно се наредија зад Ахмети, лидерот не попушти, а тие не сменија ниту еден министер – велат во одбрана на Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот